Whitebaby |
81 година од раѓањето на Блаже Конески
Невена Поповска
Денеска се навршуваат осумдесет и една година од раѓањето на Блаже Конески, корифејот на нашата духовна акција од втората половина на дваесеттиот век, втемелувачот на базичните норми на македонскиот јазик, наука, литература и култура, но сета наша историска вистина. Човекот кој го расони македонскиот креативен ум и кој речиси нема сфера од нашиот културен живот за која не покажа свој интерес и во која не го инвестираше сето свое знаење и талент, сета своја посветеност, акрибичност и одговорност.
Триесеттина години по своето раѓање, Конески ќе го направи и првиот репрезентативен избор на македонското народно творештво трпеливо собирано од неуморниот вознесеник Марко Цепенков и воодушевен од неговата дејност и раскажувачка дарба, својот брилијантен предговор ќе го заврши со зборовите; "Ако некогаш децата ги носеле штрковите, ние сите сме деца на Силјан штркот".
И оваа метафорична луцидност ќе ја прифати и како подвижна сила во сета своја животна активност. Конески со иста љубов и работна систематичност успеа да ги стави во неделива функција и строгата научна мисла и "строгата и проста македонска песна". Со колкава само леснина ќе ја пронаоѓа проточноста на зборовите и со колку восхитувачка свежина ќе ја внесува и во своите научни трудови и во својата поезија!
Италијанскиот професор и долгогодишен ректор на Институтот за ориенталистика во Неапол, Нуло Миниси ќе рече: " Да ја напишеше македонската граматика некој друг, ќе немавме македонска граматика...Конески со интуиција на уметник и со интелегенција на лингвист, знаеше да му го даде на македонскиот јазик неговиот вистински изглед..."
Кус е човечкиот век. Особено за еден интензивен творечки живот каков што имаше Блаже Конески, подвлекуваат во Фондацијата. Зошто тој, безмалку немаше ни час ни миг да не најде свој инспиративен поттик за некое ново творечко вознесение. Кај него, всушност, како да немаше затворен простор за егзалтирано и плодотворно дејство со кое ќе пополни некаква историска празнина. Оттаму, она што го сработи Конески за македонскиот јазик и култура воопшто, кај многу народи се градело за подолго време и преку многу повеќе човечки животи.
Блаже Конески почина дванаесет дена пред својот седумдесет и трети роденден. На веста за неговата смрт еден наш писател, меѓу другото, ќе рече: "Конески умре. Дај, боже, барем на секои сто години да ни се раѓа по еден Блаже Конески."
|