Strelec |
ВО СКОПЈЕ ПРОМОВИРАН ТРЕТИОТ ПАТ
Тито, Насер и Нехру
"Кога двете суперсили Русија и САД го поделија светот на два блока, кога се направија атомски бомби за неколкукратно уништување на човечанството, тогаш се појавија великаните Тито, Насер и Нехру и го формираа третиот пат, патот на несврстаните." Вака во саботата лидерот на Социјалистичката партија Љубисав Иванов - Sинго направи паралела со формирањето на коалицијата со Демократски сојуз и Демократска алтенатива - "Трет пат" која, меѓу другото, треба да се спротивстави на разединетоста на Македонците меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ги обвини најголемите партии дека од македонските фабрики направиле гробишта и вети дека "Третиот пат" ќе ги реши напластените проблеми последните 13 години.
На вчерашната конвенција лидерот на ДС Павле Трајанов го објасни природното појавување на третата опција, по башибозукот на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, од чие владеење, како што рече, Македонија денеска е во страшна беда, хаос и реваншизам. "Бранко Црвенковски ги прогонува инвеститорите, Македонија ја кутна во изолација, а Хари Костов стана елементарна непогода за Македонија", рече Трајанов. Според него, Македонија првин треба да се исчисти од криминални банди и терористи, а потоа да се тргне со најголемиот потенцијал, земјоделството, со една програма за развој, по урнек на Израел.
Васил Тупурковски, лидер на ДА, ги обвини олигархиите на двете најмоќни партии за организираниот криминал што ја уништува Македонијаи и најави безусловна војна против ова зло, со заклетва на поединци пред народот. Тие што ја доведоа Македонија до ова дереџе, рече тој, се малцинство, и ним им велиме:"Марш одовде!". "Третиот пат", рече Циле, е историски одговор на досегашната истрошеност на двете опции. Тој најави дека коалицијата нема да има лидер, туку совет на претседатели - Павле, Циле и Sинго.
ВЕСТ |