melpomena |
ЗАВОДОТ ЗА ЗАШТИТА НА СПОМЕНИЦИТ ГРАДИ, А ВО КУМАНОВСКО РАЗГРАДУВААТ
Потпалена црквата во Матејче и уништено возило на Заводот
Црквата не се вивнала во пламен и оганот цела ноќ тлеел зашто во влезната врата каде што е запален огнот имало сунѓереста материја, вели Ристов, директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците
Етнички Албанци од кумановското село Матејче се обиделе да ја запалат црква "Свети Ѓорѓи" од 13 век, веднаш по извршената конзервација, а камионот на екипата од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата целосно го уништиле. Инцидентот се случил пред десетина дена, а случајот е пријавен во полиција, ни рече Јован Ристов, директор на Републичкиот завод. Тој вели дека пред секое одење во селото ги известуваат и полицијата и претставниците на ОБСЕ.
- Откако завршивме со работа на покривот, кога утредента отидовме видовме дека некој се обидел да ја запали вратата на црквата. А ние намеро ја оставивме отворена за да може секој заинтересиран да влезе, а да не ја крши. Среќа што на вратата имаше сунѓереста материја, а дрвото бавно горело, па црквата не се вивнала во пламен - вели Ристов.
Откако екипата на Заводот го ставила покривот, истата ноќ биле искршени 40 ќерамиди. Другиот ден екипата ставила нови. Пред воениот конфликт, екипата на Републичкиот завод трипати поставувала покрив на црквата, но етничкото Албанско население трипати го уривало.
Додека екипата ја санирала црквата, етничките Албанци сосема го уништиле возилото на Заводот, кое биле оставени на излезот од селото. Гумите на камионот биле целосно издупчени, ветробранското стакло скршено, исто како и стаклата, светлата и трепкачите.
- Возилото е неупотребливо. За жал, полицијата знае кој ја направи штетата, но не кажуваат. Според нивниот записник, излегува дека ние сме виновни што сме го посетиле местото. Ќе поднесеме приговор до МВР - ни рече Ристов.
Извршена е превентивна санација и на манастирската црква "Успение на Света Богородица". Поставени се нови врати и затрупани се дупките околу црквата.
- Фрескоживописот не го саниравме, зашто времето беше многу ладно - во такви услови не се врши конзервација. Живописот ќе го санираме идниот месец. Ќе ги "искористиме" штетите на подот во црквата - на веќе отворените дупки ќе направиме археолошки истражувања за да ги евидентираме постарите слоеви на црквата - вели Ристов.
Претставници од холандската амбасада и од Републичкиот завод денеска, во 13 часот, ќе ја посетат манастирската црква "Успение на Света Богородица", оддалечена 9 километри од Матејче, за која донираа 20.000 евра за санација на споменикот, изграден во 14 век.
Директорот на Заводот, Ристов, денеска ќе се обиде со претставниците на холандската амбасада да го "фокусира" грантот на најважните работи во храмот, зашто за разлика од преклани, во минатата година биле направени многу поголеми оштетувања на црквата, па донацијата не е доволна да се поправи се.
Санацијата на двете цркви требаше да почне уште во ноември, во минатата година, но етничките Албанци од Матејче ја бојкотираа екипата и ја условуваа прво да ја поправат селската џамија, изградена во 2000 година (урната во воените кофликти), а после да "си ги поправат црквите".
Весна Ивановска
Zemeno od Dnevnik
|