Mihail Rendzov |
melpomena |
Блиска е ноќта во која ќе отпочинам
Блиска е ноќта во која ќе отпочинам
Блиска е белата ружа што ќе ми ја објасни
Тајноста на облаците
Модрината на моите луди патувања
Изворот на мојата неверна душа.
И штом го приврзам бродот мој
За сребрената китка на ноќта
Ќе умеам ли да го принудам ветерот
Да ми ја објасни јароста на едрата
Патот што ми ја зароби стапалката
Морето што ми го принуди брегот на ропство?
Ќе умеам ли да им ја вратам
Песната на птиците, гулабот на старите писма
Тагата во темното око на киклопите.
Ќе умеам ли да си го објаснам срцето
Рането со илјада месечини и ѕвезди?
2
Блиска е ноќта во која ќе отпочинам
Блиска е таа модроока тажалка
Што ми ги ткае тајните на патот
Во ленена постелка
За ковчегот.
|
melpomena |
Симнување од крстот (фреска)
Кога го симнуваа -
Плачеа.
Крстот на птица му заличи
Од раните миро му течеше
На лицето, ах, на лицето
Жолто овошје меѓу два реда ѕвезди
Ангели му слетуваа
Бел босилек му цутеше.
Ангели ми слетуваа
Бел босилок цутеше
На лицето, ах, на лицето
Жолто овошје меѓу два реда ѕвезди
Крстот на птица ми заличи
Од раните миро ми течеше.
Кога ме качуваа
Ах, кога ме качуваа
Плачеа.
Нерези, август 1976
|
melpomena |
Песната и пеперугата (метаморфоза)
Ќе бараш
Само ронка од светлинка
И од неа ќе искроиш
Пеперуга.
Долго, долго таа
Ќе ти лежи на клепките
Потоа ќе ти навлезе во крвта.
Потоа ќе бараш
Конче од ѕуница
И со неа ќе се виткаш
И ќе се обвиткуваш
Додека не се
Закожурчи.
Долго, долго така
Ќе ти лежи на срцето.
Ќе сакаш најпосле
Да ја именуваш
Тогаш од крвта
Ќе ти излази
Пеперуга
И ќе
Одлета.
|