Големата Градба |
||||
Sirius | ........ Знаењето, на пример, прави да не бидеме осамени; да не се чувствуваме загубени, да не бидеме слаби, несреќни. Знаењето е дури и оружје против непријателот. Затоа, желбата за знаење, како и стремежот да се напише лирска песна или изгради цел град или само едно бачило, се сите од ред исти по своја вредност, и освен што се еманации на негова моќ, тие се и молитви благодарност кон Него за тоа што ни дарувал дел од својата моќ. Големата Градба е еден обид да се остане во ист ред настани кои ја обликувале историјата. Да Винчи, Мимар Синан, или сепак, како да беше тоа Микеланѓело !?, се насмеа гласно и срдечно. Се` што имаме, подарок е од Господ. Сето знаење доаѓа од Него, како и сета сила. Но, кон тие подароци треба да се однесуваме внимателно и одговорно. Треба да ги запознаеме, да ги негуваме, да ги одржуваме во беспрекорна кондиција. Умот треба да ги дисциплинира страстите, за сите заедно да ја исполнат смислата на дарувањето. Така ќе можеме во секој миг да го дадеме сето она за коешто сме способни. А повеќе од тоа, ниту некој може да даде, ниту Господ од некого бара. Останува нешто битно нејасно! Полугласно рече еден длабоко замислен гостин. Многу нешта се нејасни во животот и такви ќе останат! Но, сепак, да се обидеме да ги разјасниме оние нешта што се нејасни во врска со Големата Градба. Кажете, што е она што за Вас остана нејасно!? Ведро и пријателски го охрабруваше Микеланѓело, со поткрепа на сите останати личности собрани во овој необичен човек. Па еве, не е јасно зошто Вие воопшто градите? Или, зошто човештвото гради? Да се вратиме, сепак, кон Вас. Вие велите - две страсти! Но човек има многу страсти. Некои од нив се и деструктивни, опаки, како за другите, така и за него самиот. Па сепак, тој избира да биде конструктивен и да стреми кон знаење. Многумина, да не заборавиме, ja избираат другата, негативната можност! Што одлучува за која варијанта ќе се определиме во изборот!? Мимар Синан и Микеланѓело, како да се повлекоа пред Аристотел, или Ал-Газали: Кога човек ќе се лизне и ќе почне да паѓа, дали тој тогаш избира да падне? Секако дека не избира. Тој едноставно паѓа, најнапред заради грешката сторена од него, во проценката или недоволното внимание, а потоа, заради силата на бездната, и гравитацијата кои не оставаат избор. Деструкцијата, насилството, злосторништвото, алкохолизмот, негативноста кон животот - едноставно не се чинови на избор. Правејќи така, човек не избира. Тој едноставно паѓа. Злото е пад. Падот е зло. Се избира во согласност со разумот кој секогаш не води кон она подоброто. Затоа, не можете да изберете зло. И затоа, правејќи избор, нужно го избирате она конструктивното: знаењето и градењето! Со Ваша дозвола! Но доколку ние нужно бираме само кога го бираме доброто, а тоа е интересна точка на гледање, тогаш сепак, во една подлабока смисла, ние и немаме избор. Нашата природа е просто така создадена да стремиме кон знаење и градење, нека ми биде дозволено да се послужам со Вашата селекција битни стремежи. Тоа натаму имплицира дека сме определени со нешто друго од нас самите, нешто пред или надвор од нас. Се додека не го утврдиме тоа што ни ја дава таа страст, тој стремеж, додека не го регистрираме изворот на тој конпеж, ние во основа немаме вистинско објаснување за своите постапки. Прото Мајсторот беше внимателен и заинтересиран. Откога се увери дека разговорот е од општ интерес, тој го даде своето објаснение: Мислам дека поставивте разумно и многу важно прашање. Да се одговори на него, значи да се одговори на клучниот мотив, централната инспирација на сето она што луѓето го спроведувале низ милениуми како изградба на цивилизација. Значи, ќе треба да се утврди она што луѓето ги наведувало низ милениуми да создаваат, наместо само да опстанат, и уште, да создаваат убаво, наместо само да создаваат. ‘Зошто воопшто нешто, зошто не - ништо?’ е прашање од ист ранг како и Вашето. За мене, јас го имам своето објаснување. Не знам, меѓутоа, колку тоа може да се промовира во добар одговор на вашето прашање. Микеланѓело молчеше. И Рафаел... Ал-Газали и Аристотел имаа сега збор. Треба да се биде цврсто решен нешто да се направи. Тоа значи, нешто за што вашиот разум знае дека е добро и оправдано, дека е усогласено со највисоките етички стандарди. Оној што знае дека прави нешто што е добро, исправно, оправдано, нешто што е потребно, има некаква сила за која инаку, додека е пасивен, не е свесен дека е во него. Не знам како тоа се збиднува, но откога ќе почне нешто такво, работите за оној кој така дејствува, почнуваат како сами од себе да се редат, или како некој да ги реди на најдобар начин, за да ја овозможи реализацијата на тој потфат. Може да се чини малку мистично, малку нејасно - признавам, но за мене тоа е сосема јасно и разбирливо. Конечно, тоа е моето искуство. Ако можам да градам, јас градам. А кога градам, градам најдобро што можам. Ако Вие не знаете, тогаш кој би знаел!? Веројатно, тоа е таа тајна, и друга тајна за мотивите и инспирациите на градењето на нашата Голема Градба, едноставно и нема. Заклучи замислениот филозоф. Не знам. Можеби има. Некаква константна еманација како да праќа своја инспиративна сила низ сите овие илјади години, и како секој од големите градители да не можел да постапи поинаку, отколку да создава најдобро што може. Но, која е таа сила, кој е тој извор што еманира? За кого би биле готови да оставиме се` друго и да се посветиме на тоа нешто да создадеме и тоа да го направиме на најдобар начин за кој сме способни!? Одново тоа беше Микеланѓело, ренесансен човек цврст и ведар, а кадрите обрабуваа едно интелигентно насмевнато и многу човечко лице. Во тој миг, влезе еден млад шеф, со жолт пластичен шлем на глава, кој го чинеше уште помладолик, и праша: Ќе се оди ли на Високата Кула? Треба да знаеме дали да ја отклучуваме, бидејќи работниците за завршни фасадни работи доаѓаат дури од утре. Микеланѓело прашално погледна во присутните. Најстариот гостин, професорот од Оксфорд, беше тивко заспал, со шишето минерална вода в рака. Повеќето гости веќе се беа препуштиле на освежувачките усилби на клима уредот. Добро, јас ќе останам тука со гостите. Тие кои сакаат да појдат да ја видат глетката од Високата Кула, нека појдат со Вас. И внимателно, оти таму се незаштитени скалите! На самата капија од Големата Градба, веќе на заминување, додека гостите се поздравуваа со директорот на градилиштето и неколкуте инженери кои ги придружуваа во текот на обиколката, готвејќи се за заедничка спомен фотографија, се вкрстија погледите на (Мимар, Микеланѓело, Ал-Газали, Аристотел...) Прото Мајсторот и јас, гостинот што се беше качил до врвот од Високата Кула. Без зборови, само со погледот на сите Да Винчиевци и Микеланѓеловци, сликари и филозофи, Прото Мајсторот ми го постави прашањето што ги интересираше сите нив, како и сите други градители и оние кои се жедни знаење и убавина: Го знам добро моето дело. Знам дека си бил на врвот. Што откри за тајната на Големата Градба? Само со погледот одговорив: Јас ја видов. Но и открив дека никој не може да ја види тајната на сопствената Голема Градба! користени се цитати од Г. Градба, Мухиќ |