Summer talks

Summer talks
Sirius
 

Привремено автономна зона„...овој пат меѓутоа се враќам како победоносниот Дионис кој ќе го претвори светот во празник... Немам многу време...”
Ниче (во неговото последно „лудо” писмо до Косима Вагнер)

ПИРАТСКИ УТОПИИ

Морските скитници и пирати од 18 век создале „информациска мрежа” која се простирала низ целата земјина топка: иако примитивна и првенствено посветена на суровиот и безмилосен бизнис, таа функционирала восхитувачки. Раштркани низ мрежата постоеле острови, зафрлени скривалишта каде што бродовите можеле да бидат снабдени со вода и храна и каде што пленот се заменувал за разни потребштини и луксузни работи. Некои од овие острови поддржувале „осмислени заедници”, цели миниопштества кои свесно живееле надвор од законот и кои биле решени како такви да се одржат, дури и ако тоа било за краток но среќен и забавен период.

Пред неколку години разгледав многу секундарен материјал за пиратството надевајќи се дека ќе пронајдам студија за овие енклави - но се чини дека ниту еден историчар не ги сметал доволно вредни за истражување. (Вилијам Бароуз ја има споменато темата, исто како и покојниот британски анархист Лари Лоу - но никакво систематско истражување не е извршено.) Се навратив на примарни извори и конструирав сопствена теорија, од која некои аспекти ќе бидат разгледани и во овој есеј. Овие населби ги нареков „Пиратски утопии”.

Неодамна Брус Стерлинг, еден од водечките представници на киберпанк сф-от, објави роман за блиската иднина, базиран врз претпоставката дека распаѓањето на политичките системи ќе доведе до децентрализирана пролиферација на експерименти во живеењето: џиновски корпорации водени од работници, независни енклави посветени на „пиратство на податоци” ( data piracy ), Зелени-Социјал-Демократски енклави, енклави на нулто работно време, ослободени анархистички зони, итн. Информациската економија којашто ја поддржува оваа разновидност е наречена Мрежа ( Net ); енклавите (и насловот на книгата) е Islands in the Net (Острови во мрежата).

Средновековните Асасини основале „Држава” составена од мрежа ( network ) на зафрлени планински долини и замоци, раздалечени илјадници километри, стратешки неранливи на инвазија, поврзани со информациски тек преку тајни агенти, во војна со сите влади и посветени само на знаењето. Современата технологија, достигнувајќи го врвот во шпионските сателите, го прави овој вид автономија романтичен сон. Нема веќе пиратски острови! Истата технологија во иднина - ослободена од сета политичка контрола - би можела да го направи возможен целиот свет составен од автономни зони. Но засега, концептот јасно останува science fiction - чиста шпекулација.

Дали ние кои живееме во денешнината сме осудени никогаш да не искусиме автономија, никогаш, ниту за момент да не застанеме на парче земја каде што владее слобода? Дали сме сведени само на носталгија за минатото или носталгија за иднината? Мораме ли да чекаме целиот свет да биде ослободен од политичка контрола пред барем еден од нас да тврди дека ја искусил слободата? Логиката и емоциите се обединети во неодобрувањето на таквата претпоставка. Разумот вели дека човек не може да се бори за нешто што не го знае; а пак срцето се побунува на толку суровиот универзум кој напаѓа со толкави неправди врз нашата генерација, а да не зборуваме за човештвото.

Да кажеш „Јас никогаш нема да бидам слободен сe додека сите луѓе (или сите сетилни суштества) не бидат слободни” просто е затворање во еден вид на нирвана-ступор, откажување од нашата човечност, дефинирање на самите себе како губитници.

Верувам дека со екстраполирање од минати и идни приказни за „острови во мрежата” можеме да собереме докази кои ќе сугерираат дека одреден вид „слободни енклави” не само што е можен во наше време, туку и дека постои. Сите мои истражувања и шпекулации се кристализираа околу концептот на Привремена автономна зона - ПАЗ (Temporary Autonomous Zone - TAZ). И покрај синтетизирачката сила на моето сопствено мислење, сепак немам намера ПАЗ да биде сфатена како нешто повеќе од текст („обид”), сугестија, речиси поетска фантазија. И покрај повремениот горделив и гласен ентузијазам во мојот јазик, јас не се трудам да создадам политичка догма. Всушност намерно се воздржав од дефинирањето на ПАЗ - кружам околу темата, испалувајќи светлосни сигнали коишто водат до целта на истражувањето. На крајот, ПАЗ е речиси само-објаснувачка. Доколку фразата стане актуелна и општо прифатена, би можела да се разбере без потешкотии... да се разбере на дело. ХАКИМ БЕЈ