DJ_SHEMA |
Chestit Ilinden za site gradjani na Republika Makedonija.
Македонија ја слави стогодишнината од својата државност втемелена на трите историски датуми, на трите Илиндени.
Големото Илинденско востание го подготви Македонската револуционерна организација формирана во 1893 година, предводена од корифеите на македонското ослободително движење Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Јане Сандански, Питу Гули, но и илјадници борци кои се жртвуваа за слободна држава Македонија.
На Конгресот во Смилево 1903 година било донесено решението за кревање на сенародно востание против отоманскиот режим.
Највисок дострел на востанието била Крушевската република, траела 10 дена, прва на Балканот, устроена по примерот на Париската комуна, со претседател Никола Карев, претседател на собранието Дину Вангели, влада, комисии и центар за соработка со конзулите.
Крушевскиот манифест е проглас - декларација, одраз на целите на востанието, напишан на народен македонски јазик во кој се содржани демократските стремежи за независна држава и единство меѓу народите.
На вториот Илинден, Првото заседние на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, одржано на 2 август 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, се удрени темелите на македонската државност, за што сонуваа и гинеа илинденците 4 децении порано.
Осамостојувањето на Македонија од СФРЈ го претставува третиот македонски Илинден. На 8 септември 1991 година над 95% од македонските граѓани на референдум гласаа за независна и суверена Република Македонија.
Претседателот Борис Трајковски денеска во свечениот говор во Крушево по повод 100-годишнината од Илинден повика на разбирање и меѓусебно почитување на граѓаните од Република Македонија.
„Како Претседател на Република Македонија сакам и одовде, чествувајќи го стотиот Илинден, да испратам порака до секој наш граѓанин, до секој наш дом, до сите кои ја носат Република Македонија во срцето: таа е држава на сите кои живеат во неа. Разликите треба да не спојуваат, а не да не раздвојуваат. Да се свртиме кон она од што се живее и да не се затвораме во надживеани и од целиот напреден свет отфрлени концепти. Сите недоразбирања да ги надминуваме со меѓусебно разбирање, преку дијалог во институциите на системот и со почитување на демократијата и нејзините правила“, рече Трајковски.
Тој нагласи дека Крушево денеска „со чисто срце и ум можеме да го прогласиме за главен град на европската идеја за демократија на Балканот“.
„Големината на таа македонска епопеја има една поинаква димензија од останатите: таа не беше само борба за слобода и создавање на своја држава, туку и борба за верска и меѓуетничка толеранција - единствен феномен не само на тогашниот Балкан, но и многу години подоцна, што остана македонски белег и препознатливост до денешни денови“, истакна шефот на државата.
Трајковски нагласи дека десетте дена на Крушевската Република станаа симбол на македонскиот сон за своја држава.
„Во исто време, Крушевската Република е симбол на сонот на сите балкански народи за она што тогаш и денес се нарекува европски стремеж... За разлика од тогашната балканска политичка реалност, во која монархизмот значеше создавање на еднонационални држави, македонскиот републиканизам, деклариран во Крушевскиот манифест, се бореше за општочовечки вредности“, нагласи Трајковски.
„Големата вистина што е започната овде, во Крушево, на 2 Август 1903-та, пред сто години, ќе заврши тогаш кога целиот свет ќе го прифати нашето право на идентитет, нашето име, Република Македонија. Само на тој начин можат да бидат поставени основите за градење на вистинското партнерство меѓу народите и државите. Без тоа, Големата Европа ќе почива на принципи што нема да бидат есенцијално европски“, рече Претседателот.
„Да ги обединиме силите кон освојување на европските и светските пазари, да направиме од Македонија привлечна земја за странски инвестиции, да го вратиме во земјата одлеаниот ум... да ги вложиме сите сили во рестартирање на замрените капацитети и отворањето нови, за развој на информатичкото општество“, дополни Трајковски.
„Илинден не е празник само на Македонците, туку на сите граѓани на Република Македонија и чествувањето ни припаѓа на сите нас, подеднакво ... Македонија денес има потреба од отворени хоризонти. Треба да бидеме отворени најпрвин кон самите себе, да ги урнеме сите вештачки бариери кои не делат по било која основа. Да разбереме дека сите делиме иста судбина и дека светот нема да не цени по тоа на кој јазик зборуваме и во која партија членуваме, туку по тоа дали се однесуваме како европски граѓани или пак како провинцијални национал-романтичари, заробеници на партискиот и идеолошкиот ум“, рече тој.
„Денес ја прославуваме македонската државност, Илинден 1903, но и АСНОМ 1944, а историјата сакаше блиску да е и Денот на независноста - 8 септември. Спомнувајќи ги овие три столба на македонската државност, оваа симбиоза на трите значајни датуми што ја втемелуваат нашата држава и сеќавајќи се со почит на сите оние кои со живот ја платија љубовта кон татковината и слободата, изразувам надеж дека во иднина на овие простори никогаш веќе нема да има потреба за нови жртви“, истакна Трајковски.
