Trendo
Trendo
BorisVM ПОДДРШКА НА МОИТЕ [img]http://on.net.mk/SiteImages/fromweb3112.jpg[/img] А јде да пробам вака: со што ли се замајавав во ова време ланската година? Лежев во топла када со 19 годишната московјанка Татјана додека нејзината сестричка Лариса цупкаше со голите ноџиња по станот барајќи го ружиното масло за масажа? Хмм, не, јеби га. Јадев ајвар? Да, али није битно. Менхетн? Така е! Не треба многу да запињам за да се сетам како со подзината вилица гледав како небото над Њујорк неочекувано се ослободува од бодежот на кулите близначки, како со ококорени очи ги следев билмезите на Осама кога се залетуваа во мазните фасади правејќи масовен курбан за нивната приглупа кауза. Од ова заборавено ќоше на тркалезната планета пацерски комотно терав мајтап со соцреалистичката иконографија на американската обнова и развој , чудејќи и се на големата земја како лесно паѓа на шармот на не баш наивните бушалаштини на Џорџ Дупло Ве. Да, трагедија, ама туѓа. Сето тоа се случуваше на пар илјади километри од мене и на една љиљакова виза од овде. Една година потоа, што тоа? Ајвар се уште немам пробано, Татјана и Лариса се се подалеку од мојата када а Менхетн... тој некако чудно се довлечкал под моето тело. Стојам јас, онака блентаво на своите нозе близначки, сигурен во челичната конструкција на мојот флегматичен нервен систем. И гледам како во мојот правец се залетуваат непријателски летечки објекти. Бааам! - се збичува во мене предизборна парола од типот Патриот. - Врабадау!!!- ме грува смртоносен слоган со калибар 2,002. -Фијууу - ме цивнува партиска програма со граѓанско полнење. Јас стојам, не се тргам. Па, каде да одам побогу? Башка, во оваа приказна јас сум кула а кулите не знаат да одат. Мојата мазна постодморска фасада полека се рони а челичната конструкција почнува да се топи од лесно запалливата изборна реторика. Знам, близначките нема да додржат. Паѓам. Кандидатите за пратеници здружено ме замолија да не дигам многу прашина кога ќе паѓам, па паѓам полека и тивко. Како што е ред да паѓаат малите луѓе на овие простори. Дремам расситнет на илјадници парчиња и се прашувам дали еден ден ќе ја дочекам и јас својата обнова и развој. Еве, баталете ги евтините паралели меѓу оваа и онаа недела. Наш човек секогаш повеќе добацува во минатото отколку во иднината, а јас во минатото не гледам кога сум поминал полоша недела од оваа. Богами ви викам. Вака не сум ги броел деновите уште од војска. Стискам заби и го чекам денот кога грубата предизборна чоја ќе ја заменам со удобен цивилен памук. Избори, избори па преку избори. Не ми е баш јасно што ќе правам по нив ама знам дека нешто морам да сторам со себе. Ќе го вапцам станот. Толку е зачаден со партиски тв спотови што мислам дека во него нема да може да се живее ако не му удрам две три раце поликолор. Завесите ми се натопени со пароли, килимите се импрегнираа со ветувања, кога одам по нив, облачиња се креваат. На станот му треба дебела генералка, како да го превземам од кираџии со хигиенски навики на киевски клошар. А кираџиите што неделава минаа низ него беа бетер од тоа. Која се будала не успее да се шмугне низ катодната цевка и в лице да ми ја пуфне неговата ние-знаеме-како програма, какви се звуци од комбиња не се прошверуваа под глината на моите пенџериња. На врата ми ѕвонат како да сум маалска гатачка. Груевски носи кафиња и локуми, Бранко тоа принципиелно го критикува ама неговите луѓе дома ми нудат упаљач со името на нивниот лидер, третиве ми туткаат во раце флаери со своите визии и халуцинации. Реума фатив дремејќи на врата испраќајќи партиски коледари. В о разбуцаните кластери на мојата меморија се уште наоѓам траги на наивниот елан со кој почнав оваа недела. Си викав, одморен си, тазе си, слободно опушти се во оваа карневалска Македонија која секојдневно ја крстарат десетици патувачки циркуси, нудејќи им на луѓето чудотворни лекови против импотенција и волшебни средства за враќање на косата. На почетокот одеше некако. Уживав во мојот ол тајм фејворит Ѕинго, неговиот електро бади ленгвич и интересната еволутивна теорија на социјализмот: Хомо Еректус - Васил Главинов - Ѕинго. Феноменално си проаѓав со експресивниот БС во чиј фацијален израз може да се забележи постојана битка меѓу етеричниот лик на Саи Баба и замрзнатата насмевка на Џокер од Бетмен. Заедно страдав со оној негов чичко чија струја одамна е исклучена ама тој и натаму редовно проверува што има во фрижидерот. Потоа се опуштав со аквариумскиот филинг на асинхроните спотови на СДСМ чии бардови како риби ги отвораат устите не успевајќи да ги стасаат забревтаните зборови. Нормално, екстазата и овојпат беше резервирана за накиснатиот Љубе - 9,5 недели - Бошковски и неговата митингашка изведба на влажната Ким Бесинџер. Ама се си има мерка. Ако твојот комшија запее некоја убава песна, тебе може дури и фино да ти дојде. Ама ако комшијата ја дрднда истата песна по цели божји денови, редно е да му дадеш до знаење да заќути. Јас толку се прејадов што веќе ниеден вкус не го разликувам. Добро, меѓу оние што се кандидираа, сигурно има фиљан луѓе. Гласајте ги. Мене некако ми личи дека нема да ви се придружам во правењето на новиот кастинг. Оти жанрот ми е фуј. Да не го дадам својот глас, тоа ми изгледа како пристојна, тивка одмазда на бучавата која ми ја приредија. Ќе рече некој, ако не гласаме ние, нашите ќе изгубат од оние другите кои се прилично ажурни при пополнувањето на ливчињата. Ама ајде! Кои се моите? Оние што пред некој ден пукаа по град патриотски славејќи ја победата на Југославија? Моите - ако веќе треба да бидеме прецизни - се во Дојран. А Дојран знае да биде прекрасно питом во недела. Башка, старата ми вети дека до тогаш ајварот сигурно ќе биде готов. Овие другиве, нека попричекаат на мојот глас. Како можам јас сиве овие години трпеливо да ги чекам Татјана и Лариса?
Mufla trendo e zakon madness is the gift that has been given to me