Whitebaby |
Илинка Митрева и Лоренс Батлер го потпишаа договорот за Меѓународниот суд
САД преферирале Македонија место уставното име
Слободанка Јовановска
Договорот меѓу САД и Македонија за Меѓународниот суд за воени злосторства прексиноќа, без присуство на јавноста, го потпишаа министерката Илинка Митрева и амбасадорот Лоренс Батлер, и на него не стои уставното име на државата, туку само Македонија. Според извори од МНР, до последен момент се преговарало за ставање на уставното име на овој правен документ, но два дена пред потпишувањето на договорот САД ги известиле дека договор со уставното име Република Македонија не може да биде нотифициран во Конгресот. Имено, тоа подразбира друга процедура, или поточно политичка одлука за признавањето на името на нашата држава, а за такво нешто во моментов во САД не постои расположение. "Добивањето на битката за името не е брзинска трка, туку маратон", изјави претставник на МНР, дополнувајќи дека документот е потпишан без помпа за да не се иритира јужниот сосед. Според неа, фактот дека ова е прв правен документ потпишан со САД со името Македонија и дека тој ќе биде нотифициран во Конгресот, е многу важен за Владата, иако ваквата практика нема да стане правило, туку станува збор за единечен случај.
Во МНР оценуваат, исто така, дека потпишувањето на договорот за изземање на американските војници од дофатот на Меѓународниот суд за воени злосторства е резултат на континуитетот на одличните односи со САД, на зајакнувањето на нашето партнерство и на следењето на интересите на државата, во кои приоритетни се името на земјата и безбедноста на Македонија, со прием во НАТО. Според овој претставник, исполнувањето на стандардите за НАТО наедно ќе значи и исполнување на стандардите за ЕУ, а со влезот во Алијансата договорот автоматски нема да важи, бидејќи членките на овој воен сојуз не го потпишуваат. ?Интерес на Македонија е што побрзо зачленување во Алијансата, а таа ни е поблиска и подопирлива од Унијата", велат во МНР, но не можеа да објаснат како САД и даваат поддршка на земјава за прием во НАТО со резолуција на Конгресот, а веќе следниот ден претседателот Џорџ Буш ја прогласува Македонија за земја закана за американската национална безбедност. Односно, дали и даваат или не и даваат поддршка и зошто МНР, по официјален пат, не им укажал на САД на ваквото двојство во сигналите и одлуките.
На дилемата дали е правно валиден потпишаниот договор, бидејќи на него не стои ниту уставното име, ниту името признато во ОН за нашата држава, во МНР одговараат дека за тоа решава исклучиво парламентот, и кога тој ќе го изгласа, договорот ќе стапи во сила. Досега САД не поставиле никакви рокови за негова ратификација, но во последната изјава споксменот на Стејт департментот, Ричард Баучер, практично најави дека притисокот нема да престане, ниту спрема земјите кои не го потпишаа договорот, ниту кон оние кои сў уште не го ратификувале, бидејќи бројот на вторите е минимален. Инаку, со договорот Македонија се обврзува да не ги испорачува американските државјани , но и сегашните и поранешни припадници на воениот персонал кои учествувале во мировни или други воени мисии на САД, односно и неамериканските државјани кои се борат под раководството на САД. Иако Владата во преговорите со САД одби да го вклучи принципот на реципроцитет за македонските граѓани кои веќе во моментов се под американска команда во Ирак, повикувајќи се на желбата да го почитува потписот на Римскиот статут на Меѓународниот суд, со договорот таа можност правно, сепак, е обезбедена. Тоа го става нашето судство во двојна ситуација, односно да се повика на едниот или на другиот потпис кои се со контрадикторна содржина, но во МНР сметаат дека таква опасност нема да постои, бидејќи националното законодавство има предност пред меѓународниот суд, па така ќе им се суди на извршителите на тие дела, а Македонија ќе опстои и на преземената обврска да ги испорачува своите граѓани извршители на кривични дела на новоформираниот суд.
Технички, договорот што го потпиша Македонија во МНР се оценува како подобар од албанскиот и романскиот, бидејќи вклучува два дополнителни члена со кои се инсистира дека тој не обезбедува неказнивост за воените злосторства и се повикуваат САД да останат доследни на нивните правни обврски од меѓународните конвенции што се однесуваат на оваа материја. Од МНР притоа известија дека ЕУ сугерирала Македонија да се повика, како Словенија и Србија и Црна Гора, на договорот со САД од времето на Кралството Југославија, чија важност никогаш не била прекината, но тој не се однесувал на делата што ги има во описот Хашкиот суд, а за САД не била доволна ни рамката што ја дава СОФА- договорот.
Македонија, инаку, не беше последната земја која вчера побрза да стави потпис на билатералната спогодба, бидејќи конечната бројка на земји кои го сторија се зголеми на педесетина. Од нив само 19 земји се потписници на Римскиот статут, 13 се африкански, 12 се од Азија, 6 се од Пацификот, пет латиноамерикански, четири од Блискиот Исток, а вклучувајќи ги Грузија и Азербејџан, вкупно пет од Европа, при што освен Албанија, Романија и БиХ, до вчера потпис на договорот не стави друга балканска земја. Седум од овие земји побарале да останат анонимни, но нивните имиња, сепак, излегоа во јавноста. Американските медиуми вчера беа фокусирани на изјавата на Ричард Баучер дека ефектот од заканата за укинување на воената помош на земјите што не одговорија на американското барање ќе биде минимален, станува збор за 230 милиони долари годишно, но и таа сума е доведена под прашалник,бидејќи уште вчера се очекуваше претседателот Буш да излезе со одлука кои од непослушните земји ќе бидат изземени дополнително од таквото казнување, поради интересите на САД да не го сторат тоа.
Mislam deka USA do sega ni go zachuka ama bukvalno vo site mozhni pozi... dodushe koga poubavo ke razmislam, koga se raboti za Republika Makedonija ke izmislat oni ushe nekoja poza. Teshkoto e sho znam deka ne sme idioti, a mora da glumime idioti... |