DJ_SHEMA |
prezemeno od Dnevnik.
МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА
Во Леринско слободно се вие македонско оро
Односот на Грција кон нас не е како порано и се менува на подобро вели Крсте Ашлаков од леринското село Овчарани
Македонците очекуваат да ги добијат сите права што им следуваат: Лерин
Во педесетина села околу Лерин не поминува веселба, свадба или крштевка на која нема да се запее македонска песна, да се заигра македонско оро. Луѓето од тие села населени со Македонци веќе слободно и отворено зборуваат македонски. Постарите почисто, помладите нешто потешко и под влијанието на грчкиот, но со нескриена желба да го знаат јазикот. Во едно од селата веќе се појавила и првата надгробна плоча на која името на покојникот е напишано на македонска кирилица. Се повеќе луѓе бараат имињата на новородените деца во црковните книги да им се запишуваат како што се изговараат на македонски.
Градот, со чии жители многу лесно ќе успеете да воспоставите комуникација и на македонски јазик, летово треба да биде центар на среќавања на многубројни политички емигранти-Македонци, по најавата од грчките владини кругови дека ќе им биде овозможен влезот и дека проблемот со нив треба да биде трајно решен. Се оценува дека тој политички потег ќе даде нов импулс во европеизација на регионот и за ослободување од стегите и предрасудите од минатото. Желбата на Македонците од овој крај е таа да помине во најдобар ред.
Во минатата есен на изборите за регионалниот совет на Лерин првпат беше избран за член Пеце Димчев, кој отворено се декларира како Македонец.
Во општинската префектура на Лерин од неодамна како архитект е вработен Павлос Васкопулос, еден од видните членови на партијата "Виножито", која упорно се бори за признавање на правата на македонското малцинство во Грција. Се повеќе декларирани Македонци работат во јавните државни служби. Таблата на "Виножито", испишана и на македонски јазик, стои на партиските простории во центарот на Лерин. Сите промени во односот кон Македонците не наоѓаат веќе на жестоки и категорични општи отпори во грчката јавност како порано. Додуша, официјалната државна политика се уште не го сменила ставот за непризнавање на македонско национално малцинство, за кое уште се користат термини "Словени", "славофони", "билингвисти". Сепак, сето што се случува покажува дека нештата се менуваат на подобро, дека на малцинствата, чекор по чекор, внимателно им се признаваат културните, политичките и социјалните права.
- Односот кон нас не е како порано. Кога сме непризнаени не можеме да кажеме дека е се добро. Но, се менува на подобро. Помина времето кога моравме кришум да слушаме радио на македонски јазик, кога се плашевме од полицијата, која постојано патролираше низ селото. Кога не смеевме гласно да зборуваме на македонски јазик. Тоа е веќе сменето, ама потребни се и други промени - вели Крсте Ашлаков, или Ставрос Анастасијадис по грчки, чие семејство со генерации живее во леринското село Овчарани.
Со околу 400 куќи и две и пол илјади жители е едно од поголемите села населени со Македонци и кое остава впечаток на добри домаќини. Така е и во другите села. Во последниве години грчката Влада преку разни кредити и бесповратни средства на разни начини им помага на луѓето. Ако е некој чист земјоделец, државата донира 60 отсто од потребните пари за да набави механизација. Семејствата на Крсте и на неговиот брат Панде работат напорно со градежна механизација стигнувајќи да најдат ангажмани и во РЕК "Битола" и во Кичево.
- Кога сте на свадба и веселби, 90-100 отсто од луѓето ќе ви кажат дека се Македонци, кога треба да се гласа, ќе излезат само 10-15 проценти. Луѓето се уште се плашат да кажуваат што се, се уште стравуваат за работните места, да не имаат последици по својата егзистенција. Дури и кога се играат ора, едната група ќе запее "Елено моме" на македонски, другата ќе игра само на музиката на грчката варијанта "Елено кори". Охрабрува тоа што се пее и во селата каде што до скоро тоа беше незамисливо - вели Панде, братот на Крсте.
Тие наведуваат дека свештениците од Грчката православна црква одбиваат имињата на новородените да ги запишат во македонска варијанта. Името Донка во црковните книги било запишано како Домна иако семејството сакало да биде изворно. Децата, пак, од своја трета година мора да одат во градинките каде што прво се среќаваат со грчкиот јазик. Затоа подоцнежното учење на македонскиот им е потешко. Сепак, тој, полесно или потешко, се совладува.
- Сакам да ја научам внуката да зборува македонски. Но, мојот зет, кој е Македонец по потекло, ми вели: "Нема потреба, подобро е да знае да зборува добро грчки. Јас не мислам така - вели една постара жителка на селото Неолани.
Воведувањето на изучувањето на македонскиот јазик е едно од главните барања што пред грчките државни органи ги поставува "Виножито".
- Ние не сакаме да имаме посебни школи како што го прават тоа некои етнички заедници во други земји. Ние сакаме македонскиот да се изучува во рамките на државниот образовен систем, со определен број часови. Не сакаме сепарација, гетоизација на Македонците на овој простор и наше одвојување од грчкото општество. Затоа и соработуваме со грчките политички партии. Ние сме дел од ова општество, но од името на почитување на демократските права на различност, треба и да се признае правото на постоење на македонско етничко малцинство. За тоа е потребна промена во свеста во грчкото општество и се надевам дека наскоро и ќе се случи тоа - вели Павлос Васкопулос, член на раководството на "Виножито".
|