Полна Универзална како врв во кариерата

Полна Универзална како врв во кариерата
dejan
 
Ако еден пејач во својата, макар и куса, кариера не успее да собере над илјада луѓе во својот роден град, местото каде што живее, каде што го познаваат, тогаш според кој параметар тој може да се нарече успешен или дури ѕвезда!? Настап пред околу 1.500 луѓе, односно концерт во полна Универзална сала е сон на речиси сите македонски музички ѕвезди (зашто поголем простор и немаме). Градски е преголем залак. Луѓе од естрадата кои можат да ја наполнат Универзална се бројат на прсти ако се изземе фантастичниот Тоше Проески. Тој е надвор од конкуренција затоа што може и веќе го наполнил и Градски, а за еден месец ќе има и втор обид (да се надеваме повторно успешен). На врвот се уште недостижните Владо Јаневски со три концерта едно по друго и Каролина, и Калиопи, и само уште неколкумина. Тие се држат на листата со најдобри концертни позиции и слободно може да се каже дека тука, со нив, завршува листата на најбарани, нормално и најслушани пејачи. Од фолкерите во последно време никој не направил таков потег - само Есма и тоа наменски за да го одбележи 50-годишниот јубилеј.
Публиката ретко се решава да одвои од својот буџет 300 и повеќе денари за да биде дел од концерт на домашен пејач. И кога некој ќе се реши да направи концерт, Универзална најчесто останува полупразна, а посетителите влегуваат со гратис - билети од пријатели и спонзори. Дали домашните пејачи не се доволно интересни и немаат што да и понудат на публиката за да се реши да ги удостои со присуство и да даде пари за влезница?! А можеби причината е и недоволниот број песни за двочасовна журка.
Сите естрадни фаци кои се на сцена и по неколку години само најавуваат концерт, но тоа изгледа им е само пуста желба. Ребека, Биба Додева, Маја Вукичевиќ, Искра Трпева, Маријан Стојановски, Мартин Вучиќ... се само дел од листата. За разлика од домашните естрадни лица соседите кај нас добро поминуваат, пред се финансиски. Не им е проблем да наполнат една, па и две-три тури во Универзална. Публиката оди на нивните концерти плаќа и по 600-700 денари, ги пее нивните песни и паѓа во занес. Зошто е така, веројатно, уште долго ќе се чудиме. Алки во синџирот, секако, недостасуваат.
http://www.vecer.com.mk/tekst.asp?tid=27869