AaaAa |
И ТОА СЕ СЛУЧУВА
Штип нападнат со светлечки ракети
Штипјани завчера околу полноќ петнаесетина минути биле во "зголемена борбена готовност", растревожени од силни експлозии придружени со светлост, кои одекнале над градот додека на телевизија се пренесувала војната во Ирак. Стотици граѓани одеднаш ја преплавиле полицијата со телефонски повици барајќи информации за детонациите. Вознемирените граѓани се распрашувале во полициската станица да не залутала некоја американска бомба, па наместо во Багдад да не паднала во Штип.
Полицијата спровела истрага за мистериозните експлозии и утврдила дека станува збор за огномет што го приредил извесен В.Ѓ. по повод семејна веселба. Тој решил на сограѓаните да им приреди величествен огномет, па во траење од петнаесет минути испукал два цилиндри со 17 огнометни ракети поставени на улицата Пиринска.
МВР најавува дека против В.Ѓ. ќе поднесе прекршочна пријава затоа што не го пријавил огнометот и поради нарушување на јавниот ред и мир
(Љ.Ш.)
|