melpomena |
Актуелната власт го утна вековниот јубилеј
Граѓаните не ги прифаќаат оправдувањата дека не е време за мегаломански проекти
Граѓаните не почувствувале празнична атмосфера во годината кога се прославува стогодишнината од Илинден. Тие, без оглед на тешката економска и социјална состојба во земјава, не ги прифаќаат оправдувањата дека ова не е време за мегаломански проекти или дека спонзорите потфрлија. Ретки се тие што сметаат дека доволно е направено за чествување на Илинден.
- Сите критики во весниците се оправдани. Јубилејот е многу важен и овие генерации нема пак да го доживеат - вели Сашо Андревски.
Скопјанецот Данчо Тодоровски, инженер, вели дека не се чувствува ништо од тоа што било најавено.
- Не се издржани оправдувањата за ограничени финансии. Тоа не е врзано само со пари, туку и со добра волја - изјави тој.
Гордана Темелковска, службеничка изјави:
- Станува збор за многу важен јубилеј и тоа треба да се чувствува во повеќе сфери, а не да не можеме да се организираме ниту за прославување на стогодишнината на Илинден. Јас лично, освен химната на Ориѓански, не сум слушнала дека некој направил нешто по тој повод.
И за Мино Наумов, оператор во "Телеком", нема атмосфера за прослава.
- Тие што требаше да ја создадат очигледно бегаат од одговорноста. Зашто да чекаме пари од спонзорите кога оваа држава има Влада. Овие луѓе треба да почувствуваат дека имаат своја држава. Притоа не мислам само на Македонците и на Власите туку и на Албанците, Ромите, Србите и сите останати па дури ако е потребно и дел од програмата да се реализира на нивните јазици - вели Наумов.
Владимир Трајковиќ, студент од Куманово, вели дека и покрај јубилејот не гледа славеничка атмосфера.
- Сигурно дека е потребно многу повеќе да се направи за стогодишнината, но што и како тоа треба да го решат одговорните во државава.
Пензионерот Душко Крстевски смета дека се уште има шанси нешто да се коригира:
- Нашиве доцна се разбудија, кога Бугарите веќе наголемо ја прославуваат стогодишнината. Но, се уште има шанси нешто да се стори, ама се плашам дека тоа нема да биде од срце.
Павлина Димова, сметководителка, мисли дека и тоа што се прави е доволно:
- Ако бевме посредени во секојдневниот живот, ќе можевме да почувствуваме дека нешто се одбележува.
Наставничката Зора Симоновска е разочарана од тоа што се случува со јубилејот.
- Беше најавен голем проект за стогодишнината, но јас не гледам ништо од ветеното. Младите генерации можеби не го чувствуваат празникот како нас постарите, кои имаме потреба нешто да негуваме, а ни самите повеќе не знаеме што.
Диана Младеновска
prevzemeno od Dnevnik
|