Sportist na Vekot-Atina Bojadzi!
Sportist na Vekot-Atina Bojadzi!
AaaAa ПЕНЗИОНИРАНАТА АТИНА БОЈАЏИ - СПОРТИСТ НА ВЕКОТ И ВЕЛИКАН НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ Никој не веруваше, но малата Ате го исплива маратонот и го преплива Ла Манш Кога осумнаесетгодишната Атина се пријавила да плива на Охридскиот маратон никој не верувал дека тоа слабичко, мало девојче ќе го издржи напорното пливање, и покрај тоа што резултатите што претходно ги ... [img]http://www.vest.com.mk/images/{67131026-E6F9-47E4-862B-89F0C1DD78F6}_Atina-2.jpg[/img] Спортист на векот и Великан на македонскиот спорт се двете титули кои и се најмили на пливачката Атина Бојаџи и кои во целост ја опишуваат нејзината кариера. Таа е единствена Македонка меѓу малкуте светски пливачи кои го имаат препливано Ла Манш. Дипломата од овој маратон сега го краси незиниот скромен стан во Скопје, каде таа минатиот месец ја дочека својата пензија. Но тоа се само дел од многуте пехари, признанија, дипломи и подароци што Атина пливајќи ги има освоено. Целиот нејзин живот бил своевиден маратон. Постојано била упорна, истрајна, издржлива, а сега, откако е во пензија, за себе вели дека целата енергија ја насочила за успех на својот син Новак. Таа е родена охриѓанка и вели дека охридските деца прво пропливуваат па потоа проодуваат. Така се случило и со неа, едноставно била родена за да плива. "Куќата ни беше буквално покрај езеро. Во Охрид на лето, како деца, немавме друга работа освен да пливаме. Така почнав и јас. Се запишав во пливачкиот клуб 'Охридски бранови' и за чудо, почнав да постигнувам видни резултати. Пливавме слободен стил, грбно и делфин. По неколку години се случи во Охрид 1962 година да се организира прв Охридски пливачки маратон, на светско ниво и јас како претставник на клубот се пријавив да пливам", вели Атина. Токму овој маратон бил пресвртница во нејзиниот живот. Кога се пријавила да плива никој не верувал во неа. Таа била слабичко, мало девојче за кое сметале дека нема да го издржи маратонот и покрај тоа што резултатите што претходно ги постигнала биле високи, не само за Македонија туку и пошироко, за цела Југславија. Охридскиот маратон всушност бил светско првенство на слатки води, со многу силна конкуренција. На овој маратон Атина, наспроти недовребата и претпоставките на сите го освоила првото место. "Дури и јас не верував дека ќе успеам на маратонот. Само два месеци пред тоа имав бронхопневмонија и навистина не очекував некој голем успех. Во тоа време бев многу слаба, а ние во Охрид имаме едно зборче за такви луѓе - шкибунче, така ме викаа тогаш. Но јас сум упорна, ако се фатам за некоја работа тогаш сакам да ја завршам. Тогаш сите кои не веруваа во мене, поверуваа. Првпат пливав маратон, еден од понапорните спортови, а бев прва", се сеќава Атина. Во тоа време Атина веќе била мажена, а сопругот Миќо Видаковиќ, како што вели ја поттикнал и ја поддржал да го исплва маратонот. Поради неговата работа (бил воено лице) набрзо тие морале да се преселат во Белград. Атина има завршено Виша педагошка и таму работела во градинка, но од пливањето не се откажала. Била член на пливачкиот клуб "Црвена звезда" каде на Ташмајдан имало патека само за неа. Нејзините тренинзи на Ташмајдан постојано ги посетувал новинар на "Илустрована политика", Бацко Грегориќ и бил воодушевен од незините резултати. Тој ја натерал Атина да го преплива Ла Манш. Кога првпат и предложил со тоа што весникот ќе ги покрие сите трошоци, таа не сакала, но тој бил упорен и успеал да ја убеди. Во весникот неколку месеци по ред излегувале статии во кои се зборувало дека таа ќе успее. "Кога ја видов водата си реков - Атина нема да успееш. Беше септември 1969 година. Водата ладна, а јас влегов во 6 часот и десет минути наутро. Ла Манш има многу силни струи. Месечевите мени траат по 24 часа и ако во