Македонец ги уредува домовите на американскиот џет |
||||
Aleksandra | Македонец ги уредува домовите на американскиот џет-сет Крсте Гаков веќе неколку години ги дизајнира ентериерите на куќите на бизнисмени што „вртат“ милионски суми пари и на директори на „Мајкрософт“ Американскиот џет-сет неколку години му го доверува дизајнот на ентериерот во своите луксузни куќи на македонецот Крсте Гаков. Своите визии за совршен дом Гаков ги има пресликано во апартманите на директори на „Мајкрософт“ и на бизнисмени што „вртат“ милионски суми пари. За свој најголем успех го смета дизајнот на куќа во Северна Дакота, сопственост на американскиот богаташ Грег Лабарадор. Куќата вреди околу четири милиони, а само за уредувањето биле потрошени 300.000 долари. - Една од најголемите „перверзии“ што си ја дозволив за време на дизајнирањето на куќата на Грег е патот до саемот за мебел во Џексонвил, Флорида. Во весник прочитав за саемот и веднаш му кажав на Лабарадор, кој се согласи да заминам таму и да купам работи потребни за куќата. Уште следниот ден ме чекаше авионска карта. Цел ден купував на саемот и потоа се вратив во Дакота. Такви работи се секојдневје за богаташите во Америка - објаснува 34 - годишниот Крсте. Тој вели дека е интересно што дел од новопечените богаташи секогаш се обидуваат да ги импресионираат луѓето околу себе со парите. - Кога работев за Џек Соле, еден од челниците во „Мајкрософт“, ме однесе во ексклузивен ресторан во кој мора да се почитува кодекс на облекување. Интересно е да видиш каква е џет-сет сцената во Америка, но не и да го живееш тој „филм“ - објаснува Крсте. Работејќи за богаташи, Крсте го „вкусил“ и нивниот начин на живот и летал стотици километри само за да вечера во некој ресторан, играл на голф-терени на кои се натпреваруваат американските претседатели, па дури и го повикале на роденденската забава на Џорџ Буш Сениор, но не отишол бидејќи морал да се врати во Македонија. Гаков вели дека висината на цената и ексклузивноста на домовите зависи од тоа во кој дел од земјата се наоѓаат. Најскапите куќи се сместени во Сиетл, каде што се наоѓа и седиштето на „Мајкрософт“, во Калифорнија и во Њујорк, но само во центарот, не и во гетата. За принципот на работа со американскиот џет-сет, Гаков вели: - Таму се договараат за цената, ти отвораат сметка и веќе ништо не ги интересира. Не е како кај нас, кога газдата е поголем дизајнер од тебе и постојано ти посочува како и што треба да правиш. Кога ја правев првата куќа не знаев како одат работите и му се јавував на сопственикот со прашања од типот „каква маса сакате?“. На крајот му дојдов преку глава и ми посочи дека се е тоа моја работа и јас треба да одлучувам за такви работи. Крсте вели дека секогаш на своите муштерии им дозволува да изберат каков дизајн сакаат - евтин, нормален или скап, а клиентите секогаш ја одбираат најексклузивната варијанта. За да работиш за американскиот џет-сет потребно е богато портфолио и некој да каже добар збор за тебе. - Моментално се обидувам да направам име во тој свет. Во Америка те вработуваат само кога некој ќе те предложи и ќе каже добар збор за тебе. На клиентот му го доставуваш своето портфолио, а на муштериите воопшто не им е тешко да те проверат. Ќе се јават кај луѓето со кои си соработувал и ќе видат дали се задоволни од твојата работа - објаснува Гаков. Соработка со богаташите Крсте ја почнал преку Лабарадор, со кого се запознал на семинар во Луксембург. Грег го викнал во Америка и од тој момент Крсте почнал да се искачува во дизајнерскиот свет. - Работев на пет куќи на Грег, а потоа почнаа да ме викаат и други луѓе. Моментално Грег откупува куќи низ цела Америка, јас ги средувам и потоа тој ги продава по многу повисока цена - објаснува тој и додава дека следен ангажман му е дизајн на куќата на Чарлс Лон, физиотерапевт на еден од најпопуларните рагби-тимови, „Атланта брејвс“. Крсте има понуда и од популарен чешки режисер да ја работи сценографијата на неговата претстава, но вели дека тој ангажман не може да го прифати поради преголемите обврски. Тој постојано живее на релација Македонија - Америка, а поодамнешна желба му е во земјава да отвори фабрика за мебел. |