Hag ja zasili istragata za ischeznatite civili
Hag ja zasili istragata za ischeznatite civili
melpomena Масовни гробници се бараат на три локации во Тетовско Претставници на Хашкиот трибунал за човекови права, тим експерти од германската полиција и екипа на Институтот за судска медицина вчера копаа на една, а се истражуваат уште две други локации во Тетовско, за кои се претпоставува дека се масовни гробници во кои се закопани цивили-Македонци, киднапирани во воениот конфликт во 2001 година. Екипи на тетовската полиција, припадници на првиот баталјон на полициската единица за брзи интервенции и на специјалната единица "Тигар" го обезбедуваа теренот околу локациите, а претставниците на ОБСЕ ја набљудуваа работата. Со багери вчера се копаше само на депонијата крај патот Тетово-Јажинце, меѓу селата Џепчиште и Непроштено. Според полициски извори, се претпоставува дека е можно на таа локација да се закопани три човечки тела. На втората локација во атарот на селото Ратае, кај фудбалското игралиште, сомнителниот дел од теренот е ограден и се пребарува со специјално обучени кучиња. Таму се уште не се копа. Иста е ситуацијата и на третата локација, кај селото Требош, на стотина метри од ископите, кои се вршеа во 2001 година. Локацијата е оградена и се обезбедува, а теренот се пребарува со кучиња. Полициски извори неофицијално тврдат дека има уште една локација во Тетовско, за која се претпоставува дека може да биде масовна гробница, но засега таа се чува во тајност. Ископувањата и пребарувањата се почнати по наредба на Хашкиот трибунал, а иницијативата била од надлежните во МВР. По претходни сознанија на Управата за државна безбедност и контраразузнавање било побарано претставници на Хашкиот трибунал да почнат да пребаруваат и да копаат на локациите за кои се претпоставува дека ги кријат телата на 12-те киднапирани Македонци. Во МВР велат дека немаат никакви информации за ископувањата и оти целата работа ја водат претставниците на Хашкиот трибунал. Остатоци од човечки коски од карлица, од нозе и од стапала, завиткани во ќебе, беа најдени пред еден месец во депонијата кај селото Требош, во непосредна близина на локацијата каде што се копаше пред две години. Портпаролот на ОБСЕ, Волфганг Гревен, на вчерашната прес-конференција рече дека не може да каже по чие барање почнале истражните дејства за можни масовни гробници во Тетовско. - Немаме информација дали истрагата се води по барање на истражен судија, ниту пак дека локалните власти упатиле барање до Хашкиот трибунал. Истрагата ја предводи МВР, а ОБСЕ само набљудува. На теренот има два тима германски полицајци со специјално тренирани кучиња. Двајца експерти се со полициски униформи, тројца се во цивилна облека и осум тима се од локалните власти. Имаше и луѓе од судска медицина. Кучињата не можат да работат брзо, бидејќи се пречувствителни - изјави Гревен. Дипломатски извори велат дека во реонот на Непроштено и Доброште се копало на шест места и оти досега не било најдено ништо. Надлежните во двата скопски и во тетовскиот основен суд велат дека досега никој не ги известил за истражните дејства за можните масовни гробници, па затоа на ниту една локација не бил присутен истражен судија. prevzemeno od dnevnik