melpomena |
Utre e 1 dekemvri Svetski den za Borba protiv sidata. Tekstov e zemen od Dnevnik, dodatete i vie tekstovi ili linkovi...
Сидата во Македонија се шири побрзо отколку во Африка
Во Македонија живеат пет лица болни од сида и 18 инфицирани од ХИВ. Од 1987 година досега "чумата на векот" е дијагностицирана кај 64 лица од кои 41лице веќе починале. Болеста ја има во сите делови од земјата и кај луѓе од сите националности.
Лошата социјална состојба во регионот, хероинската епидемија, трговијата со луѓе, присуството на странски воени сили, зголемената проституција и предрасудите за сидата создаваат идеални услови за епидемија. Според процените, сидата во нашиот регион ќе се шири побрзо отколку на африканскиот континент, предупреди националната координаторка за борба против сидата д-р Весна Велиќ-Стефановска на вчерашната прес-конференција по повод 1 декември - Светскиот ден за борба против сидата.
Во светот има 42 милиони луѓе што живеат со сида, а досега повеќе од 23 милиони починале. Бројот на возрасните што имаат сида изнесува 38,6 милиони, од нив 19,2 милиони се жени, а 3,2 милиони деца. Само оваа година се забележани пет милиони новоинфицирани луѓе, од кои два се жени и 800.000 деца помлади од 15 години. Во 2002 година од сида починале 3,1 милиони луѓе, од кои 610.000 деца.
Во Македонија доминантен начин на пренесување на вирусот ХИВ е хетеросексуалниот. Новорегистрираните случаи кај нас, поради задоцнетото пријавување, најчесто развиваат сида во период од 6 до 12 месеци. Од вкупниот број заболени кај нас, 69 отсто се мажи.
Д-р Велиќ-Стефановска вчера ги отфрли обвинувањата од невладината организација ХЕРА дека кај нас нема лекови со кои може да им се продолжи животот ХИВ-позитивните лица.
- Кај нас се лобираше за воведување антиретровирусна терапија за да не се случи да почнеме, па да прекинеме поради немање лекови. Три лека се веќе ставени на позитивната листа. Треба да има и апарат со кој ќе може да се следи дали терапијата што ќе му се даде на болниот ќе дејствува или мора да се смени. Важно е да има континуитет со терапијата кај овие болни, кои не мора да лежат во болница - тврди Стефановска.
Во САД лекување на еден болен чини 12.000 долари, а кај нас е поевтино.
- Тестирање на присуство на вирусот кај нас е бесплатно и може да се врши во 11 заводи за здравствена заштита во земјата. Ако тие не располагаат со китови, пациентите се упатуваат во најблиските центри - нагласи вчера д-р Никола Пановски, заменик-министерот за здравство.
За формирање меѓусекторска комисија за превенција од сида има и официјална поддршка од претседателот Борис Трајковски. Националната стратегија за борба против сидата треба да биде готова до јуни 2003 година.
Љубица Балабан
Cogitationis poenam nemo patitur... |