GROBAR |
За МВР вчерашниот обид за гранатирање на армиската караула Гошинце е терористички чин, на чие расветлување се уште се работи. За полицијата се уште се непознати сторителите, за кои Министерството за одбрана соопшти дека дејствувале од територијата на Македонија, од блиското село Лукаре Маало.
Други безбедносни извори за А1 изјавија дека напаѓачите се македонски државјани, но не кажаа други детали.
Во МВР велат дека најновиот инцидент за нив не е изненадување затоа што подолго време имаат сознанија за дејствување на поединци и помали групи во тој регион.
Полицијата, велат од таму, знае за неколку групи, чии членови се вооружени и понекогаш униформирани, кои се движат на потегот од Танушевци кон Арачиново и од таму кон Кумановско и Липковско.
„Најголемиот број од нив се македонски државјани, ги има и од Косово, но тие немаат поддршка од локалното население“, тврдат од МВР.
На прашањето што прават за да ги неутрализираат овие групи, од полицијата одговараат дека ги преземаат неопходните мерки за нивно лоцирање.
Од МВР тврдат дека Авдула Јакупи познат како Чакала од скопско Арачиново не е во никаква релација со вчерашниот настан.
Токму Чакала и неколкумина околу него пред неколку дена амбасадорот на НАТО Николас Бигман ги посочи како група криминалци која оперира на Скопска Црна Гора и која треба да се уапси.
„Доколку бев на местото на министерот Костов, јас ќе ги уапсев овие лица што побрзо можам. Не затоа што тие се страшно многу важни, тие се само група криминалци, туку затоа што тие се сега единствени луѓе што роварат во земјата“, изјави Бигман.
На прашањето зошто министерот Костов се уште не го апси Чакала и неговите приврзаници кои, според безбедносни извори, се почесто со униформи и оружје се шетаат низ Арачиново, од МВР одговараат дека Костов не е тој што апси, дека Министерството е институција која поднесува кривични пријави, дека пријавите за неколкумина кои влијаеле за нестабилност во Македонија веќе се подготвени и дека многу брзо ќе бидат поднесени до Јавното обвинителство.
За Министерството за внатрешни работи генерално безбедносната состојба е стабилна, но чувствителна.
|