melpomena |
Кучан вели Југославија се распадна оти Слобо така сакаше
ХАГ, 22 мај (АП) - Долгогодишниот претседател на Словенија вчера го однесе судскиот процес против Слободан Милошевиќ до почетокот на распаѓањето на Југославија и ги опиша заканите и застрашувањата на ...
ХАГ, 22 мај (АП) - Долгогодишниот претседател на Словенија вчера го однесе судскиот процес против Слободан Милошевиќ до почетокот на распаѓањето на Југославија и ги опиша заканите и застрашувањата на српскиот лидер кои навестувале години на војна. Милан Кучан, поранешниот комунистички лидер на Словенија кој стана првиот претседател на државата, за трибуналот за воени злосторства на ОН изјави дека Милошевиќ предупредувал дека Југославија ќе се распадне, и дека границите на републиките ќе се изменат силум.
"Пораката беше дека Југославија ќе се распадне... Србија никогаш нема да се согласи Србите да останат надвор од границите на Србија", рече Кучан, еден од најстарите политичари од поранешна Југославија кој излезе да сведочи пред трибуналот. Распаѓањето всушност почна во Словенија, која по традиција беше најлиберална и најбогата од шесте републики кои ја сочинуваа федерацијата и таа прва се отцепи.
Обвинителството тврди дека Милошевиќ, прво како српски претседател а подоцна и како претседател на Југославија, ја употребил војската за да создаде "голема Србија" со надеж да ги прошири границите на Србија кон области во другите републики каде што мнозинството население се Срби.
Во судницата Кучан и Милошевиќ се судрија околу тоа кој бил одговорен за почетокот на распаѓањето и почетокот на војната во Словенија.
Кучан ги изложи обидите на Словенија во 1989 година да воведе демократски реформи кои водат кон конфедерација, откако Милошевиќ почнал да изразува српски национализам и да организира улични демонстрации против лидерите коишто му се противеа. "Никој во Словенија не работеше на концептот на распаѓање на Југославија. Ние само работевме на реорганизација и реконструкција на Југославија", изјави Кучан кој по три последователни мандати минатата година се повлече од претседателската функција. Последниот удар бил зададен на конгресот на СКЈ во јануари 1990 година кога предлозите на Словенија за уставни промени биле надгласани еден по еден. Во секој случај Милошевиќ прв го кревал гласачкото ливче по што следеле илјадниците делегати во салата.
Иако Милошевиќ тогаш бил само на функцијата претседател на Србија, која беше најголемата република, Кучан нагласи дека Милошевиќ имал целосна контрола над конгресот. Словенечката делегација излегла од конгресната салата столчена. "Тоа значеше крај на Југославија како држава", изјави Кучан.
Милошевиќ ја обвини Словенија дека ја почнала војната. "Вие бевте за насилство. Вие ја имавте решавачката улога", му рече тој на Кучан во текот на вкрстеното сослушување. "Зошто се решивте за војна? Зошто ја нападнавте ЈНА?", го праша Милошевиќ. "Словенија е сакаше војна, таа не и беше потребна и не ја почна", му одговори Кучан без да го погледне.
Мавтајќи со купче документи Милошевиќ набрзина наброја 27 одлуки на федералниот Уставен суд со кои биле озаконети неуставните словенечки закони кои довеле до отцепувањето. Кучан изјави дека судот автоматски бил против Словенија бидејќи двајцата судии од двете републики ги надгласале словенечките претставници.
|