AaaAa |
prevzemeno od www.blesok.com.mk
Tomislav Osmanli
„Скопје е казан“, велат поначесто неговите жители, секогаш кога заради летните вруќини, тешко издивнуваат, не знаејќи колку многу - и метафорично - се во право. Скопје е навистина еден зовриен казан. Најнапред географски. Скопје е котел сместен меѓу масивите на Водно, на Матка, на Китка и Црногорието во кој сe се раздвижува во необичен вриеж и воздухот што се спушта од околните падини и струи во котелот на долината, згорештува и се крева, враќајќи се и тркалјаќи се, одново, по околните падини. Потем урбанистички, заради градот со неуредните градби издолжен на неговото дно. Па историски, со оглед на пределот кој непрекинато зовривал, и во времето на предантиката, на Дарданија, на Рим и Византија, на 518-та кога неговиот достоинствен градски предок Скупи испарил во вриежот на тлото од катастрофалниот земјотрес, и подоцна кога во скутовите ја поставил кралската населба Јустинијана Прима, па во средновековјето кога царот Душан Силниот го прогласил за своја царска престолнина, во историското предворие на балканското Кватроченто кое наместо изгрејсонцето на западната ренесанса, хуманизам и рационализам овде зацарувала квечерината, заедно со мирисот и музиката на пустинскиот ветар и заканувачката кобност на младата полумесечина, донесени на сабјите, страстите и воинствените покличи на турските освојувачи со што дефинитивно е воведен фатумот не сеопштиот балкански културен дуализам од кој Скопје оттогаш зоврива; па во 18. век кога австрискиот генерал Пиколмини го „ослободил“ импресивниот град - во кој поранешните импресивни црковни камбанарии веѓе биле исцело заменети со секое поединечно минаретско копје извишено и речиси забодено во високото небо над Скопје - палејќи го градот и, така, „заложувајќи“ го одново и буквално, скопскиот казан; па следното зовривање, кога селанскиот водач на македонските бунтовници Карпош сурово бил казнет со набивање на колец, на очиглед на истиот тој град со долго и тревожно паметење; а, потоа, и кон средината на овој сега истоштен и уморен век, кога во едно време исполнето со нова страст и елан станал престолнина на првата слободна македонска држава, сe до денес, кога во него се случуваат славја и протести што, како и на нашите претци, и нас не тераат дамарите да ни бијат не по спокојниот ритам на срцето, туку по оној на одново обеспокоената историја.
Скопје е, натаму, котел и поради луѓето во тој град ставени во непрекината, температурна мешаница; конечно, дури и поради земјата што од време на време и самата зоврива - тресе. Скопје е простор создаден за вриеж. Осуден на немир. И на промени. Затоа, и простор најмногу од сe, исполнет - со спомени.
Царство на носталгичарите
Ако само малку се задлабочи, како една од „најскопските“ категории, човек нужно ќе ги најде неговите романтичари, неговите мечтатели, неговите копнежливци, луѓето што и припаѓаат на големата скопска заедница на носталгичарите. „Ништо чудно“, ќе си рече скептикот, зашто носталгијата е неодменливиот декор на градовите, идеологијата на локал - патриотските традиционалисти, дури нужната поза, што старите градски шмекери кафеански и козерски, секогаш одново, умеат да одмеруваат во фина, продуховена доза...И ќе згреши! Затоа што носталгијата на скопските мечтатели е особена. Таа има често духовни и често персонални својства. Таа е од сосем нематеријален состав, зашто урбаната супстанција (што би ја поддржувала), едноставно престана да постои.
Кога Белграѓанецот носталгично мечтае за својот град, тој има конкретен повод и материјална инспирација во задржаните зданија и градби, чии што силуети - увеличано - го допираат имено со реалните градски обриси, паѓајки врз него во вид на тешки сецесиски сенки. Парижанецот, покрај нив, ја има и поддршката на севозможната литература. За Римјаните градбите и легендата за Вечниот град се допираат со погледот, а Атињанецот, кон сето тоа, речиси на очиглед го има уште и темелот на западниот дух и историја, потпрен на дорските колонади на сеуште постојниот Акропол и на непресушната сила на - митот...
