Современи номади

Современи номади
Sirius
 
Старите Грци, кои го создадоа дискурсот граѓанин/номад, односно цивилизација/варварство, па до најново време, кога обременети но и оправдани со модернистичкиот мит, државите повлекуваат мерки кои засегаат милијарди граѓани, за некои за добро за повеќето за лошо.
Претставата за номадот во западната имагологија е дека тој е нецивилизиран, ирационален, деструктивен, акултурен. За Хегел, тој е „човек во природна состојба“. Фридних Ниче го смета номадот за жител на пустината каде што не постои центар, и се е еквидистанца, бидејќи номадот е во постојано движење. Во пустината нема историја, патеки и развој, границите меѓу природата и културата, и меѓу реалноста, фантазмите се губат. Ниче вели дека номадот и државата се две спротивни нешта што можат да се соединат само преку насилство.

Како директна еманација на номадскиот дух многумина го сметаат интернетот. За Ален де Беноас, дваесеттиот век заврши 1989г. со падот на Берлинскиот ѕид, а дваесет и првиот започна во 1993г. со првиот глобален пренос преку интернет. Според него Интернет е мрежа со неограничени можности, без центар, децентрализиран, интерактивен, хоризонтален медиум. Од него произлегува еден нов свет, ново номадско општество, кој ги порамнува класичните пирамидални структури, вмрежен свет кој не може да се контролира, без дистанци, кој како што видовме и со антиглобалистичките протести но и со растот на фундаменталистижкиот тероризам брзо се организира и има разорни последици.

Во социологијата, застапниците на номадологијата се преокупирани со т.н. мобилна култура и запрепастувачките бројки: дека секоја година има околу 600 милиони меѓународни патници, дека половина милион хотелски соби се градат секоја година, дека има 23 милиони бегалци, дека туризмот опфаќа десет проценти од глобалниот доход. Човечката раса влегува во нова епоха на движење и преселби, едно скитање на народите што овој пат ја опфаќа не само Евро-Азија туку целиот свет. Во денешното време, со развојот на микротехнологијата, „глобалните номади“ ќе можат сета своја „покуќнина“ да ја соберат во еден куфер и ќе бидат „географски независни“ тие ќе можат да патуваат колку сакаат и каде сакаат“. Субјектите на историјата, некогаш седентарните земјоделци или граѓани, сега стануваат мигранти, бегалци, гастербајтери, азиланти, градски бездомници. Едвард Саид, во 1992 година, тврди дека фаќелот на ослободувањето е предаден од седентарните култури на бездомните, децентрирани, егзилични енергии. Дури и протестантската и католичката црква, кои го практикуваат мисионерството веќе развиваат номадски цркви, начини на приод кон номадските заедници каде црквата не е еден осветен и сакрален простор, туку е секаде каде што заедницата го исповеда словото божјо.
. Денес мигрираат студенти, бирократи, новинари, научници, уметници. Се брише стариот термин на дијаспората и се создава нова мигрантност: креолска, хибридна, нестабилна и екс-центрична.
Но овие прашања се уште се разгледуваат преку модернистичката визура на оттуѓувањето – каде мислителите се или фасцинирани од земјата или ламентираат над бездомноста, а во секој случај сметаат дека капитализмот и технологијата ќе ги остават западњаците без корени, традиција, континуитет и вера. Земјата во таква визура не може повеќе да се насели, таа се узурпира, одзема, окупира, се купува под цена. Како што вели Ашерсон, овој кошмар: теророт на луѓето што се движат, наследен од големите преселби за време на Римската Империја и по нејзиниот пад и обновена од хунските и монголските пљачкосувања на запад, преживува и во новата Европа по револуциите од 1989 г. Тој вирее како страв на Западот од сите луѓе кои што патуваат, од милионите што притискаат на портите на Европа како „азиланти“ или „економски мигранти“, од социјалниот колапс во Источна Европа што ќе го одлее половина население кон Запад. Државата се обидува да воспостави контрола на својата територија, на дотекот на странците, да воспостави систем на права и обврски над мигрантите кои го маргинализираат центарот и ја „загрозуваат“ доминантната култура. Затоа и денес весниците се полни со најразлични примери на државна и општествена неправда, расна и секаков вод друга дискриминација над бездомните, скитниците, во земјите од првиот, но и од вториот и од третиот свет.

Во македонскиот контекст, пишувањето на тема куќа/праг има негативна проекција. Македонското население во последните стотина години главно се „обескуќува“, се отселува, емигрира, мигрира, присилно се исселува, се депортира, внатрешно се расселува, се разбива за да се асимилира, и најчесто живее под кирија. Погледнато од седентарен аспект, од каков најчесто се гради вертикалата на националниот мит, со метафорите на коренот, куќата, втемеленоста, прадедовското огниште, есејот за македонската куќа добива глазура на меланхолија, ламент, но и на бес, а македонскиот праг е граница, врата, оттаде, од каде нема враќање.

Ако имате какви било стравови или надежи во врска со номадското доба, чии контури ги назначивме во овој мал есеј, на интернет може да пронајдете рецепт како да преживеете во него. Таму има совети како да изградите своја сопствена Јурта. Јурта е номадски шатор, подвижна кружна форма која може да се расклопува и склопува, а која ја користат некои народи од централноазиските степи. Добра јурта може да трае од педесет до шеесет години. Материјалите за јурта: платна, колци, кожи, черги, се уште можат да се најдат на некои пазари во разни земји од светот.