AaaAa |
Колумна - Ѓунер Исмаил
За возачите
Туку да се фатиме за работа. Вклучете ги светлата. Струјата во автомобилите е бесплатна. Поправете ги позиционите светла. Можеби ќе спасите некој живот, за Вашиот ич не ми е гајле. Да не чекаме да се појави некој демократ - за шеф на полицијата
Всушност, приказната требаше да биде "За водачите", ама кај нас секако сите приказни завршуваат кај водачите, па што да не им направам чест и на возачите. Во годините зад нас се уверивме дека и нема некоја голема разлика. Од ова ќоше на "Дневник" проф. Марјановиќ честопати знае да не потсетува сите, а и власта се разбира, за една обична, пообична и не може да биде, појава од нашето секојдневие. За автомобилите без регистарски таблички! Сосема сум сигурен дека "тие што треба" гласно му се потсмеваа(т) на неговите, божем, тривијални преокупации, оти Тие нели имаат "светски" преокупации! А професорот - по право, закони и слични дребулии, само ги потсетуваше на правото, законот, за една редица граѓански пристојности. Имаше ли резултати тоа потсетување на професорот? Имало, велеше пред некој ден некој од Тие најодговорните, илустрирајќи, а мислејќи дека поентира: "...сега криминалците бегаат!". Е, како да не.
Еве неколку мали сликички, од малиот живот, на малите, обичните луѓе, за да видиме каде тоа избегале криминалците и другите прекршители на законите на државата, во која севишниот благоповели да не фрли.
Случај прв: во центарот на Тетово, од автомобил со затемнети стакла, без таблички со рафал од автоматско оружје е застрелан Н.Н.. Сторителот избегал од местото на настанот, ама полицијата претпоставува дека станува збор за М.М. (Вака приближно јавија медиумите). Автомобил без таблички! Веќе е здодевно да се напоменува. Ама од каде во оваа земја, според кој пропис автомобилите може/смее да имаат затемнети стакла? Познавачите ме уверуваат дека тоа со законот, уредбите, правилниците не е допуштено! А по улиците општо "затемнување". Предничат автомобилите на државните органи, па потоа на нивните другарчиња од тајфите - криминални и политички, а метастазата потоа си оди надолу, се до оној М.М., кој овластувањето за решетање луѓе по улици веројатно го добил или ќе го добие заедно со сообраќајната книшка за возилото. Или, пак, така си мислел. Или, пак, така заклучил, кога видел дека кај нас ниту "малите", ниту пак "големите" закони не важат! А проф. Марјановиќ скромно потсетува само на "малите" закони.
Случај втор: пред десетина дена на патот Ресен-Битола се случи тешка сообраќајна несреќа. Загина татко на семејство. Движејќи се, ноќно време, од Ресен кон Битола, возилото во кое се наоѓал починатиот удрило во неосветлено возило! Трагедија. Сега сигурно се прашувате каква е врската помеѓу случајот во Тетово и овој, од една страна, а што бараме и јас и проф. Марјановиќ во приказната?
Случај трет: патував пред шест дена, во петокот, на релацијата Скопје-Охрид-Скопје. Ништо специјално, триста и пет-шеесет километри. На патот магла, некаде густа, некаде поретка, ама магла. Само на превоите беше до некаде сончево и во Охрид. Уредно возев, со запалени "средни светла" и натаму и наваму. А што мислите, сите ли така возеа?
(Јас пак Ве потсетувам. Нема тука да има никакви големи философии, ако ги очекувавте. Нема да поентирам со некој крупен заклучок и сугестија: што да прават Русите или Американците? Нема да го има тоа. Ако имате попаметна работа, откажете се навреме, одете некоја страница понатаму!)
Значи, многумина си возеа уредно и невино, како што наложуваат "малите" закони. Ама малкумина не! Конкретно, шест возила, ги броев, возеа потполно слепо, без светла, среде маглив ден, на пат каде што видливоста беше најмногу педесетина метри. Еден од нив дури и ми засветли, кратко, потсетувајќи ме дека светлата ми се запалени! Веројатно, потоа си се возел и си мислел: "Море, колку сум љубезен и солидарен!". Ова не е крај. На враќање, беше веќе темница, на патот наидов на 30, рамно 30 возила, кои или немаа никакви позициони светла назад (главно влечеа од оние нашине прикрпени приколки - демек сиромаштијата се снаоѓа како што знае и умее и преживува, а за светлата - голема работа!), а неколку возила имаа по едно, а и тоа жмиркаво светло.
Да не заборавам, во текот на целиот ден се разминав или видов на по некоја раскрсница, точно шест полициски возила.
Значи, проф. Марјановиќ, кога би бил статистичар, би можел дури и да биде задоволен, оти мнозинството од неколкуте стотици возила/возачи, на патот се движеа уредно, воспитано, почитувајќи го законот. Арно ама, бидејќи тој не е статистичар, туку кривичар, веројатно ќе изведе поинаква математика. А математиката ќе покаже: На релацијата Скопје-Охрид-Скопје, на ден 5 декември 2003-та, се движеа неколку стотини потенцијални жртви на триесет и шест потенцијални убијци! А дека се убијци, уверете се, малку погоре - кај случајот втор. Не е многу, нели. На секои десет километри по еден убиец!
Сега што правиме? Сакате ли и понатаму да му се потсмеваме на проф. Марјановиќ? Ако сакате, ајде! Не верувам дека ќе ни се налути. Знае тој дека во ова земја почитта кон законот не е на некоја висока цена, иако имало времиња кога била. Ајде сега постарите нека се потсетат, како "во мрачниот комунизам" не се осмелуваа возило без регистарски таблички дури и низ дворот да го повозат, а камоли по улици. Ама комунистите беа недемократи. Тогашната сообраќајна милиција вршеше редовни сообраќајни контроли, исто како што денес се прави по разни тоталитарни, недемократски држави, како на пример Шведска, Германија, Нов Зеланд, Канада.
Но, откако дојде слободата, се сеќавам убаво, еден од оние министрине за полиција, новопечен демократ, излезе на телевизија и ни објави: Од денес, бидејќи ние сме демократска држава, нема запирање по патиштата од страна на милицијата, пардон, полицијата! Нема веќе позорникари по улици! Што било тоа? Не сме ние полициска држава. Ова е демократија, бе!
И слободата, пардон, демократијата си дојде. На секои десет километри по еден убиец, ја неодговорен, ја пијан. Улиците во ноќните часови станаа царство на силеџиите, па тепањето граѓани и граѓанки стана одлика на едно високо демократизирано општество, како што си го беа замислиле возачите, или беа водачите. Туку да се фатиме за работа. Вклучете ги светлата. Струјата во автомобилите е бесплатна. Поправете ги позиционите светла. Можеби ќе спасите некој живот, за Вашиот ич не ми е гајле. Да не чекаме да се појави некој демократ - за шеф на полицијата. И да не заборавам: не потсмевајте му се на проф. Марјановиќ. Тој се уште знае многу повеќе и гледа подалеку, дури и во магла, од Вас, возачите ли бевте, или водачите? |