Strelec |
Во блиска иднина аутопсијата би можела да се изведува со компјутерско сканирање наместо со скалпели, ако успее истражувањето што го спроведува еден швајцарски вештак.
"Виртуелната аутопсија" како што ја замислил и тестира д-р Мишел Тали со своите колеги од Институтот за судска медицина при Универзитетот во Берн, е постапка со минимално ангажирање што се заснова на високата технологија. Таа нуди предности во криминалните случаи бидејќи телата нема да се сечат и поротниците ќе може да гледаат компјутерски симулации наместо фотграфии од искасапени тела, изјави Тали на средбата на Радиолошкото друштво на Северна Америка.
"Постапката не ги уништува клучните докази за вештачењето. Исто така, помага при судското презентирање на наодите од аутопсијата кои знаат да бидат многу непријатни", вели Тали.
Новата технологија исто така ќе ја олесни аутопсијата на тела во распаѓање.
Тој вели дека техничарите се служат со напредна компјутерска томографија - Си-ти сканови - за општ преглед на телото, по што следат снимки на магнетна резонанца за детали на органите, мускулите и меките ткива. Тридимензионалното површинско скенирање нуди снимка на надворешноста на телото. Потоа сите снимки може да се искомбинираат на компјутер со што на иследниците ќе им даде целосен приказ на телото кој може да се сочува на компјутер, да се праќа по имејл за да се побара второ мислење или да се изложи на Интернет. Оваа техника би можела да се користи кога членовите на семејствата не би сакале да ги видат резултатите од традиционалната аутопсија или кога религијата им го забранува тоа.
ВЕСТ
|