BorisVM |
Безобраз(ован)ие
Венко Андоновски
Неодамна бев на еден состанок на родителскиот совет на училиштето во населбата во која живеам. Влегувањето во училиштето за мене беше ужасна траума. Очигледно, одамна не сум влегол во некое основно училиште, штом толку ме потресе тоа што го видов. А видов - беда.
Училници што смрдат на влага, руинирани ѕидови, искршени клупи и столици, неваросани тавани, тоалети во кои ги истураш цревата од смрдеа, намален број хигиеничарки, а на состанокот дознавам дека директорот моли и апелира секој родител да му помогне на училиштето со она што може, во зависност од професијата, оти, вели тој, тоа е единствениот начин да им помогнеме на учениците. Ако некој од нас е по професија столар, да поправи нешто од столаријата; ако е водоводџија, да ја смени инсталацијата, ако е бизнисмен, да донира некој денар за варосување и отстранување на влагата од ѕидовите. Гледам, слушам и не можам да се изначудам. Ќелијните училишта на Јордан Џинот од деветнаесеттиот век биле "Александар палас" за ова што го гледам. Па се прашувам: каде се оние златни времиња кога јас тргнував на училиште, кога училиштето мирисаше на топло и чисто и кога учителките (денес се викаат наставнички сите, и тие што предаваат од прво до четврто одделение) беа нешто како твои мајки додека ти се вратат родителите од работа.
И сфаќам дека не е проблемот ни во училиштето, ни во Министерството (кој сака нека биде министер), туку во нашиот однос кон образованието. Ние, дами и господа урнавме без никакво морално право уште еден темелен општествен мит, испоганивме уште еден храм, исплукавме, во духот на "демократизацијата" уште еден Бог: образованието. Се испростачивме до толку под маската на "демократизацијата" и "транзицијата" што го отфрливме знаењето и се упативме по полесниот пат на фабрикација на "важни луѓе" во општеството - безобраз(ован)ието.
Да бидеш без образование значи да бидеш ослободен од обврската да имаш образ. Да немаш образ - тоа значи да бидеш ослободен од обврската да имаш своја личност. Да немаш своја личност, значи да бидеш ослободен од обврската да знаеш, а да не знаеш, тоа значи да не разликуваш добро и зло. Да бидеш, пак, ослободен од обврската да разликуваш добро и зло значи да можеш да печалиш пари, газејќи преку живи луѓе, да лажеш и да крадеш. И да станеш богат без образ и образование, што е крајната цел. Ете го магичниот круг, волшебниот рецепт на успехот денес. А ако е навистина така, зошто ни е тогаш училиште?
Па, драги мои, ако погледнете што сў помина низ нашите собранија, влади, амбасади, комисии, политички тела и партии како кадар од прв, а особено од втор и трет ред, ако погледнете кои беа политичките идоли на нашите млади и за политиката загреани луѓе, тогаш ќе ви стане јасно на што мислам. Сето тоа беа еден вид политикантско-зеленашки кентаури, луѓе со една нога во политиканството (не во политиката!), а со друга во црниот бизнис ("белиот" бизнис успешните деловни луѓе очигледно можат да го водат само надвор од оваа држава), немајќи притоа образование ниту за политичар, ниту за бизнисмен. Некогаш најлоши по училиштата, тие во "транзицијата" и "плурализмот" стануваа првенци на своите партии, а некои од нив, богами, станаа и видни луѓе во државата. Оние што не знаеја, сега знаат. Знаат како да се збогатиш експресно. Тие што учеа или не дај боже уште учат и се трудат, тие денес служат за подбив. Не стигнуваат понатаму од даскали или неразбирливи фанатици кои и се посветуваат на науката по истиот начин по кој еден монах му се посветува на Бога. Државата се претвори во трпеза на која седат нашите нови Помети, гладни и лакоми, и гнетат колку им душа сака. Оние што сакаат да знаат не седат на таа трпеза и се хранат достоинствено со коските што паѓаат од неа. Такви се наставниците, учителите, даскалите, научниците. Такво ни е и образованието: оставено да преживува на коска и сув леб.
Во времето на "гнилиот" социјализам владееше еден друг мит: се велеше дека оној што учи ќе знае и ќе има. Се велеше дури: "Учи синко, за да не се мачиш како мене". Денес не е така. Денес се вели: "Што ќе ти е школо, кога имаш: а)партија и б) бизнис".
И навистина, политиката и бизнисот (за кој веќе кажав дека кај нас, за жал, автоматски го подразбира предзнакот на нечесната печалба и измамата), станаа наши најголеми училишта. Партиските инкубатори, ако не во највисоката хиерархија, ама барем на ниво на категоријата активисти низ годиниве често го собираа и талогот од општеството (криминалци, деликвенти, тепачи) и од него фабрикуваа социјално прифатливи категории и занимања: телохранители, истерувачи на долгови, партиски заплашувачи на непослушното членство или на опонентите, "обработувачи" на терен пред гласањата, а богами, не ретко и средни партиски службеници или дури, пратеници. Оние што шверцуваа, стануваа цариници; оние што крадеа - полицајци, оние што нарушуваа јавен ред и мир - чувари на нашата безбедност. Во бизнисот, пак, кој целосно ја промовираше приватната сопственост како неограничена слобода да се поседуваат не само предмети, туку и луѓе, најважната "економска" стратегија беше да се "приклучиш" на штекерот на некоја политичка партија, за да ти биде простено тоа што го правиш, и за да ти се прогледа низ прстите. Така, успешен бизнисмен стануваше оној што нема никаква врска со економија и бизнис, но има отворена телефонска линија со политиката. Така се случи диктатурата на безобраз(ова)ните, на оние последните во општеството. А кажано е: кога последниот, макар и со нечесни средства (оти поинаку и не може) ќе стане прв, сў ќе стори да го столчи првиот, за да не го загуби незаслужно стекнатото првенство.
Ете така, драги мои. И да го варосаме училиштето, и да ги смениме сите клупи и столици - ништо не сме сториле. Оти не е училиштето тоа што е прво руинирано. Рунинирана е, пред сў, нашата свест за тоа што значи знаењето и кој е рецептот за успешен човек во општеството. Руиниран е митот за образот, силната личност и уката, науката и вештината. Затоа ни е и општеството болно. Без образ. Камоли румен образ.
(Авторот е профессор на
Филолошки факултет)
|