melpomena |
Раѓање на трагедијата
Кога Аристотел ја утврди вистинската состојба
на нештата
и го одреди патот како се претвора ведрото во облачно
и кога насмевот се претвори во грч
а зборот во меч
болката постоеше веќе
Зашто раката долго веќе се моделираше со рака
и зборот со збор
за да го истераат злото од светот
Но злото беше внатре
и во неумоливите правила
и во неизбежните постапки
А од виното и сонцето пијан
Дионис одамна мавташе наоколу со фалусот и мечот
терајќи ги да пеат одраните лишки
И така се раѓаше песната
Додека жените се завиваа во црно
додека гореа кулите и тонеа бродовите
и коњите ги гмечеа плодовите на земјата
а срцето се претвораше во сува оскоруша
и крвта ја напушташе плотта
Тоа и немаше некоја голема врска со херојството
ни плачот на осамата ни солзите врз огништето пусто
Но стариот филозоф и сега би ја клал
сета таа кланица во убави правила
на играта
додека публиката продолжува
да ракоплеска на смртта
|