Создавање на македонскиот јазик

Создавање на македонскиот јазик
Khan
 
Во 1944 година почна процесот на кодификација на македонскиот литературен јазик. Но во какви политички рамки и во какви политички услови се развиваше овој процес? По поразот на македонската национална автономна ориентација (Методија Шаторов-Шарло од 1941 и Методија Андонов-Ченто по 1944), политичката власт во Македонија помина во рацете на „пројугословенската“ ориентација, персонифицирана и симболизирана од Лазар Колишевски. Победата на „југословенската“ ориентација во македонскиот политички живот сериозно ќе влијае и врз судбината на македонскиот јазик. Во такви политички услови почна да работи и Првата комисија за јазик и правопис (11 члена, речиси сите специјалисти во дадената проблематика).
Во текот на работата на Првата комисија за јазик и правопис од самиот почеток се појавија две јасни и непомирливи тенденции. Од една страна се појави едно мнозинство на чело со В. Марковски и од друга страна едно малцинство на чело со Б. Конески. Судирите меѓу мнозинството и малцинството беа од суштинска и принципиелна природа. Прво се разговараше за тоа кои дијалекти ќе се сметаат за централни и ќе стојат на темелот на идниот македонски литературен јазик и второ каква азбука треба да се прифати и да се примени во Македонија.
Во врска со дијалектичната основа на идниот литературен јазик се изразија длабоки несогласувања. Мнозинството сметаше дека како основа на идниот македонски литературен јазик треба да се земат централните македонски дијалекти (Велес, Прилеп, Битола и Охрид), а малцинството сметаше дека треба да се земат таканаречените западномакедонски дијалекти (Тетово, Скопје, Велес, Прилеп и т.н.).
Во врска со азбуката се појавија сериозни недоразбирања. Мнозинството се залагаше за формирање посебна македонска азбука (со посебни македонски фонеми - букви), а малцинство се залагаше за целосното прифаќање на Вуковата азбука. По тешки дискусии и со гласање (9-2), мнозинството го порази малцинството и предложи азбука од 32 букви. Во врска со темниот вокал, мнозинството членови на Комисијата за јазик и правопис сметаа дека темниот вокал „ъ е нужен за македонскиот јазик, а е и старомакедонска буква“.
Поразот на малцинството и неприфаќањето на Вуковата азбука од страна на Комисијата за јазик и правопис ја вознемири „пројугословенската“ македонска политичка номенклатура. За да се попречи примената на новата македонска азбука, Страхил Гигов на 14-тата седница на Президиумот на АСНОМ предложи до дефинитивното прифаќање на понудената азбука од страна на Првата комисија да се поканат и да се изјаснат и руските слависти Н. С. Державин и С. Б. Берштејн. Целта на предлогот не беше да се поканат руските слависти, туку да се одложи и да се оневозможи прифаќањето на новата македонска азбука предложена од Првата комисија. Веднаш македонската политичка номенклатура (ЦК КПМ), со писмо, го извести ЦК КПЈ дека успеаја привремено да ја отстранат таа опасност со предлогот на Страхил Гигов на 14-тата седница на Президиумот на АСНОМ за покана на руските слависти.
Со помош на „пројугословенската“ македонска номенклатура се формира нова, но сега партиска комисија за кодификација на македонскиот литературен јазик. Во Втората таканаречена комисија
за јазик и правопис влегоа и луѓе што дури не го знаеле македонскиот јазик. Главна улога во Втората комисија заигра претставник на малцинството од Првата комисија (Блаже Конески).
Новата комисија за јазик и правопис реши „да се усвои наполно Вуковата азбука...“. Членовите на
Втората комисија за јазик и правопис решија исто така дека „ъ не е каракеристичен за
македонскиот литературен јазик и не треба да се внесува буква во азбуката“. Така графемата „ъ“
доби политичка димензија. За нејзино отстранување особено се залагаше Б. Конески. Мотивот
беше едноставен: пирова ќе беше победата на Вуковата азбука во Македонија ако беше прусутен
и „ъ“ во неа. За многумина таа буква „мирисаше многу на бугарски“. Со желба да се отстрани таа
графема дури се скрши и фонетскиот принцип во јазикот и графемата „ъ“ беше заменета со апостроф. Против решенија на Втората јазична комисија енергично беше В. Марковски.
На тој начин малцинството, со помош и поддршка на ЦК КПЈ и ЦК КПМ, од малцинство бргу се претври во мнозинство и ја наметна својата волја, спротивно на волјата на македонскиот народ, која ја изразија претставниците на мнозинството од Првата комисија (д-р Г. Шоптрајанов, д-р М. Петрушевски, В. Марковски, Г. Киселинов, Д. Џамбаз и др.).
Прифаќањето на Вуковата азбука ја вознемири македонската јавност. Македонската „пројугословенска“ политичка номенклатура, по договорот во Белград меѓу М. Ѓилас, В. Малинска, Б. Конески и В. Марковски, создаде Трета комисија за јазик и правопис. Третата комисија на 3 мај 1945 година донесе своја дефинитивна (компромисна) одлука по прашањето на македонската азбука. Со тоа духот на малцинството победи и стана основна јазична политичка ориентација во Република Македонија.
По кодификацијата почна еден суптилен процес на историски јазичен дисконтинуитет на македонскиот јазик што постепено го оддалечуваше од неговиот природен и нормален историски
тек и континуитет. Денес, кога се штити духот на малцинството, всушност не се штити македонскиот јазик, туку српскиот отпечаток врз македонскиот јазик. На тоа всушност се должат неодговорните напади врз Македонскиот историски речник и врз главниот уредник. Тие напади земаат размери на вистинска вербална граѓанска војна и главни носители се „Утрински весник“ и „Старт“. Крајна цел на тие напади е да се овековечи историскиот дисконтинуитет на македонскиот јазик (да не се дозволи никаква јазична ревизија) и да се ограничи, диригира и да се потчини повторно македонската научна мисла.

П.С. За веродостојноста на пишаното ги упатувам сите читатели што им е мила вистината да ги прочитаат записниците од комисиите за јазик и правопис што се наоѓаат во Архивот на МАНУ или да ја прочитаат извонредната книга на д-р Стојан Ристески, „Создавањето на современиот македонски литературен јазик“, Скопје 1988 година, каде што исто така може да се најдат записниците од комисиите за јазик и правопис.
Jakov Топоков привремено ќе биде заклучен, додека не се префли во соодветниот форум јазик и литература.