AaaAa |
САКАМ ДА КАЖАМ - Горан Михајловски
Арачиново светна
Менувам Камен мост за Црешово топче
1 Таму каде што не успеаја културното барање на министерот Благоја Стефановски и дипломатскиот шарм на Илинка Митрева, успеа војничката прецизност на Владо Бучковски. Следејќи ги точните координати на неговиот портпарол Марјан Ѓуровски, Бучко го лоцираше Црешовото топче во Воениот музеј во Истанбул.
Сега ќе настане раскол во СДСМ, во обид да се докаже кој е најзаслужниот што илинденскиот симбол Турците привремено ќе ни го вратат дома. Ете прво караница меѓу Бучко и Илинка. Од друга страна, Бранко ќе се налути дека некој во партијата се обидува да биде попопуларен од него. Пратеничката Елеонора Петрова што е задолжена за културниот дел од манифестацијата за 100-годишнината од Илинденското востание, ќе се почувствува запоставена. Потоа ќе се скараат музеите. Па ќе се јават крушевчани, ако топчето, наместо кај нив, заврши во Скопје.
Во меѓувреме, беше јавено дека куќата во Смилево во која се одржал Конгресот за Илинденското востание се урнала. Сме имале среќа што Турците 100 години ни го чуваат легендарното топче. Да беше кај нас, до сега или црви ќе го изедеа, или ќе завршеше како добар жар во некоја есенска акција за правење ајвар пред куќните совети.
Редно е Турците да ни го реновираат и Музејот "Македониум" во Крушево. Ако ништо друго, барем да не му капе на гробот на Никола Карев.
Ако веќе толку се грижат да ни ги чуваат вредните споменици од нивно време, зошто не би им го вратиле Камениот мост. Ќе ни го позајмат кога ќе го славиме Карпошовото востание. Тие ем ќе му ја вратат кулата ем ќе најдат камен за да го реконструираат. Сигурно на Турците им требало помалку време за да го изградат Камениот мост отколку што му треба на Пенов да го реконструира.
На Турците да им вратиме мило за драго. Тие нам топчето, ние ним мостот.
2 Вчера објавивме дека жителите на Арачиново го блокирале патот кога екипи на "Електростопанство" отишле да им ја исклучуваат струјата, затоа што речиси никој не плаќал. Е, не било така. Екипите на ЕСМ не биле да исклучуваат струја, туку да поправат некој далновод. Паднала некоја бандера, снемало струја, арачиновци помислиле дека државата презела акција и тие тргнале во борба за човекови права. Го блокираа патот.
Екипата на ЕСМ го поправи далноводот, струјата светна во арачиновските домови и блокадата беше тргната.
Гледате ли како се брани освоената територија. Арачиново е последниот бастион на човековите права. Таму не смее да се случи ни дефект на електричната мрежа. Веднаш се застанува во одбрана на човековите права. Зошто арачиновци би плаќале струја, кога ние плаќаме за нив? Зошто да плаќаат вода, кога ние плаќаме за нив? Зошто да плаќаат даноци, кога ние им ги плаќаме?
И кој е овде организирана држава? Арачиново, или државното ЕСМ?
3 Борис ни се врати дома. Овој пат со Илинка, со нашето авионче. Откако го замоли францускиот премиер Рафарен, на пропатување до Атина, да го собере во неговото авионче од Скопје, за очекување беше да најде некаков превоз и за назад. Ама изгледа никој не сакал да го земе. Мислите ли дека тоа што јавуваа за протоколарните средби на Борис во Атина со разни државници биле сериозни муабети? Не верувам. Тој си барал превоз. "Во кој правец летате? Има едно место до Скопје?".
Еднаш, за да стигне навреме на одбојкарски натпревар, оти си беше замислил дека му е амајлија на тимот на Работнички Фершпед, хрватскиот претседател Стипе Месиќ му го позајми авионот да го пренесе од Тирана до Скопје. На еден самит во Јоханесбург леташе со авионот на бугарскиот претседател Прванов.
Нашиот претседател секогаш има агенда. Ама нема ред на летање. Му лета умот со кого ќе стигне. Тој е авиостопер низ Галаксијата. Така што кога ќе се пензионира, ќе си има работа. Наместо да пишува мемоари, ќе објави водич за авиостопери. Водичот ќе се вика "Летав со нив".
Ако не му тргне со пишувањето, авиостоперското искуство ќе го искористи во сувоземниот сообраќај. По урнек на турските таксија што се викаат долмуши. Тие си имаат своја релација, и патем се полнат додека не се преполнат, и оставаат и земаат патници на кое било место. И Борис може да вози на релација Ченто - Ѓорче Петров. Да собира и остава патници каде што ќе стигне. Компанијата ќе се вика "Долмуш Президент".
4 Илинка и Борис беа во Атина за да покажат дека сме дел од европското семејство. Ден пред и тие да се сликаат, десет земји од таканаречената Нова Европа потпишаа приклучување кон ЕУ од мај 2004 година. На Романија и Бугарија им дадоа надеж дека ќе ги примат во 2007 година. Нас не не споменаа.
Се сеќавате ли што беа Романија и Бугарија пред 10 години. Да не зборуваме за Унгарија, Полска, Словачка, Литванија... Се сеќававте ли на нашето господско и надмено однесување кога на Бугарите им продадавме чорапогашти, д' вки и д' нки. Или на дезодорансите купени во "Центро" и "Славија", со кои во Полска можеше да се купи незаборавна вечер со убава девојка.
Поминаа само дванаесет години. Тогаш не бевме ни членка на ОН, чекавме редици за бензин, немавме војска, немавме граници, ама се ми се чини дека бевме повеќе држава одошто сме сега. Ако ништо друго, во Солун на митинг се собра еден милион Грци што се осетиле загрозени оти Македонија си го користи уставното име. Кој сега воопшто не есапи за живи?
Поминаа само дванаесет години. Кај бевме, каде дојдовме. Дали тие отидоа многу напред, или ние се вративме ептен назад.
|