yURI |
Радост за победа, жал за загубениот сет
Во реваншот, в среда, на железничарите им требаат два сета, или сет, со вкупно најмалку 87 поени
На македонскиот машки одбојкарски шампион Работнички Фершпед ќе му бидат потребни два освоени сета во реваншот во Холандија идната среда, за влез во фајналфорот од купот Топ-тим, откако во првиот четврт-финален меч од Купот, во средата во Скопје славеше со 3-1 (25-20; 23-25; 25-22; 25-19) над холандскиот Омниворлд. "Железничарите" би обезбедиле и пласман меѓу четирите најдобри екипи во овој Куп, втор во Европа, по Лигата на шампионите, и со еден освоен сет и со вкупно повеќе поени отколку што освои завчера холандскиот претставник во Скопје (вкупно 86 во четирите сета). Фајнал-форот е закажан за 15-ти и 16 март.
- Резултатот ни дава надеж за поволен исход во Алмере, но ова е најголема победа на клубот во досегашниот настап во ова натпреварување. Жал ми зашто загубивме еден сет, можеби ако го освоевме, се ќе беше поинаку. Но, да не бидеме нескромни и да не и гледаме на оваа победа во заби - изјави тренерот на Работнички Ф., Јошко Миленковски по мечот.
Натпреварот во Скопје почна лесно и фуриозно, кога домаќините поведоа со 7-1, а пад во играта имаа само по краткото отсуство на центарот Христо Модев, кој ја повреди десната дланка и на кратко мораше да отсуствува од играта. Со двата блока едноподруго, на Бугаринот Ѓорѓи ССбчев и на техничарот Владимир Стевовски, го освоивме првиот сет со 25-20. Попушти концентрацијата на македонскиот шампион во вториот сет, кога уште од стартот се гледаше дека ќе биде малку потешко. "Железничарите" се мачеа да се "одлепат" и да направат поголема разлика. По првото израмнување, 18-18, се вративме во игра и поведовме со 20-18, но гостите повторно израмнија на 21-21. По грешка на Хелинга, кога топката заврши во мрежата, имавме предност од 23-22, но затоа пак Кристина, кој завчера имаше два аса, со првиот му успеа да го израмни резултатот, 23-23. Потоа со неговиот блок и со реализираниот напад на највозрасниот, Олоф ван дер Мулен, сетот им припадна на гостите, 25-23. Тој беше и најефикасниот одбојкар на мечот со 22 поена, од кои 20 од напад. Неговите дијагонали најчесто завршуваа во нашето поле.
- За Ван дер Мулен немавме решение, колку и да се трудевме да ги сопреме неговите напади, не ни успеваше. Сепак, тој е еден од најстандардните во холандската репрезентација, со 260 настапи - рече Миленковски, кој и на овој меч имаше помош од бугарскиот статистичар, кој "хендсфри", преку мобилен телефон, им помагаше на "железничарите" да ги реализираат нападите. Тие завчера, понесени од прекубројната публика во салата, која френетично ги бодреше, одиграа одлично, свесни дека го играат најважниот меч во клупската историја. - Имавме криза во играта во вториот сет, кој, објективно, можевме и да го добиеме, но и ова е голем успех. Се надевам дека резултатот што го постигнавме ќе биде доволен за влез на нашата екипа во европскиот врв и пласман меѓу четирите најдобри - изјави капитенот Жарко Ристоски.
Во третиот и четвртиот сет се играше и поангажирано на двете страни, но гостите грешеа многу, најмногу на сервисот. Иако напаѓаа со силен смеч-сервис, посебно Кристина, Де Грујтер и Ван дер Мулен, тројцата имаа вкупно 7 сервис-грешки. Семафорот во "Градски парк" застана на 22 и на 19 освоени поени за гостите.Со последниот смеч-аут на Ван дер Мулен во четвртиот сет заврши првиот дел од приказната, а продолжението е идната среда во Алмере (20 ч.). Ако "железничарите" се пласираат меѓу четирите најдобри екипи во ова натпреварување, тоа ќе биде најголем успех на македонската одбојка од осамостојувањето на државата. Во 70-тите години, скопски Вардар се пласираше во фајналфорот на тогашниот Куп на шампиони. Инаку, пред влезот за гостите и за новинарите имаше премногу навивачи, така што тие за кои беше наменет влезот тешко доаѓаа до вратата, а редарите не разликува пропусници за гости од новинари. И во посебната ложа за новинари најмногу имаше гости, а потоа новинари што треба да го следат мечот и да известуваат за него.
Во другите четврт-финални средби, украинскиот Локомотив Харков лесно и убедливо славеше над Матадор Пухов од Словачка со 3-0 (25-11; 25-15; 25-19), Петром Плоешти (Романија) - Азот Черкаси (Украина) 2-3 (25-23; 23-25; 25-23; 18-25; 10-15), а вчера се играше средбата ЕСС Фалк (Естонија) - Пит Зомерс (Холандија).
Сала "Градски парк" во Скопје. Гледачи околу 2.500. Судии: Продановиќ и Франолиќ (Хрватска). Делегат: Хаџи-Бошков (Македонија). По сетови 25-20; 23-25; 25-22; 25-19.
Работнички Ф.: Јосифов, ССбчев 10 поени (7 од напад+3 од блок+0 од сервис), Димитриевски, Пауновски, Ристоски 15 (13+1+1), Стевовски 9 (6+3+0), Алексиќ 7 (5+2+0), Модев 10 (9+1+0), Димовски, Милев, Зафиров 7 (4+3+0), Јаневиќ (либеро). Сервис-грешки: вкупно 12 (ССбчев, Модев, Милев, Алексиќ х3, Ристоски х3, Зафиров х3). Тренер: Миленковски.
Омниворлд: Ван дер Куип, Тромел 11 (10+0+1), Шојватер, Паулидес 6 (5+0+1), Хелинга (5+1+0), Де Грујтер 10 (9+1+0), Кристина 12 (7+3+2), Кролис, Шимунчиќ 1 поен од напад, Ван дер Мулен 22 (20+1+1), Ван Ваијен (либеро). Сервис-грешки: вкупно 15 (Тромел х3, Паулидес х3, Де Грујтер х3, Кристина х3, Ван дер Мулен). Тренер: Тефер.
Napomena:
Ako nekoj me moze da ja cita kirilicata na forumov
vo internet explorerot neka odi na View -> Encoding -> Cyrilic ( windows ) |