Whitebaby |
Пописот го доведува во прашање Охридскиот договор?
Според првичните резултати од пописот во Македонија спроведени лани во ноември, биле попишани 19 отсто Албанци, тврдат експерти за "Дневник". Тие истакнуваат дека, сепак, во вкупната бројка на населението нивниот процент ќе биде повеќе од 23 отсто. Изворите објаснуваат дека 19-те отсто Албанци се оние лица затекнати во земјата во текот на попишувањето, но оти во вкупната бројка влегуваат и лицата-државјани на Македонија што најдолго 12 месеци пред спроведувањето на пописот се наоѓале во странство.
- Тезите дека пописот ќе даде помали резултати, со што би се довело во прашање спроведувањето на рамковниот договор, во кој се поаѓа од најмала процентуална застапеност на Албанците од 20 отсто, се само дневнополитички манипулации, со нејасна заднина - велат изворите.
Резултатите од пописот беа тема на анализа и во германските медиуми, а влијателниот "Франкфуртер алгемајне цајтунг" вели дека сега западните дипломати во Скопје прават стратегија како да се постапи ако при конечните резултати од пописот се покаже дека процентот на Албанците е под 20. Весникот шпекулира дека е можно пописните резултати и да се наштелуваат, во интерес на охридскиот договор.
- Дипломатите многу добро знаат колкава е застапеноста на етничките Албанци во Македонија. Сметам дека овојпат пописот ќе биде објективен и оти ќе покаже дека застапеноста на Албанците во вкупниот број на населението е 17,8 проценти - вели западен дипломат за "Дневник".
Од друга страна, правни експерти, не сакајќи да ги коментираат можните изборни резултати, оценуваат дека евентуалната застапеност на Албанците под 20 отсто теоретски може да го испроблематизира спроведувањето на уставните амандмани произлезени од охридскиот договор.
Во Државниот завод за статистика не сакаат да ги коментираат шпекулациите за националната структура на населението, бидејќи, како што велат, тие се стручна институција што работи на прецизирање на пописните резултати според принципи што се утврдени со закон, а конечните резултати се уште се непознати. Според законот, резултатите од пописот треба да бидат објавени најдоцна до ноември 2004 година, а во Заводот најавуваат оти тоа може да се случи и шест месеци порано, за што се направени и соодветни процени.
Во СДСМ и ДУИ оценија дека резултатите од пописот не треба да се доведуваат во врска со безбедносната состојба во Македонија.
- СДСМ ќе ги чека официјалните резултати од пописот и смета дека тие не треба да бидат коментирани од ниту една партија. Евентуалните наводи за влошување на безбедносната состојба се само обични шпекулации. Сите извештаи и на домашни и на странски институции зборуваат дека безбедносната состојба е стабилна и дека се подобрува - изјави партискиот портпарол Игор Ивановски.
ДУИ, според партиската портпаролка Ермира Мехмети, оценува дека нема основа да се стравува од каква било дестабилизација.
- Партискиот лидер изјави дека не е прашање дали Албанците ќе бидат под 20 отсто, туку колку ќе бидат над 20 отсто. Освен тоа, Албанците ја искажаа својата подготвеност да работат на целосно спроведување на охридскиот договор - изјави Мехмети.
Во ДПА информациите за можна застапеност на Албанците помалку од 20 отсто ги сметаат за игра на Заводот за статистика.
- Нема логика резултатите да бидат помали од оние од претходниот попис. Според наталитетот, тој број треба да биде многу поголем. Форсирајќи помали бројки, некој веројатно го подготвува теренот за да се излезе со конечна бројка од околу 24 или 25 отсто и со тоа да се смират Албанците. Реално, таа бројка треба да биде околу 30 отсто - изјави за "Дневник" потпретседателот на ДПА, Илјаз Халими.
Во ВМРО-ДПМНЕ се воздржани во оцените и велат дека ќе ги чекаат конечните резултати. (Х.И.-Б.Х.)
© 2001 Дневник, сите права задржани
Ke bide interesno... |