„Стариот Скопјанец“, за разлика од нив, својот носталгички копнежлив материјал го црпе од личните и колективните - спомени. Брчкајќи во сеќавањата. Тој не живее ни во вечен, а веќе, ни во долготраен град. Веќе три децении тој живее главно во еден изгубен град. За разлика од другите светски граѓани, скопјанецот својот град - го мечтае. А никако го нема.
На 26 јули пред 35 години, во земјотресна стихија исчезна Скопје создадено како град на еден потраен континуитет. По тој ден, започна историјата на еден поинаков град. На севозможен урбан(истички) дисконтинуитет. Кога пред пет години го пишував сценариото за мултимедијалната посвета на Скопје што ја насловив „Мементо за еден Град“, од главата не ми излегуваше една единствена реченица од (расказот „Древниот мост на детството“) на Димитар Солев: „Не ни сонуваш дека, иако во ист, ќе живееш во друг град.“. Тоа е темелната, онтолошка реченица на Скопје. Режисерот Димитрие Османли ја мултиплицираше и во актерските сценски искази и на видео - бимот за кој ги беше премонтирал секвенците од своите бројни (играни, документаристички, TV, репортажни) филмски посвети на Скопје, а неа ја прифати целата екипа составена од разнородните скопски носталгичари: и примадоните Љупка Апостолова и Милица Стојанова, и џезерите од нашата втора генерација Бранџолица и Александар Џамбазов, и рокерите од двете генерации, од историскиот бенд „Bis Bez“ и од младиот актерски круг, Ѓорѓи Јолевски, Сашо Микиќ и Магдалена Ризова, и сценографот Љубомир Чадиковски и протагонистот Ванчо Петрушевски, и актерите Емил Рубен и Славица Ковачевиќ-Јовановска... секој од нив на свој начин.Скопски. Секој од нив носејќи сеќавања за о н о ј Град. За исчезнатото Скопје пред 1963-та.
На пробите на оваа сценска посвета на травматичните сеќавања за исчезнатиот град, поттикнати од документарниот материјал што неумоливо не соочуваше со една веќе непостојна, бивша реалност која се случуваше, течејќи на големите видео-бимови и проекциони платна, сите тие создаваа еден паралелен скопски „Мементо“ - во новите доживувања на севкупниот материјал, но и во сопствените бројни разговори. Зашто, како и сите скопјани од оној град, на јаве заживеаа во друг, полу-град. Тој расчекор помеѓу двата града од истиот простор, силно го доживуваа и најмладите од оваа екипа. Тоа е најважниот тренд што денес ни се слушува; едно препознавање, една драмска и суштествена урбана анагнореза: меѓу младите граѓани и вистинскиот Град. Едно сеќавање на непознатиот простор, еден мементо на недоживеаното, а свое Скопје!...
Таа богата и силна индивидуална енергија што ја зрачи изгубениот град, впрочем, и до сега се враќала на најразлични начини во вид на сеќавања, на лирски трепети, и на трепетливи посвети...
Град подигнат - во творбите
Скопје од онаа страна на 1963-та го има тоа својство во доживувањата да биде пресоздадено на најразлични начини. Веќе според особеноста и силата на носталгичарскиот копнеж.
Во својот роман „Вкусот на праските“ Влада Урошевиќ оној Град го доживува како чудесна, лека и прозрачна слика, создаден од лежерните превези на светлините, од еуфоријата на младешките ошумоглавености, од играта на сончевите зраци, од прозрачните слики на летно растреперениот воздух и од вкусови на драмската изненада на земјотресот. Во неговите „Скопски раскази“ Скопје и пред, и непосредно по земјотресот секогаш наново е еден сиреалистички град. На оној начин на кој за Димитар Солев е една модернистички раскажана, но реалистичка, интимистичка структура. Но и простор што крие необичност, во човечки судбини, чуда и тајни, како за Славко Јаневски од неговиот опсежен, ран и можеби најдоживеан, прозен скопски циклус, така и за Гого Ивановски и неговата меланхолична „Улица што била живот“, за Иван Точко во неговата интимистичка лирско-модернистичка прозна збирка „Премиера“...
Овој град е повод за поземјотресни морално-психолошки судири во „Парадоксот на Диоген“ или за травматични катарзи и лирски навраќања во „Куќа на четири ветра“ од Томе Арсовски. Скопје е разурнат сон во поезијата на Матеја Матевски, простор што пласти историски сеќавања во поетските, но и необичен и особен општествен центар во прозните доживувања на „Дневникот по многу години“ излезен од сеќавањата на Блаже Конески. Тоа е град што има сила неуморно да присвојува „Скопјани“, во истоимената збирка на Гане Тодоровски, метафизички паметник на столетните пластови во поезијата на Михаил Ренџов.