вода ве затекне осека ве влече со таква сила што колку и да пливате стоите на исто место. Да не беа струите ќе испливав за 9 часа, но јас испливав за 13 часа и двесет минути. Бев премалена. Поради осеката не можев да излезам на означеното место туку продолжив да пливам понатаму покрај брегот. Откако излегов и застанав на нозе паднав како покосена", се присетува Атина на најголемиот успех во нејзината кариера. Таа вели дека филмот "Исправи се Делфина", снимен во чест на големиот успех, во кој нејзе ја глуми актерката Неда Арнерич е потполно автентичен на нејзините напори да го преплива Ла Манш. Атине се сеќава дека тогаш од Илустрована политика сакале да видат како ќе ја дочекаат во нејзиниот роден град. "Охриѓани ми организираа незаборавен дочек. Беа пресреќни што токму малата Ате, како што ме викаа, постигна таков успех. Имаше премногу луѓе, кои плескаа со рацете, извикуваа од радост, а имаше една група која на раце ја крена колата со која дојдовме. Тогаш Новак ми беше мал и се ислаши од целиот настан", раскажува Атина. Таа четири пати била светски првак во пливање. Двапати на Охридскиот маратон и два пати во Капри Наполи - Италија, а испливала и многу други маратони. Еден од најтешките вели дека и бил маратонот во Сојда - Бејрут. "Овој маратон беше 1962 година. Имаше огромни бранови, а пливавме навечер во темница, стартот беше точно на плоноќ. Двапати се изгубив. Од повраќање паднав во транс. Цел саат ме бараа со пишталки низ морето. Но бев решена да одам до крај. Или има нешто во мене или господ ме чува. Влеговме да пливаме 23, но завршивме само јас, малата македонка и еден крупен Египќанец. Тогаш претседателот на Либан ми даде орден за храбост, а тој маратон поради тоа што беше многу опасен не се одржа повеќе", вели Атина. По препливувањето на Ла Манш таа продолжила да живее во Белград се до 1981 година. Вели дека немале среќа со бракот, се развеле, а нејзе и излегла можност да отпатува во Америка. Таму прво работела како куќна помошничка, ги учела децата да пливаат, а на тие пријателства и денес со голема радост се сеќава. Во Америка таа и била инструктор по пливање и на познатата Барбара Стрејсент. "Работев на ранчот на Барбара на Малибу. Беше огромен, со пет куќи од кои едната мене ми беше дадена за престој. Таа ретко доаѓаше, а јас се грижев за имотот. Бев 'капо ди туту капи', имаше цела низа луѓе задолжени за одржување на имотот, а јас ги организирав сите нив, бидејќи кога ќе дојдеше Барбара се мораше да биде под конец", раскажува Атина. Иако имала големи можности за успех и во Америка, Атина морала да распродаде се што стекнала и да се врати кај синот кој дотогаш живеел со нејзиниот сопруг во Сараево. Сопругот починал и за да не остане сам нејзиниот син, Атина отишла да живее со него во Сараево. И таму веднаш ја прифатиле и нашла работа во пливачки клуб. Успеале и да си купат стан, но тогаш се случи војната и Атина повторно морала да се бори за да успее. Од 1996 година таа живее во Скопје и работи во пливачкиот сојуз и во организацијата на охридскиот маратон. Има тесен круг на пријатели без кои вели дека не би можела да живее, а од минатиот месец е во инвалидска пензија. Добила честитки за пензијата од сите сојузи и спортисти во Македонија, но не и од Пливачкиот сојуз од каде се пензионираше. Имала четири мозочни удари, но и нив успеала да ги победи и иако во март ќе полни точно шеесет години изгледа најмалку дваесет години помлада. "Сега живеам за синот. Живеам за да дојде недела бидејќи обично во недела ми се јавува телефонски од Вишеград, таму живее со девојката. Ќе го чујам, ќе ми го стопли срцево, а кога ќе го завршиме разговорот, знам дека ќе се изнаплачам. Тешко ми паѓа далечината, но издржувам за да успее тој", вели Атина за синот Новак кој поради работата останал да живее во Вишеград. Маја Илиевска http://www.vest.com.mk