Откриен лактадукт кај манастирот Јоаким Осоговски

Откриен лактадукт кај манастирот Јоаким Осоговски
Kaneo
 
ВО МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“ КАЈ КРИВА ПАЛАНКА

Откриен дел од трикилометарски млековод

Преку него било пренесувано млекото од Осоговските Планини, од месноста Љуљки, каде што било сместено манастирското стадо овци и кози, до манастирската магерница, каде што млекото се преработувало


Дел од трикилометарскиот млековод, изработен од керамика, по кој се трага долго, е откриен деновиве во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка. Манастирска екипа конечно успеа да го пронајде долгобараниот лактадукт, за кој се претпоставува дека бил изграден во времето на активниот стопански живот што се одвивал во овој комплекс. Покрај млеководот, се откриени и остатоци од стара градба, изѕидана од кршен камен и од тули, исти како тие со кои била доизградена малата црква „Света Богородица“ во 14 век. Манастирското настојателство очекува стручна екипа од Републичкиот завод за заштита на културно-историските споменици, која ќе треба да изврши истражувања и да даде податоци за овие пронајдоци.

Дел од трасата на млеководот изработен од керамика е пронајден во близина на големиот крст над манастирската штала, а според сознанијата тој е долг околу три километри. Преку него било пренесувано млекото од Осоговските Планини, поточно од месноста Љуљки, каде што биле сместене манастирското стадо овци и кози, до манастирската магерница, каде што млекото се преработувало.

- Првите траги од млеководот беа пронајдени пред повеќе години, кога се градеше резервоарот за водоснабдување на манастирскиот комплекс. Но, безуспешно ја истражувавме околината се' до пред неколку дена, кога конечно ги откривме керамичките цевки. Интересно е што пронајдовме и ќуп, сместен меѓу цевките, кој служел како таложник - вели старешината на манастирот, архијерејот Добрисав Бошковски.

Точни податоци кога бил изграден овој објект нема, но се знае дека во 1766 година, кога бил граден стариот конак, манастирот имал активно стопанство.

- Во тој период манастирот имал големо стадо од овци и кози, за кои се грижеле дури 30 момоци. Од тоа време се зачувани манастирскиот жиг со кој се обележувал добитокот и ѕвонецот што служел како знак за прифаќање на стадото кое се враќало од пасење. Според сенката, точно се знаело кога се пушта млекото од планината и кога млеководот се измива со врела вода - вели старешината Бошковски.

И жителите се сеќаваат дека во нивните семејства постарите ја раскажувале приказната за овој редок начин на пренесување на млекото.

- Дедо ми ми раскажуваше дека поради оддалеченоста на пасиштата од манастирот, млекото не можело да се носи до него, па бил изграден млековод. Сточарите во козји мешини го истурале од Љуљки, а луѓето во манастирот го прифаќале и од него правеле сирење, урда, кашкавал и кисело млеко, кое им го давале на сиромасите - вели Благој Алексовски од селото Кошари.

Од манастирското настојателство велат дека допрва треба да се истражува за да се утврди точната траса на овој објект. Тие планираат во старата крстилница да се направи импровизирана поставка на целиот овој процес, почнувајќи од стадото, па се' до конечниот производ што го изработувале луѓето од манастирот. Но, сите работи, кои ги води претпријатието „Белешков“, чиј сопственик е Предраг Велиновски, член на настојателството, засега се сопрени. За да не се оштетат млеководот и пронајдените остатоци од старата градба, се чека екипата од Републичкиот завод, која треба детално да го испита локалитетот.

Текстот е преземен од Дневник, издание од 25 мај, 2006.
Pro Patria 2 samo spiuni se vrtat niz sajtov cccc
ellena Hvala za informaciju!
Izvinjavam se sto ne mogu da pisem na makedonskom-jos uvek ucim jezik! Ja sam iz Beograda, ali decko mi zivi u Krivoj Palanci. Mnogo mi je lepo kada zajedno odemo do manastira, zaista je impozantna gradjevina sa neospornom lepotom kako manastira tako i prirode! Obilazak manastira zaista pruza duhovni mir i spokojstvo! Steta sto palancani ne znaju da bolje iskoriste svoj geografski polozaj i poreklo, umesto sto vecina sanja bugarske pasose! Makedonci probudite se... ja sam ponosna na svoje makedonske korene! Pozdrav...
Elena (bez "J" - hvala lepo)