„Големината на овој ден допушта да се навратиме во сеќавањата и на исклучително мачната и тешка 2001 година. Во името на сите млади и непотребно згаснати животи, во име на сите во темнина завиени мајки, сакам да повикам на разум, мудрост, разбирање и решеност да ги затвориме историските страници полни со несреќи и болка, затоа што не е можно среќата на едните да се гради врз несреќата на останатите“, рече Претсдателот во говорот по повод 100-годишнината од македонската државност.
Илинден е велик подвиг на мал народ. Велик затоа што е мерка за брзината со која Македонците созреаја за организирање на масовно востание, запишале историчарите, дефинирајќи го значењето на Илинден. Сто години потоа современиците ќе оценат дека Илинден е темел на македонската државност, но и потсетник за идните борби и предизвици.
Во Крушево се одржува централното одбележување на стогодишнината од Илинденското востание со манифестацијата „10 дена Крушевска Република“.
„Граѓани на Република Македонија, без разлика на вашата национална, верска или политичка припадност, дојдете сите заедно во Крушево достоинствено да ја одбележиме стогодишнината од државноста на Република Македонија и од Илинденското востание“, повикува Одборот за прославата на едновековниот јубилеј.
Илинден е историска делница. Македонскиот национален проект започнува со векови наназад од словото Климентово, до Пејчиновиќ, Миладиновци, Главинов и стоте години од „Македонцките работи“ на Мисирков. Пред тоа гемиџиите, па крушевските автори.
„Книгата на Мисирков и Илинденското востание се две компоненти што ја прават македонската револуција - Илинденската. Ние ја имаме културно-националната мисла со македонскиот јазик, култура и историја и ја имаме револуцијата за создавање македонска држава“, изјави во едно интервју за А1 академик Блаже Ристевски.
Некои историчари велат дека политичарите го определиле Илинден како еден век од македонската државност. „Македонци сетете се на нашето потекло и немојте да се откажувате“, пишува во Манифестот на привремената влада во 1881 година по Кресненското востание.
„Илинден трајно гради национална историска свест за постоење на македонскиот народ и го определи патот на содавање македонска држава. Сепак, ние прославуваме 125 години од македонската државност, бидејќи во времето на Кресненското востание имаме слободна територија, организирана власт и воено-востанички единици“, вели историчарот Михајло Миневски.
На стотина метри од Македониумот, на Гумење, каде пред еден век Никола Карев им држел говор на својот народ и своите комити, повторно се собира народ и коњаниците кои пет дена доаѓаа од сите краишта на Македонија.
Манифестацијата ќе биде збогатена со голем огномет и со галаоперски концерт на платото пред споменикот Илинден. Ќе бидат изведени фрагменти од оперското дело „Илинден“ на Кирил Македонски и од оперите „Кузман Капидан“ и „Разделба“, компонирани од Трајко Прокопиев.
Во своето родно и славеничко Крушево концерт ќе одржи и Тоше Проески, насловен како „Тоше и sвездите“, а ќе бидат отворени и неколку изложби.
Забележливи се државни знамиња, знамиња на ВМРО-ДПМНЕ и луѓе со партиски белези на СДСМ, како и силно полициско обезбедување.
Во градот присуствуваат шефот на државата Борис Трајковски, премиерот Бранко Црвенковски, претставниците на парламентрната делегација и репрезенти на АРМ, Сојузот на борците на Република Македонија, претставници на „10 дена Крушевска Република“ и на странски земји, кои утре ќе положат свежо цвеќе на гробот на Никола Карев и пред Македониумот.
Иако иницијативата на претседателот Трајковски за собир на шефовите на државите од регионот токму на Илинден не успеа, во Крушево ќе бидат присутни гости од Србија, Босна и Херцеговина, Романија и веројатно заменик-претседателот на Бугарија.
Во историјата ќе биде забележано дека за првпат пред Мечкин Камен ќе се поклони еден висок бугарски државник.
|
DJ_SHEMA |
Моја Македонија
(Ѓорѓи Крстевски - Ѓорѓи Крстевски - Роберт Билбилов)
Секој ден,
што од Бога ми е подарен,
го вдишувам
и го живеам к'о последен,
како зрак низ облак што се пробива
и нежно те погалува знам,
дека се е запишано во ѕвездите,
живееме, за да некому припаѓаме ,
не знаев дека за тебе јас постојам
и бескрајно ти припаѓам, знам!
Реф:
Расти, земјо мила
чија не си била,
колку бол во себе само
си скрила!
Кога не сум тука,
срце силно чука,
да се вратам таа повикува,
Моја Македонија!
Јас сум твој,
а ти си моја како некогаш,
единствена и слободна засекогаш!
Како зрак
низ облак ќе се пробијам,
за тебе да запеам, знај!
|