melpomena |
Ova e vtora trojka vo Tetovo[:)]
Кума Илинка ја крсти тројката во Тетово
Кумата им посака многу здравје и среќа во животот на Наталија, Никола и Николина и ги даруваше со по едно златно крвче, пари, облека, чевличиња и играчки
Наталија, Никола и Николина - тоа се имињата на новородената тројка на среќните родители Радиша и Достанка Станоевиќ од Тетово, чие крштавање вчера, на празникот Духовден, во Соборниот храм "Свети Кирил и Методиј", во присуство на кумата, министерката за надворешни работи Илинка Митрева, го изврши митрополитот полошко-кумановски г. Кирил. Кумата им посака многу здравје и среќа во животот на бебињата, а на нивните родители им честита за рожбите.
"Радосни сме и возбудени. Господ не даруваше со овие први чеда, родени на 17 мај, по 13 години во нашиот брак, но се повеќе се мислиме како ќе ги навјасаме потребите на бебињата за пелени, млеко и друго. Некако ќе издржиме", ни изјави таткото Радиша, кој е вработен како градежен техничар во ГП "Бетон" во Тетово. Тој е веќе втора година на принуден одмор со месечни примања од само 3.000 денари. Радиша и со намалена работна способност, бидејќи има здобиено повреда на едната нога од шрапнел, по детонацијата на граната која експлодирала пред нивната куќа во 2001 година за време на тогашните воени дејства.
Мајката Достанка е вработена како трговски работник во "Веро" и во семејниот буџет учествува со плата од 6.000 денари. Веднаш по раѓањето на бебињата владиката Кирил од свое име и од името на МПЦ им подари хигиенски средства, пелени и креветчиња. Донации во парични средства и пелени пристигнаа од колегите од "Бетон", Црвениот крст од Тетово, а минатата сабота и од Македонско-американската национална алијанса - МАНА, основана од нашите сонародници во САД. Вчера ги даруваше и кумата Илинка. Во пакетите што беа подготвени за сите три бебиња имаше по едно златно крвче, пари, облека, чевличиња и играчки.
Во двете соби на куќарката од 70 квадрати, на ул. Сремска бр. 8, во Јајчарово маало, во стариот горен дел на Тетово, сега живеат пет члена. "Тесно е, но и пресреќни сме ", велат таткото и мајката. Нивната куќарка, инаку се наоѓа на само 50-тина метри во воздушна линија од куќата на семејството Дурловски, чијашто прва тројка малите Мартин, Александар и Дарко Дурловски, вчера на денот на крштавањето на Никола, Наталија и Николина наполнија 20 месеци.
(С.Т.)
|