melpomena |
Деца на черешна
Не можам да не се насмеам, драги мои, на неверојатниот невкус и речиси надреалистички контекст, кој ги следи нашиве политичари, во премрежето на владеењето. Се задигаа и се "надгледуваа" како снаи кој се ќе оди на "prayig breakfast" или молитвениот појадок во Вашингтон и "кркаа" таму како деца качени на черешна - во исто време кога во најмалку четири сојузни држави на САД усвојуваа директно антимакедонски резолуции (под влијание на грчкото лоби)!? Ако ова го искомбинираме со нашата веќе традиционална "упиканост", кај Грците речиси до "панкреас" се добива општата слика.
Ова го набележувам поради една поширока теза што долго ја забележувам во конституирањето на македонското битие, како такво: една вошлива неубеденост во сопствената важност, убеденост дека сме тука и дека тука ќе останеме, дека мора да се бориме постојано и во секој потег на дипломатски и политички план, дека имаме достоинство и сила да победиме во таа борба. Како ви личи, драги мои, изјавата што треба, веројатно, да ни внесе сигурност во нашата иднина на министрите на одбрана (нашиот и албанскиот) на насловните страници на весниците, а која гласи: "Нема опасности ВО МОМЕНТОВ од дестабилизација на Македонија и регионот...?". А во следниот МОМЕНТ, господа? Кои несреќници! Наместо да следува изјава во која по пресекот на состојбата ќе следува убедување дека секоја опасност каква и да е, би ја совладале по секоја цена и слични политички учтивости, нашиве од порите им излегува несигурност и неубеденост во себе и се околу себе.
Но, да ја баталиме бедава на нашава политика на раздробени парчиња и да погледнеме една друга тема. Самјуел Хантингтон има една прочуена теза за судирот на цивилизациите. Таа, многу упростена, би изгледала вака: имено, по падот на комунизмот политичките судири во следниот век се поместуваат меѓу културите и цивилизациите, и западната цивилизација како "загрозена" треба да се брани во целина од надирањето на другите "од преку лимесот...".
Наспроти оваа теза, постојат серија автори што застапуваат поинаква теза за "пропаста на западот" од онаа или оваа причина... И двете се потпираат на основата дека "Западот" егзистирал и се конституирал како "културен концепт", а под тоа постоеле сериозни политички поделби. За да успее да се одржи во кондиција и во целина, тој треба да има опонентен концепт. Хантигтон смета дека тоа денес може да се обезбеди преку концентрирање на "судирот" со другите култури, а спротивните концепти сметаат дека "Западот" нема конкурентски концепт наспроти себе и дека е тоа, всушност, почеток на негова најсериозна криза и распад однатре.
Да го испитаме овој поглед на кризата со и околу Ирак. Ако доминира Хантигтоновата теза, може да се очекува релативна хомогенизација на "Западот" за нападот на Ирак или за судирот со него. Би можело да стане збор за уцени, одлагања, тактички блокади (заради заземање подобра позиција на земјите по војната во користењето на нафтата и сл.), но, сериозни поделби не би требало да се на повидок. Но, што се случи: дебатата за кризата околу Ирак всушност се претвори во дебата околу Америка и нејзината улога во светот по блоковската поделба; најжестокиот отпор на војната има во демократските земји на западна Европа, каде што протестите (некои автори ги нарекуваат "нова култура на протести"), се невидени досега; наместо обединување, имаме несериозна поделба на Европа и НАТО од кога и да е досега; постои опасност поради блокадите во Советот на Безбедност на Обединетите нации да се маргинализира нивната улога околу кризата, ако акцијата оди без нивно покровителство, всушност надвор од нив; можно е дури и останување на НАТО надвор од судирот, ако го водат сами САД и Британија...
Наместо да станува најдобар партнер на САД, Европа се претвора во негов најжесток опонент? Поради тоа Европа се дели жестоко по својата средина?
Дали е можно културниот концепт на "Западот" да е под таква опасност од внатрешна поделба и криза? Дали навистина кога нема алтернатива и предизвик во друг опонентен концепт, политичките поделби го раздираат однатре? Но, да се потсетиме на една работа, секогаш кога Европа - "Западот" бил поделен - завршил во војна. Од таа ситуација најголем "калај" може да голтаат земјите на Југоисточна Европа, каде што стабилноста, демократијата и економскиот развој се фрагилни и во повој. Тоа е прерискантно за нас, да си дозволиме полуции од видот го мразам "Западот" и Америка, па што!
zemeno od Dnevnik |