melpomena |
"Единаесет минути" од Пауло Коелјо
Издавачкиот центар "Три" го објави и последниот роман на познатиот бразилски писател Пауло Коелјо, "Единаесет минути". Ова малку поинакво издание на авторот на популарните романи "Алхемичарот", "Вероника реши да умре", "На брегот на реката Педра седев и плачев", предизвика бурни реакции во светот, бидејќи Коелјо за првпат се двои од онаа својата филозофска нишка во нарацијата и пишува еден сосема реалистичен роман: роман за сексот, за реалниот живот, но никако не обегнувајќи ја својата голема преокупација - љубовта.
"Единаесет минути" е роман во кој главниот лик, младата Бразилка Марија, која станува проститутка, во потрага по пари и богатство, што го изедначува со среќата. Дејствоето се одвива во Швајцарија, каде таа пристигнува под патронат на макрото или менаџерот кој ќе ја ангажира во еден ноќен клуб. Од танчека таа набргу ќе стане жена што го продава, скапо, своето тело. За романот да биде до крајот во стилот на "американскиот сон" и уште повеќе да личи на филмот "Убава жена" со Џулија Робертс и Ричард Гир, ќе се погрижи младиот убав и секако богат и славен сликар, кој ќе се појави во животот на проститутката, за да го исполни нејзиниот сон. (Д.С.)
prevzemeno od Vest |
melpomena |
Рецензија
РОМАН КОЈ ЈА ОСТАВА БАЛКАНСКАТА СУДБИНА ОТВОРЕНА
Мирче Томовски
Балканот беше и останува креативен предизвик и во најновиот роман на македонскиот писател Луан Старова. Читателската публика има добиено ретко четиво. Не само поради раскажувачкото мајсторство на писателот туку и поради темата која ни е блиска и со која живееме. Овој пат фокусот на романсиерот Старова е односот Европа- Балкан односно Балкан - Европа, средба на два света, на две цивилизации на почетокот на 21-от век.
Целиот исклучително атрактивен книжевен серијал на Луан Старова е обид за продор во балканската парадигма. Во книгите што ја прават балканската сага е распослан балканскиот менатлитет, обичаи, традиција , култура, историја со еден збор распослана е балканската цивилизација. Секоја педа од балканските простори е историја. Старова, како искусен книжевен археолог упорно го раскопува, го разоткрива балканското човечко, етничко, верско богатство, проникнува во балканските турболенции, во балканската трагика, во балканските стереотипи. Писателот во едно интервју за неделникот ПУЛС ќе забележи:
"Балканците имаат силна внатрешна интер-архетипска комуникација, издавана од тежестите во совладувањето на тешкиот географски "ментален" балкански рељеф, која, за жал, не се зема како адут, како заедничка вредност во надживувањето, но тие се подложни повеќе на надворешните влијанија и некогашните фрактури од верска, идеолошка и друга природа. "... Балканците треба да објават енциклопедија на нивните сличности, подобро да се откријат и низ нивните разлики. Тоа е можеби и еден од условите за среќниот живот"
"Балкански жртвен јарец" е инспиративна книга токму во еден ваков контекст. Луан Старова го прифатил предизвикот на балканското и европското совремие, предизвикот на европскиот мит за Балканците и балканскиот мит за Европејците. Или како што вели и самиот "оваа книга треба да биде еден вид пресметка со ендемскиот балкански национализам и европската немоќ"
Во книжевниот епицентар на писателот е Марио Дукаѓини, Арбреш од Калабрија ( Арбрешите се дел од албанското население, христијани кои, за време на Отоманската империја емигирале во јужниот дел на Италија и кои и по пет векови го имаат зачувано својот идентитет). Младиот антрополог Дукаѓини е во потрага по својот идентитет, по своите балкански, етнички и религиски корени. По прабалканското племе. Тој се вклучува во хуманитарната мисија Минотаур на Европската Унија чијашто намера е запознавање на Балканот и помош на населението кое политиката го има втурнато во воениот вител. Балканскиот прапочеток тој ќе го најде во еден изгаснат кратер на планинските беспаќа. Среде прастарата човекова енклава, сместена во кратерот, иако во европскиот југозапад, таа е далеку и временски и просторно од европскиот центар. Таа заедница, заборавена од светот но истовремено и заштитена од неговите валканости, е прадигма за високите и традиционални балкански вредности. Централна позиција има Јарецот, како симбол на издржливост но и како животно поврзано за библискиот мит на жртвата. Јарецот е и крупна метафора. Тој ја има виталноста, енергијата на "примитивниот балкан", ја има мудроста на староста но и детската невиност и чистота наспроти"сјајот и бедата" на Европејците Во еден напати стил на гротеска авторот поставува два света- сјајот на зачуваните високи човечки вредности наспроти европејската мисија полна со празна и евтина реторика која е непродуктивна и неефективна и со псеудо вредности завиткани во станиолот на човековите права. Мисијата со крупниот митски предзнак Минотаур завршува во стилот на европејската немоќ. Авторовата последна констатација во книгата е : "И, така западните Европејци се враќаа од уште една неуспешна завршена мисија, без да ја разберат докрај вистината на балканскиот човек"
Романот ја остава отворена балканската судбина. Таа е во рацете на балканските политички стереотипи и на бирократските иституции на Европа кои се без сензиблитет за балканскиот колорит и кој е сам по себе и сам за себе богат и полн со нијанси, со финеси.
Старова е преокупиран и измачуван со балканскиот отров на политичките стереотипи. Го вознемирува "погубноста на идентитетот" како што вели неговиот пријател Амин Маалуф, француски писател од либанско потекло. Старова во таа смисла, со високо интелектуално мајсторство се движи низ чувствителните прашања на наследствата, корените ( според Маалуф- "вертикално" што наследивме од предците, традицијата на нашиот народ, од религиозната заедница, а другото е хоризионтално" и доаѓа од нашето време и од нашите современици"). Во ова патување по деликатни патишта, авторот трага по одговорот на прашањата : кои сме, од каде сме, каде одиме. Книжевниот свет на Старова е полн со симболи, со асоцијации, со хуморни пасажи. Тука се појавува и еден друг Старова, со една нова нарација која едноставно мами такашто книгата не се остава од рака.
|