Сонот на Платон

Сонот на Платон
RaGeAnGeL
 
Објавена во 1756 година, оваа приказна го искажува ставот на Волтер дека тоа што ја создало Земјата и целиот сончев систем можеби и не било толку совршено. Дека можеби тоа не бил некој идеален бог, туку обични вонземјани како оние од СФ филмовите. Нормално, во тоа време, Волтер не ни помислувал јавно да богохули. Затоа, под маската на еден сон, ги искажува своите идеи. Сигурно претпоставувате, оваа приказна не го направила многу популарен во црковните кругови.

Волтер



Во дамнешни времиња соништата биле многу ценети, а Платон бил еден од најголемите сонувачи. Неговиот сон, Републиката, е заслужено ценет, но следнава скоро непозната приказна, најверојатно е неговиот најзапрепастувачки сон, или кошмар:

Големиот Демиургос, небесниот геометар, откако беше расфрлал небројни светови по бескрајната вселена, одлучил да го провери знаењето на оние помали надсуштества, кои исто така биле негова креација и кои биле сведоци на неговите дела. На секој од нив му дал по малку материја за да ја уреди, исто како што нашите учители по уметност им наложуваат на своите ученици да изрезбарат статуа, или да насликаат слика, ако можеме да ги споредуваме овие мали работи со големите.

Откако ја добил грутката што денес ја нарекуваме Земја и откако ја обликувал како што изгледа сега, Демогоргон помислил дека направил ремек-дело. Си замислувал дека успеал да ја замолчи дури и Зависта и очекувал да го добие највисокото признание, дури и од неговите собраќа. Колку само големо било неговото изненадување кога при претставувањето на неговото дело тие засвиреле со негодување!

Еден од нив, малку посаркастичен од другите, проговорил:

- Навистина си направил јуначки дела! Си го поделил светот на два дела, а за да ги спречиш да коминицираат, си ставил едно чудо вода меѓу двете хемисфери. Жителите мора да умрат од студ на двата твои полови и да изгорат од жега на екваторот. Со својата мудрост си направил огромни пустини од песок и секој што патува по нив може да умре од глад и жед. Не можам да им најдам маана на твоите крави, овци, петли и кокошки; но никако не можам да се помирам со твоите змии и пајаци. Твојот кромид и лук се нешто прекрасно, но не можам да сфатам што те натера да засееш толкав куп на отровни растенија на планетата, освен за да ги отрујат нејзините жители. Понатаму, ако не грешам, си направил околу 30 различни видови на мајмуни, значителен број на кучиња, а само четири или пет раси на луѓе. Мора да признаеме дека на луѓето им го подари талентот што го нарекуваш Разум, но толку лошо го користат што слободно можеш да го наречеш Лудост. Покрај тоа, изгледа дека баш и не ти е многу грижа за ова двоножно суштество затоа што си го оставил со многу малку средства за одбрана; си го направил подложен на многу болка, а си му дал малку лекови; си го направил со мноштво страсти, а со премалку мудрост и разумност за да им одолее. Се гледа дека не ти било баш по ќеиф да има поголем број од овие животни на Земјата истовремено. За една година малите сипаници можат да збришат една десеттина од овој вид, а другите болести можат да ги заразат изворите на живот на останатите. И на крај, како ова и да не беше доволно, работите си ги распоредил така што половина од оние што ќе преживеат ќе бидат зафатени судејќи се или сечејќи си ги главите. Да, тие мора вечно да ти бидат благодарни, а јас морам да признаам дека си направил вистинско ремек-дело.

Демогоргон поцрвенел. Сфатил дека во неговото дело имало многу морално и физичко зло, но с#232; уште верувал дека тоа содржи повеќе добро од лошо.

- Лесно е да се наоѓаат мани- рекол- но, мислите дека е многу лесно да се направи животно коешто имајќи разум и слободна волја, никогаш нема да ја злоупотреби својата слобода? Или дека при засадување на десет илјади растенија е лесно да спречиш некои да имаат штетно дејство? Сметате ли дека со одредено колишество на вода, песок и кал можете да направите топка без море или пустина?

- А што се однесува до тебе, мој потценувачки пријателе, мислам дека ти си ја направил планетата Јупитер. Ајде сега да видиме што си направил ти со своите големи прстени и долги ноќи и четири месечини за да ги осветлуваат. Ајде да ги погледнеме твоите светови и да видиме дали нивните жители се оперирани од глупавост и болест.

Неговите пријатели ја погледнале планетата Јупитер и наскоро почнале да му се смеат на потценувачот. И креаторот на Сатурн си го добил заслужениот дел од потсмевањата, исто како и креаторите на Марс, Меркур и Венера.

Смеата и постмевањата го беа достигнале својот врв кога вечниот Демиургос побарал да се смират:

- Во вашите дела има и добро и лошо, затоа што вие имате многу разбирање, но истовремено ви недостига совршеност. Вашите дела ќе траат само неколку милијарди години, а за тоа време вие ќе научите многу повеќе и ќе моделирате многу подобро. На мене останува работите да ги правам совршени и бесмртни.

- Како нас? - праша Демогоргон.

Демиургос се намрштил и Платон се разбудил.

Или не?