AaaAa |
Колумна - Ферид Мухиќ
Паразитите
Кога ќе ги земеш предвид оние хит-изданија во кои специјалистички се селектираат "Најпопуларните стотина паразити од Македонија", или "Стотина најбогати македонски паразити", "Стотина најмоќни паразити на РМ", што велиш, а!?
Не ти зборувам за паразити. Зборувам за паразитите! Не едикоиси! Нашите паразити! За нив ќе ја отвориме книгата. А дебела е таа книга. Преполна лица од најразличен изглед, возраст, образование, од двата пола, етничко потекло, религиозна припадност, политичко определување... Цела енциклопедија книги од типот "Кој е кој", посветена само на своите домашни паразити, може оваа малечка земја да отпечати. Па кога предвид ќе ги земеш оние хит-изданија во кои специјалистички се селектираат "Најпопуларните стотина паразити од Македонија", или "Стотина најбогати македонски паразити", "Стотина најмоќни паразити на РМ", а, што велиш!?
Единствено, не би било умно да се објави ранг-листата на 100 најпаразитски паразити, затоа што конкуренцијата е огромна и секоја жалба би можела да се смета за оправдана. Тука, навистина, нема шега: рамо до рамо стојат се ас до ас, и оди сега па биди објективен и не греши душа!
Засега, го патентирам своето авторско право на идејата за ваков вид бестселери. И го илустрирам со кратка скица на еден особено активен и присутен подвид (Parasitus itellectualis, sub. spec. edemit. macedoica urbaa seredipitis) лоциран во градските подрачја на Република Македонија, на преминот од вториот во третиот милениум а.д.
Како и многу други значајни откритија, и ова дојде не само случајно, туку, на извесен начин, по грешка. На ова посочува завршниот збор во латинскиот назив, во кој, поради неговата научна строгост, ништо не е ни одвишно, ниту пак, смее да биде испуштено. Имено, зборот "Серендип" е назив на митолошка држава-остров во Индиски Океан, долго барана од европските морепловци. Кога стасале до Шри Ланка, тие поверувале дека е тоа бараната земја, и дури долго време така ја нарекувале. Оттогаш зборот серендипити означува случајно откритие направено по грешка. Народниот гениј тоа го регистрирал низ поговорката "Отидовме по волна, се вративме истрижени!".
Да, и јас така: појдов да барам учени, енергични, вредни, убаво воспитани соработници за научни истражувања, готови да и се посветат на идната мисија. Значи, и способни и ентузијасти, кои не ја поарчиле вербата во утопијата, во онаа благородна смисла на најдоброто место на мапата од светот. Фактот што таа земја таму ја нема, за нив треба да биде, најнапред, причина сегашната мапа да не ја сметаат вредна за гледање; и потоа, да почнат самите да ги цртаат барем контурите на тоа, за сега непостојното, но за луѓето најдостојно место. Така си мислев.
И пред малку појдов во еден убав локал со бавча, каде што таквата елита се собира. Само што нарачав едно espresso (кратко, молам!), кога од соседната маса слушнав весел разговор и фалби големи. Научни истражувачи, асистенти, научни соработници, млади и лични. Еве го делумниот опис на нивните дневни обврски, од неколкуте карактеристични секвенци. Едниот рече дека во текот на работата пие 28 кафиња и 30 овошни сока. "Просечно?" праша другиот. "Не бе. Знаеш дека кај мене нема импровизации. Почнувам со еден сок; завршувам со еден сок. Во меѓувреме, на едно кафе, еден сок. Точно 28 кафиња и 30 сока."; Тури ми тука околу 100 телефонски разговори дневно (повише ме викаат мене), во просек од три минути, ете ти 300 минути, цели пет саати; душа немам кога ќе заврши работата; Јас не пијам толку кафе, а не зборувам толку ни по телефон. Не можам да седам по цел ден. Јас излегувам, батка. Па уште сега, откако се стопли. Пукна аквариумот: риби врие по улици!; Мене пак, еден директор нешто ми мрчеше зошто сум отсуствувал десет дена од работа. Сум му ветил дека ќе останам, дека имало многу работа, па сум отишол без да му се јавам, ми вели. А бе не сум се венчал со тебе да ти кажувам каде ќе одам! Кога го собрав! Веднаш црвен картон. Го дисквалификував од прва; Да бе, вистина, не можам да се начудам! Некои од тие будалишта навистина очекуваат ние да работиме! А бе, дибеци низаедни, зар не разбираат дека е тоа класична инстанца на "cotradictio i adjecto!". Како може паразитот да работи!? Ако работи, не е паразит! Ако е паразит, не работи! И дури ни тоа не можат да го разберат, изматуфени низаедни. Почнаа да се смеат. Потоа ја запееја својата химна: "Ние паразитите!" Многу ме бендиса! Убава песна. Особено зборовите се јака работа!
Се изнаслушав колку сакаш! Пред да заминам, ги прашав дали би прифатиле да бидат, на пример, директор во големо претпријатие, амбасадор, министер, кога некој би им понудил. Се разбира, рекоа! Кога би се нашол таков да разбере колку ние навистина сме способни, некој што би знаел да го цени тоа, само такви нешта и само нам би ни ги нуделе. Секој од нас може да биде и премиер!
И ете, тоа го слушнав пред половина час, ми рече пријателот и нарача едно кафе. Ова ми е седмото денес. Јас пијам до десет кафиња. Кај ќе ги стигнеш нив, тие паразитите!?
А јас си помислив колку биолошките законитости, и покрај сите научни резерви, важат за општеството во целина. Во природата, паразитите најмногу ги напаѓаат ослабнатите, летаргични организми. Во општеството, исто така. Здраво и витално општество паразити не трпи. Ги чисти, а и тие од него бегаат. Ми дојде да викнам: дајте луѓе, да се активираме, да го вратиме оптимизмот, да го обновиме ентузијазмот, да го ревитализираме нашиот елан. Ако за ништо друго, барем колку да ги видиме паразитите како бегаат, барајќи си друга земја Серендип. Македонија доволно долго беше Серендип-држава за паразитите. |