BorisVM |
[img]sliki/labina.jpg[/img]
Das ist Valter!
Лабина Митевска
Сцена 1. Екстериер/ноќ
Кокан, 20 години, Надир, 20 години, Италија 22 години, скришум и претпазливо се координираат кој каде, зошто, како да биде поставен и што да прави. Надир одеднаш го забележува конвојот на НАТО кој се доближува кон надвозникот, забрзано им дава знак на своите соучесници и се впуштаат во акција. Кокан го спушта големиот транспарент, на кој со огромни црвени линии пишува ?НАТО оди си дома". Италија ги пушта двете огромни петметарски кукли, додека Надир ги спрема камењата. Како НАТО- конвојот одминува Надир започнува да фрла камења на возилата на НАТО.
Сц. 5. Екстериер/ден
Фамилијата седи во автомобил, која се враќа од аеродромот во Петровец, од каде што само што ја зеле својата ќерка Виола која допатувала од Америка по три години. Виола реагира на промените во нејзината земја , насекаде НАТО- возила, војна во нејзината земја. Поминуваат под истиот оној надвозник, каде што сега, од изутрината, има македонска полиција, НАТО-полиција, џип на средина на улицата, телевизиски камери, очигледно нешто се има случено. Кокан , братот на Виола, е во автомобилот и скришум реагира на сето тоа.
Подоцна во филмот дознаваме дека таа вечер војник на НАТО бил убиен.
Сц. бб. Филм во филм
Ја снимаме сцената бр. 5, а сцената бр. 1 веќе неколку пати ја презакажуваме и одложуваме, чекајќи дозвола од НАТО за соработка и нивна асистенција со конвојот. Јас како продуцент на филмот уште пред три месеци се упатив до сите надлежни институции и органи во земјава, а и надвор од земјава, барајќи дозволи за сите локации каде што снимавме, како и асистенција, соработка. Од сите добив одговор, единствено никаков абер од НАТО, каде што контактирав со десет луѓе. На сите им објаснивме за што станува збор, им предадов цела документација кои сме и што сме, им доставивме сценарио, како и наше барање со прецизни датуми и локации. Значи, се оди најрегуларно. Сцената бр. 1 ја одложувам, а сцената бр. 5 тој ден ја снимаме со асистенција и постојана помош и поддршка на нашата армија и полиција. Од сабајлето, станати од пет, сценографијата ја поставува сценографијата , натписот НАТО ОДИ СИ ДОМА. На три пати, НАТО возила доаѓаат, и прашуваат што правиме. Ние им објаснуваме, тие си одат. Попладне доаѓа наша полиција по барање на НАТО, ние им објаснуваме дека е филм, ним им станува јасно за што станува збор и си одат. Ние почнуваме да снимаме и околу 2, 30 се појавуваат НАТО- војници и ни велат дека никој не смее да го напушти снимањето, дека НАТО-полиција доаѓа и дека бараат овластување и дека ние немаме право да снимаме. Ние им велиме овластување за што??? Нашата полиција им вели: вие немате право нас да нў држите, ако имате проблем слободно обратете се на нашата воена полиција, луѓето се уморни, станати од пет, си одат. За тие два часа се појавуваат педесет вооружени НАТО-војници, десет џипа, тројца адвокати, мојата екипа беше навистина опколена. Додека јас бегав со лентата, режисерот ја распушти екипата, која голем дел не е од Македонија, и навистина беа исплашени и возбудени од сите тие војници со оружје кои не им дозволуваат да си одат дома. Тие, НАТО, ја следат нашата екипа до нивните домови, сите наши камиони со техника ги следеа до паркиралиштето. Потоа нивните тројца адвокати почнаа да интересираат за лентата, барајќи да им ја предадеме. Ве молам, да им ја предадеме, а дали воопшто се свесни што значи лента со снимен материјал, дали знаат колку пот и труд има таму, дали се свесни колку мака има да се направи еден филм, дали знаат колку чини тоа, и сметаа дека тукутака ќе им ја дадеме лентата. Значи, најбрутално сакаат да ни ја одземат. Ние моравме, за жал, да излажеме дека е отптувана за Љубљана. Се јавуваа на аеродром да го спречат нејзиното одење, потоа во МВР, да проверат кои сме. Целата драма заврши, но. . .
