OooOo |
Црвенковски го отвори конзулатот во Детроит
Премиерот Бранко Црвенковски вчера во Детроит го отвори новиот Генерален конзулат на Македонија во САД, откако со одлука на Владата есенва беше затворен конзулатот во Њујорк. Беше проценето дека е пооправдано неговото постоење во Детроит, каде што гравитира најголем дел од македонската дијаспора. Со тоа, како и со средбата со иселениците, почна петдневната турнеја на Црвенковски во САД.
На средбите со македонските иселеници во тој град Црвенковски ги повика иселениците да не се делат по етничка основа. Тој им порача да не дозволат делбите во Македонија да ги делат и нив надвор и дека дијаспората треба да биде единствена и да работи во интерес на Македонија без оглед која партија е на власт.
Во Вашингтон и во Њујорк Црвенковски треба да се сретне со потпретседателот Дик Чејни, со државниот секретар Колин Пауел, со првите луѓе на Светската банка и на ММФ и со генералниот секретар на ОН, Кофи Анан.
Црвенковски нема да се сретне со американскиот лидер Џорџ Буш, но во американски кругови се оценува дека оваа негова посета има привилегиран тајминг. Поради преокупираноста на Вашингтон со Ирак, во овој период ретко се реализираат посети на странски лидери што не се во контекст на ова приоритетно прашање за САД. Црвенковски, според најавите, ќе ги увери САД дека Македонија е партнер на кој можат да сметаат и дека нема да биде доведен во прашање понатамошниот престој на нашите војници во Ирак. За возврат, од Чејни и од Пауел Црвенковски ќе побара поконкретна гаранција дека на следниот самит на НАТО во Истанбул Македонија ќе добие јасен сигнал за прием во членство. Третата клучна тема ќе бидат статусот на Косово и можните реперкусии врз Македонија. Црвенковски ќе побара да се затворат отворените прашања околу Македонија, а пред се демаркацијата на границата, бидејќи во спротивно стабилноста на земјата не е соодветно загарантирана.
Владата оценува дека оваа година е многу значајна за билатералните односи меѓу Македонија и САД. Во тој контекст се става Јадранската повелба спонзорирана од Вашингтон, учеството во антитерористичката коалиција на САД и секако договорот за изземање на американските војници од меѓународниот Кривичен суд во Хаг. Денес премиерот со делегацијата, во која е шефицата на дипломатијата Илинка Митрева и потпретседателот Муса Џафери, ќе ги почне средбите во Вашингтон, каде што ќе има настап во Институтот за мир, ќе разговара со претставници на највлијателните весници во САД, а попладнето ќе се сретне со првите луѓе на ММФ, Јероен Крамерс и Хорст Келер. |