melpomena |
Утре во 15 часот во Универзалната сала во Скопје ќе се одржи премиерата на "Матрикс: Револуции" која воедно е и светска премиера бидејќи се одржува во исто време низ целиот свет. Според "Варајети" тоа ќе значи дека премиерата на третиот и последен дел од оваа раволуционерна научнофантастична трилогија ќе се случи во Лос Анџелес во 6 часот наутро, во Њујорк во 9 часот наутро, во Лондон во 2 часот попладне, во Москва во 5 часот попладне, во Токио во 11 часот навечер итн. Согласно часовните зони во нашата земја премиерата ќе се случи во 15 часот истиот ден, на 5 ноември, што како што кажа Тања Ќурчинска Пепељугоска од "Манаки филм" на вчерашната прес конференција, компанијата "Ворнер Брадерс" го поставила како услов или премиера во односната земја нема да се одржи. Премиерното прикажување кое го организираат "Манаки филм", фирмата АЦ ДЦ и Универзалната сала, во оваа сала предвидено е да оди четири дена, значи 5, 6, 7 и 8 ноември (потоа филмот се сели во кино "Милениум"). Првиот ден покрај проекцијата во 15 часот ќе има уште една проекција во 20,30 часот. А другите денови ќе има по три проекции, и тоа од 16, 18,30 и 21 часот. Како што рече Гоце Димовски, директорот на Универзална сала, продажбата на билетите кои се пуштени во петокот по цена од 100 денари за дневните и 150 денари за ноќните проекции, оди фантастично.
На прашањето до "Ворнер Брадерс" зошто се решија на таков чекор тие велат: "Симултаното отворање на "Матрикс: Револуции" уште еднаш ќе ги позиционира Матрикс филмовите како врвно достигнување во историјата на филмот. И секако, ние сакаме да ја искористиме популарноста на оваа трилогија во промовирањето на третиот дел и воедно да се одбраниме од пиратеријата". Само за пример кога станува збор за пиратските копии да кажеме дека вториот дел "Матрикс рилоудид" беше достапен на интернет за помалку од две недели по неговата светска премиера во мај.
Инаку, како што појасни Тања Ќурчинска Пепељугоска, а и како што знаат сите фанови на Матрикс филмовите, "Матрикс: Револуции" е всушност продолжение на "Матрикс рилоудид", односно тие два дела го претставуваат вториот дел, кој поради големината беше поделен на два дела. Како и да е, ова е последниот дел од оваа необична научнофантастична трилогија која со првиот дел успеа да заработи 434 милиони долари, а со вториот 735 милиони долари. Сепак, браќата Вачовски, кои се негови режисери, сценаристи и извршни продуценти, изјавуваат дека четврти дел нема да има.
Овој филм со исклучителни технички перформанси со помош на фирмата АЦ ДЦ и Универзалната сала скопската публика ќе има ексклузивна можност да го види со техника и на платно потребно за неговата вистинска проекција. Имено германскиот модел на кинотон ФП25Д со лампа од 4000 вати и дигитален читач на звук е најмоќната машина видена во нашата земја досега, рече претставникот од АЦ ДЦ. Што се однесува до платното пак, станува збор за најголемо платно на Балканот кое има огромен коефициент на рефлексија. Форматот на звукот кој ќе се слуша е најновиот Долби дигитал сраунд ЕХ, а тоа значи дека гледачите ќе имаат можност да слушнат 8 независни канали на репродукција на звукот односно звучната моќност во салата ќе биде преку 20 илјади вати.
"Секаде во светот, рече Тања Ќурчинска Пепељугоска, е пракса светските премиери да одат во огромни киносали. Од тој аспект и од програмскиот аспект Македонија може да се вклучи во сето тоа, се разбира, ако се исполнат техничките перформанси". А како што рече Гоце Димовски, ова ќе биде еден вид проба за Универзалната сала да влезе во инвестиција за купување или изнајмување техника за проекција на премиерни филмови. Сега за сега во програмата која тие ја најавуваат до крајот на годината предвидени се термини за ваквите големи премиери, како за третиот дел од "Господарот на прстените" која треба да се случи на крајот на декември. Во секој случај, вистинскиот чекор со светот кај нас ќе го означи "Матрикс: Револуции", а да се надеваме дека во оваа ситуација тоа ќе придонесе и кон еден поинаков третман на кинорпикажувачката дејност кај нас.
Сунчица Уневска
prevzeeno od utrinski vesnik |
Mufla |
jas go gledaf na kino...i ke go dam istiot komentar ko az matrix reloaded:
ICH ne sum zadovolen! razocaran! go upropastija i prviot del. Najubo ke beshe samo da imase eden del i taka da zavrshese. Vo Revolucii, duri i preterale so efektite. Najsmeshna scena beshe tepackata so Agent Smit, kako Superman, samo koj del beshe 2 ili 3? So tie trojcata od druga planeta, ko ke se tepet vo let.
Po loshi prodolzenija ne sum gledal. Hm.. ako razmislam podobro, sekoe prodolzenie e za nikade:o))))
|