Значи, подготвени се да испратат вооружен до заби аскер, да сардисаат филмаџии, уметници, гласноговорници, слободоумни. Велат дека бркале криминалци, ама ќе биде дека тие со таквата криминална глупост предизвикуваат многу потсмев. Велат по весници дека сў било в ред и отсега ќе сме соработувале. Дека нема да се испотепаме од соработување нема, ама ни тоа не е суштината на проблемот, ниту пак е проблем по себе. Прашањето воопшто не е дали имало недоразбирање и дали постојат добри намери за соработка или не. Суштествениот проблем е со кое право, кој и да е одговорниот, си дозволуваат такво однесување? Со кое право во главниот град на суверена држава попречуваат слобода на движење? Со кое право, обидувајќи се да го запленат материјалот од снимањето, го спречуваат правото на слободно изразување?
Одговорите на овие прашања наведуваат на многу тажни сознанија. Пред сў, испаѓа дека не сме суверена држава штом испраќаат своја војска-полиција да ги регулира односите со македонски граѓани. Второ, уште потрагично, режимот кој се обидуваат да го наметнат на таа нивна замислено окупирана територија сигурно не ќе е демократски ако им успее да го спроведат. Нека ја препрочитаат Декларацијата за човекови права за да увидат дека се обиделе да укинат неколку од основните и најсуштествените. Правото на слободно уверување и расудување и со него поврзаното право на слободно изразување се во основата на човековото битисување.
Па, ниту во едноумието немаше ваков милитантен тоталитаризам. Замислете во седумдесеттите претстава на ?Зелената гуска" да биде окупирана од педесетина војници? Замислете на концерт на ?Азра" во осумдесеттите да упаднат педесетина војници со пушки? Замислете за време на снимањето на ?Татко на службен пат" да нападнат педесетина војници? ?Мистериите орга(ни)змот" беше во бункер, ама беше снимен и никој, ама баш никој не бил толку откачен да им испрати војска да им го одзема снимениот материјал. Замислете ја реакцијата на јавноста доколку режимот се обидеше да репресира на тој начин? Замислете ја можноста од воспоставување воена диктатура на окупираната територија?
Не напикаа цела филмска екипа в филм како ?Валтер го брани Сараево" или како ?Отпишани". Ама работава е многу посериозна. Мора да се прашаме зошто го направија тој скандал? Да не се препознаваат однапред како бесрамните штрумфофски фигури реалистично насликани од Денис Тановиќ во ?Ничија земја"? Ако целта им била да си го зачуваат образот, треба да знаат дека за да се зачува нешто, тоа нешто прво треба да се има. Со недозволивата арогантност кога се бореа со македонските полицајци за да им го украдат неодговорниот Норвежанец кој уби министер во владата на Република Македонија и целото негово семејство и со обидот да го префрлат во Косово и со срамот од казната што ја доби тој во родната земја тие самите си плукнаа в лице. Не им треба филм да се снима за нив. Дали имаат образ по срамното кукавичко клечење на границата со Косово од каде што доаѓаше инвазијата на ослободителите? Дали имаат образ по срамната претстава ?Неопходна жетва" кога, наместо стотици илјади оружје, собраа три купчиња рѓосано железо? Што се загрижиле толку да не им наштети на имиџот едно нискобуџетно балканско филмче, каде што ни автопатот не е прописно обележан, па тие си возат на спротивна страна? Имиџот треба да си го градат каде што треба со одговорно, достоинствено и храбро однесување што единствено доликува на војници. Можеа да се докажуваат какви мажи се во Сребреница, а не во Арачиново и сигурно не на филмска екипа вооружена со микрофони и рефлектори и половина од нив голораки жени.
Застанав, препрочитав што имам напишано и согледувам колку ни е богат јазикот или поточно колку е суштествен. Му се радувам на зборот доликува. Го толкувам како - дејствување кое соодветствува со јавно презентираниот лик. Без хипокризија, без маски, без спин-доктори кои објаснуваат дека една телевизија е легитимна цел за бомбардирање, дека ракетирање амбасада е грешка за која никој не треба да сноси одговорност и дека ракетирање цивилен воз или болница среде град е колатерална штета. Со своите постапки нека си го градат имиџот, нека си го чуваат образот и ич да не грижат како кој уметник гледа на нив. Претпоставувам, сепак, дека се работи само за неразвиени мозочни бразди на некој не многу битен во синџирот на командување, а не за политика на НАТО во Македонија. Во спротивно, нашите државни институции не би смееле да си дозволат да не реагираат на највисоко политичко ниво во заштита на своите граѓани и нивните права и слободи. |