bebishte |
Naidov na istata kolumna vo deneshen Utrinski, pa eve ja na makedonski...
Македонска работа
Дејвид Камерун
"Дозволете ми директно да кажам. Во минатата недела, некој наречен Чакала активираше две бомби пред канцелариите на вашата Влада. Полицијата нема да го фати, бидејќи меѓународната заедница им рече да не ги разгоруваат етничките тензии. Тој е толку убеден дека полицијата е немоќна што го објави бројот на својот мобилен телефон во локалниот печат. Дали нему му телефониравте пред малку?"
"Да. Добредојдовте во Македонија".
Признавам, ова не е стандарден разговор од некоја вечера. Но, тоа е сосема прецизен извештај за вечерата што ја имав во минатата недела во прекрасната вила на ридот над Скопје. Што се однесува до поентата, тоа е точно.
Секако, технички мојот сосед ќе речеше: "Добредојдовте во Поранешна југословенска Република Македонија (ФИРОМ)", бидејќи тоа е точното име за малата, но убава држава сместена меѓу Грција, Албанија, Србија и Бугарија. "БЈР Македонија" гласаше за независност во 1991 година, за време на распаѓањето на Југославија и оттогаш се обидува да си пробие пат.
Не беше лесно. Причината за долгото име е тоа што Грците енергично се жалеа дека Македонија веќе постои како регион на Грција, и поради тоа не би можела да биде одделна држава. Ова изгледа екстремно глупо. Грците имаат сопствена држава, сопствено име и постојано добиваат финансиска помош откако се приклучија кон ЕУ. Овие луѓе - Македонците - неодамна излегоа од комунизмот и практично немаат ништо. И ако грчката тривијалност не е доволна, Албанците сонуваат за инкорпорирање на голем дел од БЈР Македонија во голема Албанија, додека Бугарите размислуваат за неа како дел од голема Бугарија.
Колку што можев да видам, земјата - и јас сум решен да ја нарекувам Македонија - има совршено право да постои. Населението претежно е македонско, со посебен јазик, култура и историја. Таа е посиромашна од некои други поранешни југословенски републики, но значително побогата од Албанија. Луѓето се цивилизирани, пријателски расположени и високо образовани. Дури и мојот водич имаше титула магистер за деловна администрација .
Секогаш е тешко да се знае одговорот на прашањето: што би направиле за да ни помогнете? Но, во оваа пригода го имам одговорот. Отсега натаму ќе го нарекувам нашиот ценет партнер во ЕУ "Поранешен отомански посед Грција (ФОПОГ)".
Добро, признавам дека дел од привлечноста на посетата беше шансата да го следам важниот фудбалски натпревар Англија - Македонија. (И пред кој било да каже нешто лошо, јас ги платив авионските билети и ги објавив сите детали во регистарот на интереси на членките).
Друго возбудување беше можноста да се запознаам со англиската екипа и "да се дружам" со нив. Бидејќи можам да именувам само тројца фудбалери кои нерешително ги поддржувам (Астон Вила), Господ знае за што ќе зборувам. Всушност, и покрај тоа што престојував во истиот хотел како и англиската екипа, ми успеа речиси невозможното, да не запознаам - или дури да не видам - некој член од англиската екипа.
Но, јас бев на натпреварот. Стиснат меѓу многубројните македонски навивачи на натпревар за кој Фудбалската асоцијација тврдеше дека британските навивачи треба да го избегнат, мислам дека тивко го давав мојот удел за им покажеме на нашите момчиња дека не се заборавени. Момците на Свен победија со 2:1 во еден релативно борбен натпревар.
По големиот број написи за Дејвид Бекам, едноставно би го додал ова: Надвор од теренот, очекувањата за неговиот настап беа преувеличени на неверојатно ниво. На теренот, тој беше двојно забележуван, агресивно соборуван на земја и исвиркуван од присутните секогаш кога ќе ја добиеше топката. Сепак, играше неверојатно, движејќи се прецизно и издигнувајќи го моралот на видливо уморната англиска екипа, покажувајќи брзина и храброст. Сите политичари знаат за прекумерните очекувања. Но, прекумерните очекувања и нивното надминување е нешто за што можеме само да сонуваме.
Можеби не го запознав Бекам, но запознав многу од политичката елита на Македонија. Во една толку мала земја, за само неколку минути можете да се прошетате од канцеларијата на претседателот до канцеларијата на неговиот поразен ривал, а потоа до седиштето на партиите, Антикорупциската комисија и Врховниот суд. По рундата средби, ги посетувате рестораните и таму го наоѓате претседателот, неговиот ривал, Антикорупциската комисија и претседателот на Врховниот суд. Добро, не баш сите, но тука некаде.
Значи, што научив? Дали сум зависник од гостувања, или оваа мешавина од слаб фудбал и висока политика барем делумно едуцираше еден од нашите парламентарци? Би гласал за второто.
Македонија можеби е мала држава од околу 2 милиона луѓе, но е една од клучните за балканската стабилност. Како и во Босна и во Косово, таму има етнички тензии, во овој случај меѓу мнозинството Македонци и малцинството Албанци. Но, во Македонија големиот конфликт беше избегнат по пат на дијалог, меѓународно учество и здрав разум на македонскиот народ, кој ги поддржа своите политичари кога ја потпишаа Охридската спогодба, давајќи им големи малцински права на Албанците.
Конфликтот можеше да биде крвав и насекаде присутен, при што Албанија ќе ги поддржуваше етничките Албанци, Србите ќе ги поддржуваа нивните православни браќа Македонци, а Бугарија и Грција секогаш ќе беа во опасност да бидат вовлечени во каков било територијален спор.
Тогаш, каков е одговорот? Едноставен, навистина. Дозволете и на Македонија да влезе во НАТО и гарантирајте ги нејзините граници. Обезбедете услови за брза рамка за влез на поранешните југословенски републики во ЕУ за да можат да извлечат бенефиции од слободната трговија и структурните фондови. Признајте го фактот дека Македонија плати значителна цена за згрижувањето на албанските бегалци од Косово за време на војната, и дава помош во врска со тоа. Пред сў, останува инволвирана за да му ја даде стабилноста на регионот која му е толку очајно потребна.
Ако им дадеме мир на Македонците, тие ќе го постигнат сопствениот просперитет. Затоа, ве молам, простете ми за мојата куса посета. Можеби е и моја последна. Идната година Олимпијадата ќе се одржи во Поранешниот отомански посед Грција. Мислам дека нема да успеам да одговорам на повикот.
(Текстот е објавен во лондонски "Гардијан", а авторот е член на
британскиот Парламент од редовите на Конзервативната партија)
[^]
|