AaaAa |
prevzemeno od dnevnik.com.mk Sreda, January 29
Колумна - Ферид Мухиќ
Хистерија на антитабакизмот
Како што една територија може да биде уништена, но не е освоена се додека во неа не стапне ногата на победничката пешадија, така економското, политичкото, идеолошкото потчинување на една земја не е завршено се додека во неа има луѓе што слободно може да изберат дали ќе пушат тутун
Во Буенос Аирес, на еден плоштад, с краја, до потемнетиот ѕид од една катедрала, се наоѓа гробот на Карлос Гардела, човекот што живеел за и од две опсесии: тангото и цигарите. Неговата улога во развојот и популаризирањето на аргентинското танго добива признание преку дискретниот звук на тангото, кој не запира никогаш, ни дење, ни ноќе, за викендите и за најголемите празници; неговата страст за тутунот (табако, табаго, тобаго) се почитува со една запалена цигарета, оставена покрај неговата изветвена хитано-шапка. Чадот од цигарата, исто така без престан се меша со невидливот звук на тангото. Пред да изгасне цигарата се заменува со новозапалената. Токму онака како што тој ги "швајцувал" додека бил жив.
Огромниот бран на организирана кампања против тутунот, веќе одамна прерасна во вистинска хистерија на антитабакизмот. Зад оваа координирана социјална акција од најголеми размери, стојат обединети, многу фактори: здравствениот, но и економскиот, физиолошкиот, но и филозофскиот, културолошкиот, но и идеолошкиот, правниот и политичкиот. Хистерија на антитабакизмот, нема никакво сомнение, е една од клучните сфери во која се одлучува и прашањето за идеолошка и психолошка доминација врз планетата.
Историски, ова не е прв пат во тутунот да се види изворот на сите болести, морални аберации, политичка непокорност, религиозни застранувања. Парискиот парламент во 1631 година го забранил пушењето во сите затвори, под образложение дека тутунот го поттикнува криминалитетот. Слабите ефекти од оваа забрана довеле во 1659 година до целосна забрана на пушењето, со обврска на граѓаните да ги кодошат прекршителите во најблиската полициска станица, со санкции предвидени за пропуштање да се изврши оваа патриотска должност.
Кон крајот на 18-тиот до средината на 20 век во некои земји биле пропишани слични законски мерки за сузбивање на едно друго "најголемо" општествено зло: мастурбирањето. Најстрашните болести, од сушењето на рбетот, до сите форми на лудило и криминалитет, биле поврзувани со оваа навика на осамените. Заедничкиот именител на сите вакви акции, во идеолошкиот фон, е сосема јасен: општествена контрола на задоволството. Ставање ѕевгар врз тилот на сите негови членови. Историските и компаративни анализи на Мишел Фуко не оставаат простор за сериозна полемика околу централната важност на овој мотив. Целиот пристап е базиран врз две аксиоми: 1. Луѓето што прават нешто без контрола на државата опасни се за државата; 2. Луѓето што наоѓаат и задоволство во тоа што го прават без контрола на државата се двојно опасни за државата.
Доминантната политичка и идеолошка позиција на САД се тестира и во акцијата против пушењето. Сите треба да го следат примерот на најсилниот. Автоматски, и најумниот. На водачот. Тој мора на сите други, да им каже што е добро и да ги подучи за она што е штетно за нив самите. Небаре недоветни се сите останати... Зад оваа делумно наивна, делумно брутална акција, се затскриваат интересите на безмилосна индустријализација и интересите на капиталот од најкрупните сектори на стопанството. Со тоа интензивно се заматила и, практично, сосема се загубила нашата свест за длабоките врски меѓу биологијата и психологијата, потребите и задоволствата, животот и опстанокот. Наивна и бескрупулозна, арогантна и самаритјанска, оваа акција доведува до сериозни нарушувања на личната и општествената свест, односно, битно ги редуцира граѓанските слободи.
Да не се залажуваме: прашањето на принципиелната слобода или забрана на пушењето, е прашање за апсолутната доминација врз светот. Како што една територија може да биде уништена, но не е освоена се додека во неа не стапне ногата на победничката пешадија, така економското, политичкото, идеолошкото потчинување на една земја не е завршено се додека во неа има луѓе кои слободно можат да изберат дали ќе пушат тутун. Движењето на "бавно јадење", (Франција, Италија, Германија, Швајцарија, Бразил, Венецуела, Јапонија...), не се гледа само како витално важен совет да запреме со "брзата храна а ла мекдоналдс", која здебелува, која го деградира и целосно потиснува задоволството од јадењето, и која дотолку, ја зајакнува контролата врз мислите и животите на оние кои така се хранат; Многу повеќе, таа ги погодува и столбовите на општеството што ја патентирало таквата дехедонизирана исхрана. Од неговото самољубие, до економијата, од гордоста, до неговиот паричник.
Збор-два за филозофската перспектива: целата хистерија на антитабакизмот е поставена врз мислата дека со чинот на оставање на цигарите, автоматски се обезбедува здравјето. Меѓутоа, животот е болест од која нема лек. Болест на смрт, да го цитираме меланхоличниот дански Сократ, Киркегор. Оние што пушат ќе се каат; и оние што не пушат ќе се каат. Но, елементарното право на секој човек, барем во овој поглед, би морало да остане неприкосновено: Правото самиот да реши за причините на своето каење.
Правото што Карлос Гардела и постхумно го ужива.
© 2001 Дневник, сите права задржани
|