yURI |
Колумна - Љубчо Георгиевски
Косово
Во овој момент, тешко може да се најде одговор на прашањето што ако Косово стане независно?! Како држава, мораме да му посветиме огромно внимание на единствениот проблем што може да предизвика нови крвави драми и трајно разнебитување на нашата држава!
Минатата недела, и покрај тоа што на меѓународен план вниманието ни го одзеде големата шаховска игра околу Ирак, како брзопотезна партија шах се одигра и мечот околу Косово, што сериозно ја возбуди светската јавност. Но, во Република Македонија беше проследена мошне ладнокрвно, и покрај тоа што директно може да влијае врз нашата иднина.
Имено, српскиот премиер, господинот Ѓинѓиќ, ненадејно и многу ефикасно ја постави тезата дека Србија има намера да почне разговор за решавање на финалниот статус на Косово. Овој настан беше проследен со уште поостри изјави и на главниот српски политичар одговорен за Косово, г. Човиќ, кој дури се стави во позиција да разговара со поостар тон со Штајнер за политиката што ја води спрема Косово, што е некарактеристично за него како политичар. Имам впечаток дека меѓународната заедница беше збунета од овој предлог, за што посведочија серијата постапки и критики упатени на адреса на Ѓинѓиќ, небаре меѓународните претставници се позасегнати за иднината на Косово, отколку што е одговорен самиот српски премиер! Секако, овој потег на Ѓинѓиќ го ценам како добро одигран, но сепак изнуден од постојната реалност. На сите, не само балканските, туку и на српските аналитичари им е сосема јасно дека Косово е една црна дупка што како камен врзан околу вратот ја влече нивната држава надолу. Поконкретно речено: комплетен уставен хаос; недефинирана политичка ситуација што се заканува да раѓа нови сепаратистички движења; кревка безбедносна состојба што може да се разгори во кој било момент; економска бездна што не дозволува какви и да е реформи во државата; база за непречено дејствување на сива економија кон Србија и Црна Гора; меѓународна политика што Човиќ ја дефинира дека вложува енормни напори да создаде институции за паралелна држава на Косово; многу сериозни политички фактори кои се залагаа за самостојноста на Косово, како што се Бусек, Билд и други; интензивно дејствување на перманентното лоби од американски конгресмени и сенатори; залагања за независно Косово на многубројни меѓународни институции каде што лидери се Отворено општество и Меѓународниот кризен институт, а неодамна Институтот за мир во сите балкански држави со платен оглас го информира регионот за дискусијата околу новиот статус на Косово. Од друг институт пристигна понуда од две и пол милијарди долари помош за Србија и Црна Гора ако Косово стане независно, а своевиден врв беше достигнат со дадената иницијатива на косовскиот парламент за прогласување независно Косово, како и секојдневните информации за порастот на АНА и нејзината амбиција за нови крвави борби.
Токму од аспект на таква констелација го ценам напорот на г. Ѓинѓиќ да ја возбуди меѓународната политика, чиј одговор, покрај критиката, во суштина се сведе на "сега не е време"! Во тој контекст евидентен е нивниот приоритет и различен пристап спрема Ирак, но се насетува и нешто конкретно. А тоа е дека по Ирак, најверојатно ќе биде актуализирано и прашањето за Косово.
Останува нерешена енигмата, која фигура во шаховската партија ќе ја жртвува г. Ѓинѓиќ? Затоа што опциите меѓу кои може да избира не се многу големи! "Да побара враќање на статусот на Косово како во времето на Милошевиќ! Да се согласи со некаква широка автономија, што практично сега функционира! Да се реши за комплетно кантонизирање на Косово во смисла северозападно од Косовска Митровица за Србите, и да обезбеди заштита на црковно-историските обележја! А преостанатиот дел - независно Косово!"
И покрај тоа што понудата ќе биде потег што допрва треба да биде повлечен, следејќи го прагматичниот Ѓинѓиќ, мислам дека неговиот предлог многу помалку ќе биде фокусиран врз Косово од времето на Милошевиќ, туку многу повеќе кон тоа од каков материјал да биде ѕидот меѓу Косово и Србија!
Како и да е, за нас како Македонци една фактичка состојба станува јасна. Колку подолго време Косово се наоѓа во Србија, толку се поголеми можностите да се справуваме со албанскиот екстремизам. И обратно. Колку побргу Србија ќе успее да го откачи каменот од својот врат, толку поскоро ќе бидеме сведоци во почетокот на уште една тешка агонија, а можеби и македонска катастрофа. Затоа, не ме вознемирува позицијата на српскиот премиер за што поитно решавање на статусот на Косово, туку ме загрижува спокојноста со која како држава го следиме тој процес. Постои една идеја што ја среќавав во повеќе наврати. "Ако се случи Косово да стане независно, нашиот излез треба да биде во барањето цврсти гаранции за границата од целата меѓународна заедница и од самите Косовари". Во овој момент, тешко може да се најде одговор на прашањето, што ако Косово стане независно?! Но, сигурно знам во каква илузија не треба да живееме, затоа што имавме можност да ја почувствуваме трајноста на тие гаранции. Затоа сметам дека како држава мораме да му посветиме огромно внимание на единствениот проблем кој може да предизвика нови крвави драми и трајно разнебитување на нашата земја!
Можното решение за горливиот проблем го гледам во градењето отворена и заедничка стратегија меѓу Скопје и Белград. Секако, не мислам на војна (да не бидам сфатен погрешно), а уште помалку мислам на дефилето што го проследивме минатата седмица, кога г. Човиќ го прошета македонскиот министер за одбрана г. Бучковски до Врање, за да му послужи како алиби за акцијата што следниот ден ја спроведе. Сепак, посетата не беше направена напразно, затоа што на тој начин г. Бучковски ја потврди добрата стара навика на СДСМ дека "АНА не постои кога ги информираат сопствените полициски и воени извори, но АНА постои кога треба да се пронајде алиби за изведување операција на српската полиција"! Значи, не говорам за вакви невкусни шеги, туку за една отворена заедничка стратегија како да се затвори црната дупка што и двете држави ги влече во пропаст, зашто Косово и албанскиот екстремизам веќе одамна не се бездна само за Србија, многу долг период се и за Македонија, а за жал и за целиот регион.
Како и секое друго прашање, дури и најкритичните и егзистенционални проблеми на државите на Балканот, многу често стануваат предмет на дневната политика, од што не е имун ниту српскиот, ниту македонскиот политички живот. Токму затоа, кога се наоѓаме како ретко досега пред тешко искушение - Косово и Голема Албанија потребно е да ги надминеме внатрешните дневно-политички игри, да се соочиме со реалноста која што е немилосрдна и да си помогнеме самите меѓу себе, како две соседни суверени држави!
Косово де факто е независно! Прашање е само мигот кога реалноста ќе биде формализирана. Како никогаш порано не е време за илузии, туку е време за брзо мислење и дејствување!
Napomena:
Ako nekoj me moze da ja cita kirilicata na forumov
vo internet explorerot neka odi na View -> Encoding -> Cyrilic ( windows ) |