OooOo |
На оддалеченост од околу два километра од Кочани се наоѓа селото Бели. Името ова село, како што велат неговите жители, го добило по белиот камен и варовниците. Во него живеат околу 500 жители. Она што го краси се двата манастира и двете цркви, како и еден од најстарите дабови во Европа. "Има уште еден даб во Мородвис. Но тој е помлад и не толку голем како нашиов", се фалат белинци и додаваат: "Ние сме како Ерусалим. Имаме и цркви и манастири, но и даб".
Белинци се горди на својот даб. Тој се наоѓа над селото, високо на ридот во дворот од манастирот "Свети Илија". Пет века овој даб ја плете историјата на ова село. Под него се случувале и убави и лоши работи. До манастирот и дабот се стигнува по тесно калливо патче. Манастирот е затворен зиме. Но ако некој сака да дојде и да го посети, нема никакви пречки. Домарот е тука и ноќе и дење да ги услужи и да ги отвори манастирските порти за посетителите.
Никој точно не знае колку е стар дабот, како и кој го засадил.
Обемот на дабот изнесува околу 10 мети, а распонот на гранките е над стотина метри. Личи на рака со пет крака. Шестата гранка од дабот, пред петнаесетина години, од должината, се скршила. Поради тоа неодамна на дабот се појавила огромна дупка. Дабот почнал да венее, а заедно со него и населението кое со генерации наназад се грижело за својата гордост - дабот. Мештаните, како одминувале годините, се повеќе биле очајни бидејќи, како што вели Илија Иванов, домар на манастирот, постоела опасност да се исуши. Барале помош и од Општината и од држвата. Но за нивниот проблем никој сериозно не се зафатил, се до доаѓањето на Љубомир Јанев, министер за екологија, кој е од Кочани. Дупката во дабот е санирана. Петвековното дрво спасено.
Но грижата на мештаните не запира тука. Тие пред неколку недели, со сопствени средства, под дабот донеле купишта земја, потребна за да се покријат корењата на дабот, оти тие биле соголени.
Најмогу народ под сенките на овој даб има на верските празници, посебно за Свети Илија. "Врие како во кошница", вели еден од помладите жители во селото. Секој сака да дојде и да го види дабот.
"Ех, кога би знаел дабот да проговори. Тој ги крие нашите тајни, дабот е нем сведок на сите случувања во селото. Под него на Ѓурѓовден како млади ги упатувавме првите љубовни стрели кон љубената. Таму врзувавме јаже и ги нишавме селските девојки, и им пеевме љубовни песни", се присетува 60-годишниот Симеон Саздов.
Но дабот е сведок и на егзекуцијата на 10-темина жители од селото кои биле убиени во 1912 година од турската војска, бидејќи го дигнале својот глас против Турската Империја. Во нивна чест е подигната и спомен-плоча. Закачена е до влезната врата на манастирот.
Дабот има и свој станар. Во неговото стебло од памтивек живее смок долг околу два метра. Тој е негов чувар, велат мештаните. "Од кога знаеме за себе, смокот е тука. Никој досега не се осмелил да го избрка ниту, пак, да го убие. Тој е свитија", објасува еден од мештаните и додава: "Него ќе го видите спружен пред вратата од манастирот или, пак, под дабот. Не се мрда од таму. Само ќе му речеме ај тргни се, имаме работа, тој ќе се одвлечка на друго место. Навечер пак ќе си влезе дома - во дабот", раскажуваат мештаните. Еден од нив се присетува:
"Беше празникот Свети Илија. Под дабот се собра многу народ. Смокот тогаш излезе од дабот и се качи високо на гранките. Таму помина цел ден".
Кога се санирала дупката на дабот, стручните лица, како што објаснуваат жителите, два часа го молеле смокот да излезе од дабот. По двочасовно убедување, смокот го напуштил дабот. Стручњаците потоа ја затвориле дупката.
Сега ја нема огромната дупка. Но смокот, најверојатно, повторно е внатре -тврдат жителите.
Веднаш под манастирот, на околу 200 метри од манастирот "Свети Илија" се наоѓа манастирот "Огнена Марија". Него го изградила и се уште го одржува баба Наса од Кочани. Таа манастирот одлучила да го гради по исчезнувањето на нејзиниот син Јане од нејзиниот дом. Тој пред неколку години мистериозно исчезнал и воопшто не се вратил. Баба Наса, велат селаните, и ден-денес тагува по синот. Од жал по него, таа сама со сопствени средства го изградила манастирот "Огнена Марија". Во манастирот има свети лековити води со кои се лекувале очни болести. Во нив спас побарале многумина. Доаѓаат од сите краишта.
Interesen tekst [:)]
|