Strelec |
Канада реши да ја затвори Канцеларијата во Скопје
Канадската влада донела одлука до 31 март в година да ја затвори Канцеларијата на канадската амбасада во Скопје, дознава "Дневник" од официјални извори. Вработените во Канцеларијата веќе писмено биле известени за одлуката на Отава. Официјално тој потег се објаснува дека е донесен од економски причини, односно заради буџетските рестрикции. "Дневник" од дипломатски извори дознава дека со овој политички потег Канада ја казнува Македонија заради пропаднатите преговори за купувањето на Македонски пошти од страна на Канадски пошти.
Шефот на Канцеларијата на канадската амбасада во Скопје, Хабиб Масуд вчера за "Дневник" изјави дека е точно дека има одлука да се затвори Канцеларијата, но оти се уште не се знае точниот датум кога тоа ќе се случи.
- Канцеларијата ја отворивме во 1999 година за време на косовската криза. Тогаш беше донесена одлука да се отвори оваа привремена канцеларија, но и одлука таа да се затвори до 2004 година. Одлуката е потврдена од канадскиот премиер Жан Кретиен и од министерот за надворешни работи Вилијам Греам- изјави Масуд.
Претставник на македонското Министерство за надворешни работи потврди за "Дневник" дека на ниско политичко ниво меѓу двете министерства било разговарано за планот на Отава да ја затвори Канцеларијата во Скопје. Тој додава дека од Отава не се официјално известени кога ќе ја затворат Канцеларијата и истакнува дека "одлуката на канадската влада нема политичка заднина".
Вчера реагираше и Светскиот македонски конгрес според кого одлуката е донесена, меѓутоа се уште не е објавена, а се очекува, доколку одлуката не се промени, нејзиното објавување да се изврши од март до јули 2004 година.
Во дипломатски кругови се истакнува дека е неизвесно дали ќе се зачува сегашното ниво на дипломатски односи меѓу Македонија и Канада, зашто во ноември ќе има избори во либералната партија во Канада кога се очекува Кретиен да му го отстапи местото на неговиот најверојатен наследник Пол Марти.
Се оценува дека овој потег на Отава е дипломатски удар за надворешната политика на Скопје, со оглед на значењето на Канада во светската политика и економија. Од друга страна во Канада има и огромно македонско иселеништво. Според последниот попис, официјално во таа земја има 31.000 Македонци, но ако се земе предвид етничкото потекло нивната цифра е и поголема од 250.000.
Годишниот буџет на Канцеларијата во Скопје е околу 500.000 американски долари.
"Dnevnik"
|