Горан Стефановски во својата драмска носталгија „Лонг плеј“ го доживува како град распнат помеѓу можностите на едно скудно штотуку отворено општество и желбите и фантазиите на една младост од ерата на „Битлси“, „Стоунси“, Хендрикс, Дилан и Том Џонс. Неодамна, во еден од „Личните ставови за Скопје“, Горановиот стрико театарскиот ветеран Ристе Стефановски ја излеа својата болка, по изгубената река на детството: „И сега ме влече Вардар - пишува тој - Понекогаш, и денес се нурнувам само да му ја почуствувам свежината на водата...“. Иако два пати во иста река не се влегува. Иако ова е некоја друга река.Таа потсетува на о н а а, на реката што ја нема. И на Хераклитовската судбина на едно време. И на Хераклитовската сушност на еден град.
Скопје е чувар на топлите доживувања во префинета проза на „осамениот шетач“ по неговото минато, писателот и хроничар Данило Коцевски, потоа драг роден крај и простор на модернистички индивидуални преплетувања во прозата на Благоја Иванов, чудно место на севозможни пост-модерни тонирани еротички среќавања во прозните доживувања на Александар Прокопиев, сеќавање на недоживеаноста, а копнеено Скопје во прозните и поетските записи на помладиот етно-рокер и писател Сашо Гигов-Гиш, дури - ете - и една жива болна, социјална, драмска емигрантска метафоричка асоцијација на напуштениот Егеј во „Ние зад насипот“ на писателите по потекло од Егејска Македонија, Ташко Георгиевски или во „Дрвените мостови на Скопје“ на Иван Чаповски...
Да не зборувам за пастелните ликовни претстави на едно меланхолично некогашно Скопје создадено од македонските сликари ветерани Пандилов и Белогаски, темпераментноста на милјето, колоритноста на ликовите и мотивите од левата страна на Вардар избликнати од експресивните палети на Никола Мартиноски и Томо Владимирски, па и на поземјотресни сликари на сценографијата на она Скопје на платната на Бранко Костовски и Митрев, кои веќе исчезнатиот некогашен Град продолжуваа да го сликаат користејќи мотиви од старите фотографии и од - сеќавањата.
Со еден збор, она едно она исто исчезнато Скопје, е едно јадро што се пресоздава во делата, и еднаш е простор што добива децидирано автентични човечки, друг пат историски, некогаш вонвремени, еднаш маалски, често космополитски, напати сентиментални, дури национални, својства и значења. Скопје е еден мит, една трансцеденција, една имагинарна творба што секогаш ќе личи на оној што неа ја имагинира.
Конечно, Тоа е сонуван простор. И од моите сништа, што се појавуваа непрекинато, во едно необично, променливо, претопувачко, колективно, прозно сеќавање како во мојата збирка раскази „Пеперутка на детството“, па во сценаристичките „Скопски сновиденија“ или како трансендентен простор на сентиментот во кој заблеснуваат поранешните искри, како ова лето, во моите театарски „Светулки во ноќта“ во која исчезна некогашниот град.
Котел одново
Скапо платените „цехови“ и онака се видливи на секој чекор: во овој непропорционално израснат, неиндивидуализиран град што сe уште функционира по колективните принципи на социјалните, статусни, стручни, политички или етничките собирања и форми на социјализацијата што почиваат врз менталитетот или логиката „на средсело“. На духот на руралитетот и колективитетот. А, градот, за разлика од селото е имено сложен и хармонизиран склоп на - индивидуи. Барем оној во европската смисла на зборот.
За разлика од тоа, Скопје е сe уште и одново еден балкански зовриен казан. Полн со живост, со различни луѓе, со двојство од култури, со национална палета, но и со етнички дебаланси, раздвижен вдолж и напреку, динамичен и отворен, полн со проблеми и спротивности, понекогаш напрегнат до препукнување, друг пат прекрасен од шареноликост. Некогаш неизвесен до експлодирање, а на пати прозрачен и полн со обични, благородни, човечки сни.
Скопје е една носталгичка неизвесност, една дијахрониска фикција, со која превриваме во реалниот котел на времињата.
|