AaaAa |
Prevzemeno od vest
ЛИЦЕТО И ОПАЧИНАТА НА СТРОГО КОНТРОЛИРАНИОТ НОЌЕН ЖИВОТ ВО СКОПЈЕ
Стампедо во ноќните клубови
Откако во Скопје стапи во сила полицискиот час за затворање на кафулињата во 23 часот, сите се преселија во ноќните клубови и дискотеките чиј капацитет и технички карактеристики ни оддалеку не можат да одговорат на потребите на ноќниот живот на еден
Според последните неофицијални најави од пазарните инспектори, врз основа на резултатите од извршените контроли во последниве неколку месеци, дури 80 отсто од угостителските локали не ги исполнуваат ниту минималните технички услови за работа. Слаба вентилација во локалите, ниски плафони, недоволен број помошни излези... Ова е само дел од листата на причини, поради кои од Министерството за еконономија најавуваат дека може да се очекува до 16 април бројот на угостителски локали да се преполови. "Ако локалите не се приспособат на постојната регулатива, нема да може да добијат лиценца", велат во Министерството, од каде што пред неколку недели, кога армијата бессони од кафе-баровите, по 23 часот почна да се сели во ноќните барови, ги потсетија сопствениците на ноќни барови дека ако сакаат да работат, мора да бидат лиценцирани. Ова допрва драстично ќе го намали бројот на ноќни локали кои работат до доцна во ноќта, а во кои навечер, особено за викендите, е толкаава турканица што ако фрлиш игла, сигурно е дека некој ќе ти ја врати.
Прашањето за безбедноста во ноќните локали се постави како проблем поради слабата понуда за полноќна забава, откако полицијата почна да ги затвора кафулињата во 23 часот. Капацитетот на ноќните локали е премногу мал за да може да се примат сите посетители кои сакаат да продолжат со забавата откако ќе затворат кафулињата.
Изборот за полноќна забава, само во Скопје е сведен на десетина ноќни барови и неколку дискотеки кои ни оддалеку не можат да одговорат на потребите на ноќниот живот на еден велеград. Одново почнаа да се прават редици пред вратите, со надеж дека кога некој ќе го напушти локалот ќе влезат други. Но, поради намалениот избор на локали, наместо првин да се празнат и потоа да се дополнуваат, локалите засега само се преполнуваат.
Екипа на "Вест" деновиве прошета низ неколку локали во Скопје, и се потврди дека на скопјани не им е битно дали во локалот има доволно воздух за дишење. Важно е да се биде "ин" и да се забавуваат. Сликата се повторува во секој ноќен бар, односно дискотека која ја посетивме. Луѓето, едноставно, сакаат да се забавуваат, и тоа по секоја цена. Турканиците почнуваат уште на скалите, а најчесто се и единствениот начин да се стигне до излезот. Што е уште пострашно, во речиси сите локали има скали. Гостите безмилосно се туркаат, едните за да излезат, а другите за да влезат.
Кога ќе се влезе внатре е уште полошо. Набиени едни до други како сардини во конзерва, и речиси секој трет во раката покрај пијалакот држи и цигара, а некој од шизиците се перчи и со пура. Внатре е топло и задушливо. Девојките веќе се преориентирани на маички и на бретели. Одвреме-навреме ќе се почувствува свеж воздух од вентилацијата. Но мора нешто да се пие за да не се дехидрира.
Се случува некаде по полноќ во локалот да влезе и полиција. Тамам си слушнал некој коментар: "Од овие рации, стварно нема човек каде да се забавља", сфаќаш дека тој до тебе греши. Полицајците дошле само да се поздрават со менаџерите на локалот. Да си разменат по некој збор. Еден од менаџерите се проби низ мешаницата за да стигне до шанкот. Но тој не отиде по дозволата за работа, оттаму се врати со три ладни пива. Им ги подели на полицајците. Си направија и "На здравје!". Една група млади скопјанки минаа крај нив и нешто си прозбореа. "Сега ќе ги легитимира", го слушам пак тој до мене. Но повторно згреши. Тоа беше само многу краток флерт, пред единствениот излез од ноќниот бар.
Интересно е и како сопствениците пронашле начин максимално да си го искористат просторот за заработка и наедно да го изиграат законот. Речиси ниту еден локал, од тие што ги посетивме, немаше доволно помошни излези, со оглед на бројот на луѓе кои се забавуваа внатре. Менаџерот на еден од овие скопски барови не прошета и околу локалот за да ни докаже дека има дури три излеза, еден главен и два помошни. Но и двата помошни излеза водат во летната бавча, од каде едвај 50-ина сантиметри тесна патека води кон единствениот главен излез, а патеката, всушност, минува низ самиот локал. Летната бавча, пак, е уредена со дрво. Така што не сакавме ниту да помислиме што би се случило, во случај на паника, сите да потрчаат кон излезот или, не дај боже, да избие пожар.
