melpomena |
Колумна - Ѓорѓи Марјановиќ
Ориентир
Како дете, во Куманово, сменив неколку живеалишта. Моите на почетокот немаа сопствен дом, па често се селевме. Таму некаде во педесеттите години, живеевме во една приземна куќа на "Проевски сокак" (улицата што "од Тумбу" води кон селото Проевце, кумановската "Кисела вода"). Сопственичката на куќата, врсничка и пријателка на мајка ми, мораше (ева!) да мине некое време на Голи Оток, поради гревот што тогаш го викаа И-Бе (Информ-биро). За чудо, нејзиниот роден брат (и полициски мајор) не "заглави". Еднаш, кога дошол да не посети, моите го прашале: како успеал да се спаси во тие матни времиња. И тој им раскажал:
Тито бил јунак, но Сталин бил "господ". Како човек рационално да направи избор? Бил на големи маки, а тоа не можел да не го забележи татко му. Го прашал што толку го мачи. И не добил одговор. Го прашал уште еднаш, па уште еднаш... Конечно стариот го извадил најсилниот кумановски аргумент: "Кажи бе, синко, не сам учен, ама траву не сам пасја!" И синот, разоружан, му кажал: вака и вака, вечерва на партискиот состанок треба да се определам помеѓу Тито и Сталин.
Сега стариот се замислил. По некое време, туку нешто се присетил и прашал: "А на коју страну су Бугари?" На синот не му било до смеење, а морал да се насмее. Но, сепак одговорил дека Бугарите се со Сталин. "Е, ти да се пишеш за Титу".
И - младиот ага се пишал како што го советувал татко му (иако, всушност, воопшто не му било јасно - каква врска имаат Бугарите со тоа). Дури отпосле (откако се видело дека изборот на стариот бил добар) го прашал што му значело тоа со Бугарите.
"А бе синко, па Бугари никад не су биле на праву страну. Ни у Први ни у други Светски рат, а ни после..."
Деновиве светот пак како да се наоѓа пред ваков фундаментален избор. И ние со него. Од едната страна, Садам Хусеин, од другата - Америка! Садам и не е кој знае каков јунак (барем за нас). На прв поглед, со него и со неговата земја немаме ништо заедничко (освен ако не ни останаа нешто должни додека имавме наши градилишта по цел Ирак). Со него не не врзува ни вера ни политичка определба. Од друга страна, меѓутоа, ни дабл-ју Буш не е ни слика ни прилика на Господ (иако Американците како да си замислуваат дека се жив господ што оди по земјава).
Под вакви услови, секој македонски нормален човек би си го поставил прашањето: зошто воопшто да се изјаснуваме за судир што не не засега? Дотолку повеќе што масовноста на противниците на војната зборува дека многу малу луѓе се искрено убедени во исправноста на дабл-ју Бушовите мотиви да започне војна. Добро упатените аналитичари тврдат дека мотивите се мошне попрозаични: дабл-ју Буш, од името на тие што нему му повелаат, е заинтересиран американската индустрија да работи со полна пареа, а за таа цел војните душа си дале. Америка не е помалу заинтересирана ни за ирачката нафта.
Садам, велат, имал средства за масовно уништување?! Види мајката! Па такви средства имаат и Индија и Пакистан (атомски бомби), врз такви средства работи и Северна Кореја. Такви средства имаат и Русија и Обединетото Кралство и Франција. Па сепак, на Буш ни насоне не му паѓа да удри на некоја од нив. Нему му е до безбедноста на светот што ја загрозува само и единствено Садам Хусеин. Притоа, да се разбереме, таа креатура никогаш не ми била симпатична. Диктатор како диктатор! Но, еден ли е на земјинава топка?
Македонија во меѓувреме стана (ѓоа)држава и сега и таа мора да се определи: за или против војната. Притоа, не оти нејзината определба нешто ќе значи. Многумина наши колумнисти, аналитичари и новинари пишуваа на оваа тема со полна уста сарказам. Факт е, меѓутоа, дека според сондажите на јавното мнение Македонија е (за прв пат!) на врвот од европските држави чиишто граѓани и се противат на оваа војна. Веќе и само тоа би требало да ги замисли нашиве дунстери од политичари. Веќе и само тоа би требало да ги натера да излезат со тоа прашање во Парламентот: со дебата што би завршила (според исходот) со декларација за или против војната.
Само, кој го рецка народот? Кој го рецкаше кога се виде дека Борче стана "прецедател" под исто толку сомнителни околности како и дабл-ју Буш? И, не оти пак со мојава колумна нешто на тој план, во тој поглед, ќе се измени? Утре ќе ме послушаат и дури референдум ќе распишат. Нели? Видовте и сами колку во оваа земја се ценат фактите: Уставниот суд (небаре совет за национална безбедност), наместо да се грижи за спроведувањето на буквата на Уставот, се грижеше само и единствено за тоа да не, со една поинаква (очекувана!) одлука, ги разбесни со закон заштитените домашни панда мечки. Нејсе, со својата одлука тие на неверојатно убав начин им помогнаа и на нашите (на друг начин загрозени) лавови: сега, апсолутно се што им се проштева на поранешните "убијци и разбојници", ќе мора, според истиот закон, да им се прости и на лавовите. Трето нема! Ако си играме принципи во мошне непринципиелни одлуки, ќе мора апсурдот да го тераме до крај.
Но, да се вратам на темата: како да се определиме? Ако ништо друго, за да имаме сетне што да им раскажуваме на внуците. Мојот совет е позајмен од стариот кумановски мудрец (впрочем, за тоа и ја раскажав таа приказна): би било добро пак да погледнеме како се определиле Бугарите, па ние да сториме обратно. Не верувам дека ќе погрешиме.
Иронија?, ќе речете. Па што дека? Иронијата по дефиниција е последното средство на немоќните.
Zemeno od Dnevnik |