melpomena |
Магдонос против вишок килограми
Бремените и доилките не смеат да го користат во големи количества
Магдоносот е двегодишно зелјесто растение, од кое се користат коренот, листовите и семето. Се претпоставува дека потекнува од Сардинија. Поради корисните својства, распространет е низ целиот свет како зачински зеленчук. Во семето од магдоносот најмногу има етерични масла, кои ги има и во листовите и во коренот.
Етеричните масла му го даваат пријатниот специфичен мирис на растението, а вкусот на коренот и на листовите е мошне пријатен.
Освен етеричните масла, во магдоносот се наоѓаат и корисните флавоноиди, алеурони, танини, витаминот Ц и лесно искористливи минерални состојки, бидејќи се во органска форма. Во етеричните масла на магдоносот се наоѓа и состојката апиол, поради која не се препорачува да се консумира во големи количества кај одредени консументи. За да се заштити витаминот Ц, присутен во листовите од магдоносот, не се става во јадењата пред да заврши термичката обработка.
Консумираниот магдонос оптимално го поттикнува лачењето на стомачните сокови, со што го олеснува варењето на храната. На тој начин, меѓу другото, дејствува и против создавањето прекумерно количество гасови во желудникот и во цревата. Дејствува и против грчеви во желудникот, како и против ферментација на храната во цревата.
Магдоносот е добар диуретик - го зголемува количеството излачена урина, а со тоа овозможува корисно отстранување на вишокот течности од организмот. Заради тоа е корисно оптимално да го консумираат тие што имаат проблеми со каменчиња во бубрезите, воспалена и хипертрофирана простата, ревматични тегоби, артритис, гихт и прекумерна телесна тежина и целулит. Луѓето што имаат воспалителен процес во бубрезите не треба да консумираат магдонос.
Во народната медицина магдоносот е познат како средство за регулирање на нарушениот менструален циклус и за ублажување на менструалните тегоби.
Дваесет грама лист од магдонос дневно е доволно да се заштити организмот од инфективни заболувања, особено за време на разни епидемии.
И покрај корисните особености на магдоносот, бремените жени не смеат да го користат во големи количества. И доилките не треба да го користат магдоносот бидејќи поголемо количество магдонос може да предизвика намалено лачење на млекото, а понекогаш и целосен прекин на лачење на млекото.
Луѓе со намален апетит и со проблеми во варењето на храната треба да консумираат по 100 г чај од корен на магдонос, два-три пати дневно, дваесетина минути пред јадењата. При зголемени гасови во желудникот и во цревата се препорачува пиење по 50 г чај од семе од магдонос, 2-3 пати дневно, дваесетина минути пред јадење.
Магдоносот, од практични причини, може да се конзервира на следниот начин: исечканиот магдонос се става во калапи во кои се прават коцки од мраз. Потоа садот се полива со вода и се замрзнува. На тој начин се создаваат коцки од мраз во кои се наоѓа исечканиот магдонос.
prevzemeno od dnevnik
|