ВО БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ПРИЗНАА |
||||
TrOtOaRkA | ВО БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ПРИЗНАА Македонското малцинство е дискриминирано! Дејан Николовски Кемал Ејуп, претседател на бугарската парламентарна комисија против дискриминацијата, изјави дека во Бугарија има граѓани што на последниот попис се изјасниле како Македонци и дека според тоа во земјата има и такво малцинство. Тој го изјави тоа во емисија на софиското радио „Нова Европа“. Агенцијата „Фокус“ ја пренесе радиоемисијата „Коритаров лајв“ на познатиот бугарски новинар Георги Коритаров, во која гости биле Стојко Стојков од ОМО Илинден-Пирин, Мирослав Мурџов, главен секретар на националистичката ВМРО, и Кемал Ејуп, пратеник во бугарскиот парламент на партијата Движење за права и слободи. Пренесуваме дел од разговорот во емисијата. Коритаров: Што се подразбира под Македонец во Бугарија? Има ли македонско малцинство во Бугарија, како што тврди Стојко Стојков од ОМО Илинден-Пирин. Според него, илјадници бугарски државјани се самоопределуваат како Македонци? Ејуп: Тие илјадници бугарски државјани се регистрирани во статистиката од пописот и нивниот број се знае точно. Според Уставот на Бугарија, секој слободно може да се самоопредели како што се чувствува. Но, дали има или нема македонско малцинство во Бугарија не е работа на комисијата. Коритаров: Има ли турско малцинство во Бугарија? Ејуп: Има, да. Коритаров: А зошто тогаш македонско нема, а турско има? Ејуп: Не реков дека нема. Коритаров: По кои критериуми се определува тоа дека има турско малцинство во Бугарија? Ејуп: Голем број граѓани на Бугарија се самоопределуваат како турско малцинство. Штом има самоопределени граѓани, значи дека по логика има такво малцинство, бидејќи малцинството по тоа се одликува. Во Уставот пишува дека Бугарија е унитарна држава, но никаде не пишува дека нема национални малцинства. Стојков: Според последниот попис, кој не е целосно веродостоен, во Бугарија има повеќе од 5.000 Македонци. Коритаров: Пет илјади луѓе, малцинство ли се? Ејуп: Малцинство се. Коритаров: Добро. Според таа логика, имаат ли право на весници на македонски јазик, како што бара ОМО Илинден-Пирин? Ејуп: Во Бугарија нема закон што регулира дали малцинствата имаат право на свои весници или не. Но, имаат право да претендираат и да си ги бараат своите права. |