AaaAa |
Епистола до Македонците
Македонија е голема метафора, граѓани македонски. Ништо поголемо, ништо поважно нема на овој свет што би можело да не обедини, еден дом да ни биде, заедничка иднина и сигурност да не обезбеди
Немам намера ни да ви се восхитувам, ниту пак да ве критикувам, граѓани македонски, а причини има и за едното и за другото. Оти подвизи сторивте таму и тогаш каде што и кога само најретките и најдобрите би можеле да ве следат, за урнек да ве имаат; и пропуштивте да сторите работи што ни деца не би можеле да не ги сторат.
Сакам да ве потсетам само на големината ваша, на која и должите почит, да предупредам на дребното во вас, од кое треба да се вардите.
Не ве двојам и не делете се меѓусебе, граѓани македонски!
Македонија е голема метафора!
Нема две Македонии. Навистина, како што вели песната, "...делете ја, парчете ја", пак ќе има само една Македонија. Како што раздробеното злато сепак останува само злато, така што не може да се рече дека има две, три или пет злата!
Навистина, сите нешта се такви што за нив спор неразлучен може со право да се поведе. Релативни се гледиштата, делумни се перспективите и никој не ја поседува целата вистина за ништо. Навистина меѓу нас има такви што сметаат дека НАТО претставува политичка машина што дејствува без респект за меѓународните норми. Но дали затоа од таквите треба да се гнасиме, да се двоиме, за будали да ги сметаме? Јасно е дека не треба. И навистина ги има таквите што веруваат дека најсилниот има право да го наметне својот модел за сите: со зборови на тие што сакаат, со стапот, на тие што не сакаат. Но, дали затоа овие секуларни теолози треба да ги прогласиме за носители на некаква идеолошка чума и портите на нашите (и нивните, значи) градови да им ги затвориме!? И тоа сигурно не, зашто така само нив ги славиме, а себе се гнасиме!
И такви има што веруваат дека граѓаните македонски треба да се поделат на Македонци и на Албанци (другите и така и така да не ги есапиме, велат истите). И дека Македонците треба да ги закрвиме според тоа дали мислат дека нешто сме им згрешиле на Албанците, па да се покаеме, главите да ги скунеме, за прошка да замолиме, или тврдо да останеме на тоа дека со нив, Албанците, само на еден начин се разговара, а тоа е преку нишанот и Ѕидот. Оти ништо не сме им должеле и оти преку леб погача бараат, од нас што веќе им дадовме и тоа што никој никаде никому му нема дадено!?
И такви исти меѓу Албанците требало да има, сметаат истите, та едните да веруваат дека ние, Албанците, ја претеравме и дека треба да си молчиме, оти сме виновни; како што ги има и таквите што тврдо веруваат дека само ние, Албанците, сме жртви на неправда, и дека напротив, сето ова е наше и само како наше треба да го гледаме.
И така, сите се двоиме, се конфронтираме, пусии земаме. Едно е да не се слагаш со мислењето на најблискиот. Сосема е друго поради тоа неслагање во најблискиот душман да видиш.
Македонија е голема метафора, граѓани македонски.
Ништо поголемо, ништо поважно нема на овој свет што би можело да не обедини, еден дом да ни биде, заедничка иднина и сигурност да ни обезбеди. Нека има и најостри разлики во оцена на се и сешто. Но, нека тука разликите и запрат. Не чепкајте во најважното, не доведувајте го во прашање фактот дека правно, политички, културно, сите за цел свет сте исти и едни. Зар само за себе тоа да не бидете!?
Речете: "Тој не ни е близок и ставовите негови не ги споделуваме. Но во градот наш, во нашата држава, има место и за тие што не ни се блиски и со чие мислење не се слагаме!"
Речете: "Од тие што со нас се согласуваат и што мислат како нас, дознаваме за нив. Од тие што со нас не се согласуваат и што мислат спротивно од нас, дознаваме за себе! Нашите уши особено се отворени за тие што пеат песни поинакви од тие што ние ги пееме!"
И уште речете: "Децата од цел свет се наши деца. Како би можеле децата на нашите сограѓани да не бидат наши деца!? Градот што е затворен за само едно дете не е град туку дувло во кое мечката ги прима само своите мечиња! Државата што своите граѓани ги двои не е држава и граѓани што својата држава ја делат и парчосуваат не се граѓани. Зар ќе дозволите и Сонцето да поверува дека било од вас натерано толку многу од Земјава да се оддалечи, за и него да не го присвоите само за себе, или на парчиња да го поделите!?"
Заедничката држава е заедничко сонце на сите граѓани. Особено Македонија, која Сонцето го има за свој симбол, ја знае одамна таа прадревна мудрост, таа прва вистина на листата на големите вистини!
Мислете различно, но не пречекорувајте го ни сопственото достоинство, ни правото на вашите сограѓани!
И речете, гласно и заедно, и секој за себе шепнете: "Ако љубовта е прва емоција, бакнежот е првиот чин! Ако државата Македонија е заедничка држава на сите нејзини граѓани, безусловно право на сите да бидат почитувани како такви, е нејзиниот прв и нужен услов да опстане!"
Оти, голема метафора е Македонија, граѓани македонски.
© 2001 Дневник, сите права задржани
|