Слично е и во дискотеките. Газдите максимално го искористиле просторот. Помошните излези се подзатворени со шанкови или со гардероби. Излезите се таму, постојат, но ретко каде е поставена некаква ознака за да знаат посетителите каде се наоѓаат. Само сопствениците знаат дека во случај на потреба има уште неколку излези, од кои некои водат и до покривот на зградата. Од таму посетителите можат да ги евакуираат само пожарникари, и тоа со кола со пожарникарски скали, бидејќи објектот нема надворешни скали. За овие помошни излези не знае ниту вработениот персонал. Менаџерите, наједноставно, сметаат дека затоа што досега немало потреба од овие излези, дека ни во иднина нема да им требаат.
Пред десетина години, на таканаречените јуниор забави во диското "Силекс" неколку стотици тинејџери во паничен обид сите одеднаш да го напуштат клубот се задуши 13-годишно девојче. Повеќе малолетници завршија со потешки повреди. Трагедијата се случи откако еден од осигурувачите, поради преоптовареност, прегорел и во локалот снемало струја. Во темницата, вештачката магла која поради специјални ефекти ја пуштаат во речиси сите клубови, создала паника меѓу малолетниците и сите истовремено се упатиле кон единствениот излез што го знаеле. Несреќата се случила на скалите. Кога ги потсетивме на овој настан, сопствениците се бранеа дека нивниот локал ги исполнува сите услови за безбедност на посетителите.
"Пред неколку дена имав целосен инспекторски надзор на локалот и не најдоа никаква забелешка", велат тие.
Како инспекцијата ги контролира локалите при надзорот, не знаеме. Но општиот впечаток е дека изминативе години, при издавањето на дозволите за работа и при контролата која следела потоа, воопшто не се водело сметка за правилата и законската норматива.
Во Пазарна инспекција велат дека локалите имаат соодветна дозвола за работа, а за оние кои не ги исполнуваат условите е поднесена прекршочна пријава. Инспекторите немаат ингеренции да запечатат локал кој не работи законски. Тие на терен одат дури и со метро за мерење за да можат да проверат дали во локалот растојанието меѓу подот и плафонот одговара на законки пропишаната норма. Според правилникот за минимално технички услови, за да се обезбеди минималната циркулација на воздух во угостителските објекти, растојанието од подот до плафонот треба да изнесува 2,8 метри во просториите за престој, додека во објектите заштитени како споменици на културата и стари градски делови, висината не смее да е помала од 2,5 метри. Во локалите кои имаат подиум на две нивоа, висината на плафонот треба да биде на минимум 4,8 метри. Во просториите каде што има поставено маси, за една маса со најмалку четири столови треба да биде обезбеден простор и од 4,8 квадратни метри, додека околу шанковите и просторот за стоење за секој гостин треба да има простор од 0,8 квадратни метри. За секои 100 посетители во локалот треба да има обезбедено минимум по еден помошен излез. Воздухот треба да се проветрува со ер-кондишн, и тоа на таков начин да се обезбеди промена на воздух 20 пати во текот на еден час.
Но во регулативата има и многу пропусти. "Отворањето на ноќен бар во станбен објект, според постојаната законска регулатива е дозволено, но, според постојните правилници, ноќниот бар не смее да се наоѓа во станбен објект. На овој начин на сопствениците им се издаваат двојни дозволи за работа и локалите преку ден работат како кафе-барови, а преку ноќ - како ноќни барови. Ваков е случајот со 'Универзум', поради што Пазарната инспекција има поведено прекршочен спор, кој се уште трае и се чека одлука од владина комисија", велат во Министерството за економија. Во меѓувреме, "Универзум" работи до доцна во ноќта. Забрането е и постоење на ноќен бар на тераса или во летна бавча, како што е случај со неколку локали во трговскиот центар "Беверли хилс".
Од вкупно 1200 исконтролирани објекти, досега на над 600 локали им се дадени решенија за забрана за работа. Од Министерството за економија најавуваат дека ќе се бара и одговорност од службениците кои дозволиле овие локали да работат. Во тек се подготовки за измени на околу 10 закони кои го регулираат работењето на угостителските локали.
Тања Јовановска
Александра Герова
|