melpomena |
Фетаи се врати во хангарот со владиниот авион
Во авионот со ексминистерот, кој бил видно ослабен и ни малку не потсетувал на веселиот Фетаи од времето на министерувањето, бил екстрадиран и криминалец, македонски државјанин, осомничен за силување, кој ...
Ексминистерот за економија Бесник Фетаи, вчера беше екстрадиран од Хрватска во Македонија. На Скопскиот аеродром напладне слета со владиниот "кингер". Претходно беше најавено дека Фетаи од Хрватска ќе се врати со редовната линија на "Кроација ерлајнс". Дознаваме дека летот бил сменет, откако се утврдило дека таквиот превоз е поскап отколку ако го донесе владиниот авион.
Поради високиот степен на ризичност, владиниот авион по слетувањето не застана на платформата,туку директно влезе во хангарот во близина на полициската станица. Во хангарот беше и полициското комбе со кое Фетаи беше транспортиран во Шутка. Очевидци велат дека ексминистерот бил истрижен и избричен, видно ослабен и ни малку не потсетувал на веселиот Фетаи од времето на министерувањето.
Во владиниот авион Фетаи бил со вообичаена полициска придружба.
"Вест" дознава дека во владиниот авион заседно со Фетаи бил екстрадиран и некој криминалец од Македонија, по кого од Интерпол пред три години била распишана меѓународна потерница. Се работи за осомничено лице за силување. Тој бил фатен во Стокхолм.
Снимање и фотографирање на слетувањето и на приведувањето на Фетаи не беше дозволено.
Од кабинетот на министерот за внатрешни работи Хари Костов ни беше речено дека вчераутрото била дадена наредба да се дозволи пристап на фоторепортери и сниматели. Немало никакви ограничувања, освен сугестијата да не се снима Фетаи одблизу, за да му се заштити дигнитетот. Зошто потоа пристапот на аеродромот на фоторепортерите и на снимателите им беше забранет, не се знае. Тие останаа пред портата на аеродромот.
Со екстрадицијата на Фетаи ќе се создадат правни услови за започнување на судската разврска околу приватизацијата на НИП "Нова македонија". Ексиминистерот за економија, заедно со поранешниот директот на НИП-от Никола Тасев треба да докажат како и на кој начин ја приватизирале оваа новинска куќа и како проневериле околу 2,3 милиони евра.
|