melpomena |
ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ВО ХРВАТСКА
Хрватската демократска заедница, националистичка партија што предводена од починатиот генерал Фрањо Туѓман ја водеше Хрватска за време на крвавите балкански војни до независност, освои најмногу гласови на завчерашните парламентарни избори, јави Ројтерс.
Се проценува дека ХДЗ, предводена од дипломираниот философ и поранешен дипломат Иво Санадер, ќе има околу 61 пратеник, од вкупно 162 во хрватскиот Сабор. Досега владејачката коалиција составена од четири социјалдемократски и либерални партии предводена од актуелниот премиер Ивица Рачан засега смета на 44 пратенички места. Хрватскиот претседател Стипе Месиќ вчера изјави дека Санадер најверојатно прв ќе добие понуда да ја состави идната влада на Хрватска.
- Логично е претседателот првите консултации да ги изврши со најсилната партија. Јас ќе му се јавам на претседателот и очекувам дека ние двајца наскоро ќе се сретнеме. Гласачите тоа го очекуваат од нас - изјави Санадер. Премиерот Ивица Рачан изјави дека ќе почека да бидат објавени конечните резултати од изборите, а ако ХДЗ навистина победи, тој прв ќе и честита.
Според хрватскиот Устав, претседателот Месиќ треба да избере мандатар за претседател, но не е обврзан кандидатот да го избере од партијата што има најмногу пратеници, туку може да избере кандидат и од послаба партија ако тој гарантира дека ќе формира стабилна коалиција. И Санадер и Рачан немаат доволно пратеници за самостојно да формираат влада. Двајцата политичари бараат коалициски партнери. Санадер најави дека ќе се сретне со Хрватската селанска странка и со Хрватската партија на правото. ХСС има девет пратеници, на ултранационалистичката ХНП смета на осум пратенички места. Во коалициските игри е и Хрватската народна партија и Приморско-горањскиот сојуз кои заедно имаат 11 пратеници.
Во хрватскиот Сабор влегуваат и до 14 пратеници што ги избираат хрватските гласачи во странство, главно гласачи од деловите на Босна населени со Хрвати и од прекуокеанските земји. Саборот предвидува и три места за српското малцинство и до осум места за другите малцинства како Словенците, Унгарците, Италијанците и Македонците. Се очекува гласачите од дијаспората да гласаат за ХДЗ, а малцинските пратеници да застанат зад Рачан.
Куриозитет на изборите е што првпат пратенички места доби и Партијата на пензионерите, која ќе има тројца пратеници. Друго изненадување е неуспехот на некогаш ветувачките политичари Дражен Будиша и Мате Граниќ, чија коалиција доби одвај три пратенички места, а Будиша и Граниќ останаа надвор од Парламентот.
Одѕивот на изборите бил околу 60 проценти, со што не се остварија стравувањата на балканските аналитичари дека хрватските гласачи се разочарани и дека одѕивот ќе биде приближен на одѕивот во Србија. Но, се остварија другите стравувања, дека како и српските гласачи, кои пред десетина дена најмасовно гласаа за радикалниот националист Томислав Николиќ, и Хрватите ќе се вртат назад кон националистичките партии.
prevzemeno od Dnevnik |